Европа не е само име на решението, туку и име на проблемот (разговор со Младен Долар, 2)

25.11.2014 13:13
Европа не е само име на решението, туку и име на проблемот (разговор со Младен Долар, 2)

Смислата на филозофијата денес? Жижек вели дека е време да се откажеме од менувањето на светот и да тргнеме во повторно интерпретирање? Во која насока би можело да оди тоа?

Прашањето е премногу несмасно за да можам барем и малку задоволително да одговорам. Од една страна, филозофијата претставува гломазен академски погон, заедно со сите ритуали за преминување, трансмисија и самоперпетуирање, најчесто тоа е погон кој малку се врти во празно. Од друга страна, нема филозофија како единствено поле и проект, таа е раскината на многу подрачја и потфати, кои речиси немаат заедники именител. Голем пораст на когнитивизмот во англосаксонските држави, насоки кои на овој или оној начин се надоврзуваат, на постструктурализмот, постхајдегерската феноменологија, психоанализата, естетската рефлексија, обидите за ренесанса на марксизмот, феминизмот и општествените движења, новите политички теории, постсекуларното враќање на теологијата, културните студии – понудата е сосема дивергентна, тешко е да се пронајде заеднички именител.

Сакам да кажам дека со сето тоа е јасно дека мислењето е нешто што се случува многу ретко – она мислење кое навистина претставува некаков мисловен пробив. Ниту една од тие насоки не е групирана на одредено место, тоа може да изникне каде било. Не само во филозофијата туку и на друго место, во книжевноста, науките, политиката, во најразлични човечки ситуации. Кога ќе се случи мислењето, тоа на одреден начин обврзува, ги менува ситуациите во кои се создало, треба да се обидеме да ги следиме тие настани, да ја докажеме верноста. Во тоа е содржан одреден еклектицизам. Земете го Лакан: од една страна бил голем еклектик, земал од секаде, од големите филозофски традиции од Платон и Аристотел, преку Декарт, Кант и Хегел до Хајдегер и аналитичката филозофија, па од книжевноста, сликарството, политиката. Од друга страна, сите тие разновидни обврзувачки мисловни елементи ги надоврзувал на темелната црвена нишка на враќањето на Фројд, кон мисловниот настан што го претставува психоанализата. Накратко, подготвеност да се зема од секаде, а воедно и способност да се зачува јасната црвена линија.

Кога станува збор за извртувањето на славната реченица на Маркс од страна на Жижек, само толку: ако добро сме ја разбрале намерата на Маркс, тогаш на крајот на краиштата, изборот меѓу интерпретирањето и менувањето не е дилема. Интерпретирањето кое би требало да биде само надворешна интерпретација, не е вистинско интерпретирање, вистинско мислење. Мисловниот опфат има моќ да ги менува условите во кои се случува, а мисловниот опсег на Маркс ја имал таа моќ (и тоа многу повеќе отколку неговите, главно неуспешни обиди за политичко дејствување). Поинаку кажано: мислењето кое заслужува свое име е облик на дејствување, а дејствувањето е облик на мислење. Жижек полемизира против честите повици на активизам, кои најчесто се бегство пред мислењето кон делување, за потоа да се чувствува жалење за сопствената немоќ.

Ален Бадју пишува дека ни се потребни нови општи услови за вистината?

Бадју храбро опстојува во името на филозофијата, напиша Манифест за филозофијата. Таа издржливост никако не е саморазбирлива, зашто тука секако не се работи за голем академски погон на филозофијата, кој трае и не му се потребни манифести. Манифестот е една неакадемска форма. Бадју поаѓа од тоа дека најважните мислители од 19 и 20 век најпосле биле антифилозофи, почнувајќи од Маркс, Ниче и Фројд, па сè до Лакан. Некои од најважните мисловни настани се случиле со излегување од филозофијата, со барање пробив надвор од неа, и тоа се состоело во различните форми на преовладувачкото држење на постхегеловската филозофија. А токму тие антифилозофи Бадју сака да ги впрегне во својот нов проект за враќање кон филозофијата и, повеќе од тоа, враќање кон платонската вокација на филозофијата. Враќањето кон самата форма на филозофијата, која во постхегеловските времиња ја изгуби својата универзална форма. А со тоа и враќање кон вистината, кон поимот за вистина, кој првенствено во овие постмодерни времиња, но веќе и претходно со Ниче, е со слаб глас. Накусо, враќање кон филозофијата и враќање кон острицата на вистината на филозофијата, откако изгледаше дека сме се простиле од двете. А тоа не е можно да се изведе само со насочување кон традицијата и класичниот поим на вистината, туку само со изникнување нови услови за вистина. Имам многу симпатии спрема тој храбар проект, иако имам проблеми со реализацијата на Бадју, почнувајќи од неговата шематска анализа на четирите услови на вистината. Но, тоа би нè одвело предалеку.


Отаде фундаментализмот и глобализацијата


Кои теоретичари денес ги сметате за релевантни...

Нема да наведувам имиња, нека остане на тоа дека според мене треба да се учи од сите разновидни традиции. Со радост читам и користам многу различни автори, само ако во нив има духовна искра. Исто така, не поднесувам психоаналитичарски и лакановски книги, ако во нив недостасува таква искра. Како што реков, подготвеноста за еклекетицизам се одвива врз подлогата на верноста спрема одредени мисловни настани кои ме одбележаа; од една страна тоа е Хегел, од друга психоанализата и, пошироко, структурализмот. Притоа, мислам дека верноста никако не се состои во обично следење одредена доктрина или во нејзините позитивни претпоставки. Верноста е можна само во случај ако се обидуваш, во однос на денешното време, да го направиш истото што го создале тие автори, однесувајќи се спротивно од своето време. А тоа често значи дека нивните доктрини треба да се завртат на глава и да се променат.

Дали постои трет политички пат, со фундаментализмите и глобализацијата?

Повторно ме доведувате во незгода со своето премногу гломазно прашање. Зборувајќи набрзина, и политиката денес е нешто ретко, не се случува често. Сакам да кажам дека во дискусиите, на пример, има малку политичко во тоа дали Санадер или Милановиќ ќе успеат да состават коалиција. Станува збор само за прераспределба на моќта во рамки на постоечките актери и институции, па, ако едното ми изгледа подобро од другото, тогаш веќе навистина не се работи за политика, политика која би била способна да ја измени самата рамка, да ги промени актерите и да воведе нови, поинаку да го артикулира полето на силите, да ги доведе во прашање различните тивки консензуси. Она што загрижува не се конфликтите помеѓу различните политички опции, туку токму тоа поле на тивки консензуси, кое денес стана задушувачко. Тука постои простор за политички интервенции, отаде вештачките алтернативи помеѓу фундаментализмот и глобализацијата – бидејќи во таа дихотомија ми се чини дека двата члена имаат фантомска природа.

Како денес ви изгледа фамозниот Балкан? За сите народи кои се создале тука, веќе со векови, Балканот ги претставува оние другите. Овде константно умира кравата на соседот...

Балканот е парадокс. На границата помеѓу Австрија и Словенија ќе ви кажат дека Балканот почнува таму преку Словенија, на словенско-хрватската граница ќе ви речат дека Балканот почнува во Хрватска, на хрватско-српската граница се мисли дека Балканот е отаде нивната граница, на границата со Косово и Албанија Балканот повторно почнува отаде границата... Балканот е она што почнува зад границата, а ние овде сме последната станица на западната цивилизација. Ако така напредуваме кон исток, на крајот ќе дојдеме до Грција, најисточната балканска држава, која ете е токму колевка на западната цивилизација. Значи, западната култура е најбалканската од сите! Каде со Балканот? Гледајќи прагматично, нема друго непосредно решение од што побрзо вклучување на сите тие држави во Европската унија. Тоа барем би помогнало да се отстранат многу глупави конфликти. Но, од друга страна, и Европа е уште еден фантом, таа не е само име на решението, туку и име на проблемот.

Што работите во моментов?

Кога станува збор за понатамошните планови за книга, можам да ви го доверам само насловот: Офицери, слугинки и оџачари. Во својата прекрасна книга за повторувањето, Киркегор на едно место дискутира за предлогот целото човештво да се подели вкупно на три категории, офицери, слугинки и оџачари. Нему тој предлог му изгледал одличен, многу подобар од другите. И мене, барем како шлагворт.

(крај)

Кон првиот дел

Слики: Julio Larraz 

Избор и превод: П. В.

Извор: Зарез

ОкоБоли главаВицФото