Лаптоп за најбрзиот Фејсбук статус за земјотресот

30.05.2014 10:25
Лаптоп за најбрзиот Фејсбук статус за земјотресот

Скопје/Њујорк, 30 мај 2014

Силвана Мирковска (23) од Скопје ќе добие подарок лаптоп од компанијата Фејсбук, како награда за најбрзиот статус на оваа социјална мрежа поврзан со скопскиот земјотрес од пред неколку денови, проследен со големо невреме. Статусот на Силвана „Земјотрес!!!“ под кој ископирала линкови од неколку хитови со тој наслов го поставила точно 12 секунди откако се почувствувала сеизмичката активност.

Одлуката да ја награди Силвана со лаптоп ја донел лично Марк Цукерберг, кој бил одушевен од молскавичната реакција на македонските корисници на Фејсбук.

„Гледав телевизија дома, кога ме повика асистентот и ми рече дека нешто необично се случува во Македонија. Веќе навикнавме дека корисниците на Фејсбук во оваа земја се прилично активни, но го збунил фактот што помеѓу 23:05 и 23:30 по македонско време, зачестеноста на ставање статуси на Фејсбук во Македонија праснала за 512 отсто, а 93 отсто од статусите напишани во тој период го содржеле зборот 'земјотрес', чие значење брзо го утврдивме. Дури и научив да го кажам овој збор на македонски - 'сем-љоу-чтес'“, изјави Цукерберг во разговорот со нашиот дописник од Њујорк, додавајќи дека тој податок кај него предизвикал љубопитство да дознае кој бил најбрз во ставањето на статусот.

Првиот човек на Фејсбук вели дека неговите соработници веднаш ја контактирале Сеизмолошката опсерваторија при Природно-математичкиот факултет во Скопје, од каде што ги добиле сите детали поврзани со земјотресот од пред неколку денови. Цукерберг лично оформил Одбор чија задача била да открие кој прв поставил статус. По внимателна анализа на илјадници статуси, и споредување на времето на нивното поставување и податоците добиени од Сеизмолошката опсерваторија, заклучил дека Силвана Мирковска по 12 секунди на својот Фејсбук профил имала статус придружен со соодветни линкови. Марк Цукерберг се воодушевил од брзината на оваа девојка и одлучил да ја награди со лаптоп.

„Силвана покажа не само брзина, туку и развиена свест за другите. Додека луѓето од генерацијата на нашите родители во слични ситуации би се грижеле за спасување на себеси и домашните, Силвана, илјадници нејзини сонародници, но и милиони млади ширум светот, на прво место ги ставаат своите Фејсбук пријатели. Да се сподели веста за земјотресот со вашите Фејсбук пријатели кои во тој момент го чувствуваат истото што и вие, но и со пријателите кои се далеку и немаат претстава што се случува со вас, е еден од најнесебичните и најблагородните гестови во денешното општество“, изјави Цукерберг, не криејќи ги емоциите. Тој додаде и дека неговите соработници откриле дека една девојка од Скопје напишала „Земјотрес!“ десет секунди по потресот, но сепак се определиле наградата да ја добие Силвана, бидејќи нејзиниот статус содржи и линк, па со самото тоа има и поголема тежина, а истовремено се напишани три извичници, додека неименуваната девојка имала само еден.

Репортерот на Пара вести ја посети Силвана Мирковска, која вели дека е одушевена од веста за наградата, бидејќи „нејзината канта е сосема дотраена“.

„Се спремав да си легнам и само што сакам да напишам 'паѓам у кома', го почувствував потресот. Сигурно ми требаа 2-3 секунди да сфатам за што станува збор, па потоа напишав „Земјотрес!!!“. За среќа, на другото прозорче ми беше отворен Јутјуб, па додека го пишував статусот, се сетив на два-три хита, па веднаш ги копирав линковите. Некаде во тој момент во собата влета мајка ми во пижами и врескаше да се тргнам од прозорецот и да застанам покрај носечки ѕид, ме повлече за рамото и малку фалеше да го промашам копчето 'share'“, вели Силвана, напоменувајќи патем дека оваа вест ја направила позната и дека во последните три часа добила повеќе од 30 „френд риквести“.

Извор: www.njuz.net

ОкоБоли главаВицФото