Апо

11.01.2010 14:01
alighator.jpg

Секоја светска митологија, од најстарите па сè до најтазе митологиите, си има добри и лоши чичковци. Првите (речиси) секогаш се луѓе, херои и бестрашни, а вторите (речиси) секогаш се нелуѓе, животни и монструми (и буквално и фигуративно).

Во Македонија децата биле плашени со „апото“. Нема чепкање во струја зашто таму се крие апото. Нема одење во подрум зашто е темница и таму се крие апото. И со тоа многу лесно може да се контролира детето. Ако сакаш да не направи нешто, поврзи го тоа место или дејство со некое митско суштество коешто никој го нема видено, но сепак постојат преданија и легенди што кажуваат за неговата суровост, посебно насочена кон љубопитните деца.

Ал Каеда е светското апо од септември 2001. Штом се случи нешто, Ал Каеда е виновна. Од нешто непостоечко до 11-ти септември 2001, Ал Каеда прерасна во најдобро развиената терористичка мрежа на светот која успешно ги избегнува светските разузнавачки служби и има за цел ширење страв и ужас меѓу цивилното население. Иако на почетокот изјавите на поранешниот (???) платеник на ЦИА, Осама бин Ладен (главниот фраер во Ал Каеда), укажуваа на некаква политичка цел – отстранување на американското влијание на Блискиот исток – со тек на време престана пренесувањето на политичките цели на терористите во западните медиуми. Тука може да се спори дали станува збор за заташкување од страна на медиумите/властите, молк на Ал Каеда или некаков си заговор на ЦИА, но бидејќи немам конкретни информации ќе се задржам на она што го знам.

Последниот случај со нигерискиот државјанин повторно ја покрена јавната дебата на запад на тема Безбедност. Обама, добитникот на ланската Нобелова награда за мир, кажа дека сме во војна и повика на што поскоро воведување на новите безбедносни мерки на американските аеродроми, мерки вредни една милијарда долари. Според еден сајт, само војните во Ирак и Авганистан, досега ја чинат американската влада преку 900 милијарди долари. Со 0,1% од тие пари, Македонија ќе може да изгради еден тон скулптури, фабрики и фарми. Со 1% ќе може да си ги откупи продадените капацитети – и плус ќе останат доволно пари за нивна модернизација. Но со сета таа сума – нека се и само оние една милијарда за новите безбедносни мерки – ќе може да се решат некои од проблемите на Блискиот исток што овозможуваат создавање на самоубиствени бомбаши. Верскиот фанатизам игра минимална улога во тероризмот. Еден од аргументите против Садам Хусеин, уште во 2001, пред 11-ти септември, беше дека донира по 10 илјади долари за семејствата на самоубиствените бомбаши во Палестина. Мислам дека дури и за македонски стандарди 10 илјади долари се малку за самоубиствен бомбашки напад – што мене ми кажува дека на тие луѓе (и воопшто на Блискиот исток) им е многу полошо отколку на нас. Всушност, не броејќи го бин Ладен – кој потекнува од богато семејство – не сум чул за терорист или бомбаш самоубиец што бил богат.

Меѓутоа, Ал Каеда никогаш не зеде замав кај нас (ниту фактички, ниту како апо). Дури и по најновата сензација. И покрај тоа што Македонија е дел од окупаторските сили во Авганистан и Ирак. И покрај тоа што, како туристичка дестинација за 2010, се котиравме на (според мене) високото 31 место во Њујорк тајмс. Причината за тоа е јасна: ние си имаме наше апо – опозицијата. Што ќе ни е Ал Каеда кога ја имаме опозицијата? (Намерно велам „опозицијата“ а не „СДСМ“ затоа што истиот муабет се тераше и од 2002-2006 – иако не со толкав интензитет.)

Уставниот суд повторно е на тапет како експозитура на опозицијата. Само зашто стопирал спроведување на некој закон чија уставност ја преиспитува во моментот. Се најавија протести на полицискиот синдикат, а премиерот веднаш го поврза делувањето на Уставниот суд (заради „шепнувањето од партијата што ги назначила“ судиите) како главен причинител за сите протести, проблеми и штети во Македонија.

 Тоа значи дека ако нешто не ви е океј, ако имате некој проблем со делувањето на власта, ако имате приговори и забелешки – колку и да се добронамерни – тогаш сте дел од опозицијата. „Ако не сте со нас, тогаш сте против нас“. Со таквиот став премиерот става крај на секаков дијалог на релација граѓани-власт. Не ме чуди и не е прв пат некој член на владеачката партија да изнесе сличен став во јавноста. Најверојатно нема да биде ниту последен, со оглед на бурните реакции на секоја инсинуација дека го губат рејтингот кај јавноста.

Но она што мене ме плаши е подготвеноста на луѓето да се откажат од некои работи само заради лажното чувство на безбедност од апото. Во САД Патриотскиот закон им овозможува на властите буквално да ги укинат човековите права за секој што е осомничен за тероризам, додека патувањето со авион значи темелен претрес на аеродромите, а во Велика Британија има камери по улиците. Случајот со Нигериецот, како и незначителното намалување на криминалот во Британија укажуваат на тоа дека сите тие мерки за безбедност не се доволни за спречување на Лошите чичковци. А сепак ќе се воведуваат нови и нови мерки за „безбедност“.

Лично, се трудам да не живеам во илузија дека постои нешто како (доволна) безбедност. Знам дека денеска/утре/за 10 години може да удри земјотрес или да се случи поплава или да почне Трета светска војна. Знам дека не постои такво нешто како (апсолутна) сигурност. Исто како што знам дека и сите непушачи, исто како и пушачите, ќе умрат еден ден.

Апото не постои. Има само луѓе со агенди.

ОкоБоли главаВицФото