Се раѓа ли нова империја на злото?

26.07.2014 23:06
Се раѓа ли нова империја на злото?

Слободно може да се каже дека почетокот на крајот на авторитарната власт во Москва е детерминиран со двe неславни собитија кои, несомнено, ќе останат запаметени во руската историја – заземањето на Крим и уривањето на авионот на дестинација Амстердам-Куала Лумпур.

Носителот на таа власт, Владимир Путин, е мајстор за создавање инерција во тековните процеси, и конечниот пад на режимот треба да се бара длабоко во ова или во текот на идното десетлетие. Путин не е ниту визионер, ниту пак одличен стратег, како што се сметаше за време на епопејата со Крим. По трагедијата со уривањето на малезискиот авион над Донецката област кај селото Грабово и загинувањето на 298 невини луѓе, повеќето Холанѓани, но и Британци, Австралијци, Индонезијци, воопшто припадници на нации од пет континенти (меѓу кои и 80 деца), тој во средата рано наутро, во за него необично обраќање до нацијата во еден часот по полноќ, се покажа како немоќен и исцрпен човек.

Додека подоцна, на вонредниот состанок на националниот совет за безбедност, неговата ранливост се трансформираше во нееднозначност дека навистина сака да дејствува кон окончување на војната во источна Украина. Многу се има пишувано за трансформативните способности на рускиот претседател, за неговата манипулативна моќ, грижливо посадена и одгледувана од пропагандно-информацискиот апаратус на Кремљ, која ги зароби срцата не само на Русите, туку и на уште некои европски народи, да не одиме подалеку, како српскиот и македонскиот, на пример, кои во Путин гледаат своевиден благ диктатор. 

Така, ден по неговото обраќање на советот, стигнаа извештаи дека се зголемиле испораките на оружје. Никакво запечатување на руско-украинската граница по должина на завојуваната територија, како што најавуваа некои набљудувачи, не се случи. Врвот во Москва добро знае дека ако целосно ги евакуира своите наемници од Донецката и Луганската област, Украина и Запад веднаш ќе го побараат назад и Крим.

Ова е погледот одвнатре. Но, каква е перцепцијата кон руската власт и Русија однадвор. Станува јасно дека за Русија, за рускиот народ и за неговата власт ништо нема да биде исто по паѓањето на „летот 17“, парафразирано од настаните што следуваа по судбоносниот 11 септември 2001. И тоа е така бидејќи се потребни сериозни промени и во надворешната и во внатрешната политика на Москва, за светот, и посебно западната цивилизација, да гледа на Путин така како што гледаше пред 17 јули 2014.

Два дена по трагедијата, откако Холанѓаните и другите Европејци се созедоа од првичниот шок, насловните страници на главните европски гласила прикажуваа горчливи наслови. „Путинска ракета“, „Путин го уби мојот син“, „Одредите на Путин соборија авион“. Ова траеше неколку денови, и без разлика какви ќе бидат официјалните резултати од истрагата за соборувањето на авионот (иако главната верзија на Запад е дека проруските милитанти, т.н. ополченци, истрелале советска земја-воздух ракета, и, мислејќи дека собориле украински воен, се вџашиле кога виделе дека тоа е странски патнички авион), овие наслови ќе останат во историјата и „во општествената свест на многу земји тоа ќе биде доволно Путин да го зазеде она место што до него го заземаа Моамер Гадафи и Садам Хусеин. ‘Кој е тој Путин? Зарем не помните, оној доктор Зло, кој собори еден патнички авион?’ – така отсега ќе ги учат децата на Запад“, напиша рускиот новинар Олег Кашин.

И додека неодлучната ЕУ сè уште мери и не знае колку да пресече околу воведување нови, проширени санкции против Москва - се очекува решението да падне на Советот на министри во четвртокот - јавноста стана згрозена од извештаите за сквернавење на телата на патниците од страна на ополченската милиција. Од тоа како таа ги спречуваше набљудувачите на ОБСЕ да дојдат на теренот, додека телата на загинатите, што ударот на ракетата ги расфрли на десетина километри територија, беа со денови изложени на јулското сонце. Западни и руски новинари од теренот јавуваа дека чантите и паричниците на многу од патниците биле испразнети и дека вредните предмети биле собирани од пљачкосувачите. 

Што се однесува до санкциите, британскиот премиер Дејвид Камерон најави селективно замрзнување на сметките на руските олигарси кои го користат Лондон како свое „игралиште“, а за кои се смета дека се блиски до Кремљ, како Роман Абрамович, Алишер Усманов или Олег Дерипаска. По ова, многу руски магнати што поседуваат свој имот и капитал во Лондон, започнаа да ги повлекуваат своите активи од земјата. Но, тоа не е сѐ. Претставник од Христијанскo-демократската унија на Ангела Меркел предложи Русија да се лиши од правото на организација на Светскoто фудбалско првенство во 2018 година. 

Во меѓувреме, воените дејствија помеѓу ополченците и украинските регуларни сили се обновија. Армијата сака да го искористи моментот на политичка слабост на ополченците, кои се чини дека се во некаква лимбо ситуација (неизвесно е колку Москва ќе издржи да ги помага под товар на западната осуда, критиките и зловолието на јавноста против Русија) и настапи со офанзива и стегање на обрачот. Изминативе денови се јавуваше за неколку загинати цивили откако во спалните реони на Луганск во вторникот беше стрелано од артилериско оружје, но не беше потврдено од чија страна.

Важно е да се напомене дека интелектуалните и креативни кругови во Москва и Петербург беа затекнати од паѓањето на авионот и живо дискутираат за тоа какви ќе бидат последиците од судбоносниот настан за оваа и идните генерации. Во околности на преминување на Локерби линијата, како што забележа еден руски историчар, алудирајќи на либиското државно спонзорирано уривање на патничкиот авион кај Локерби во 1988 на летот „103“ на „Пан-Ам“ од Лондон до Њујорк, руската интелектуална елита стравува дека во јавната свест на западните општества Русите ќе останат терористи, а нивната земја „империја на злото“

Потенцијалот на промените што се потребни да се „излекува“ страшно настраданиот имиџ на земјата и на нејзиниот претседател на Запад е рамен на оној на револуција. Но, како што кажавме, Путин е инертен тип на политичар, тој од дното на душата мрази какви било револуции. „Тој е конзерватор, и како таков нема да биде способен да преземе чекори од таков размер. Затоа, не гледам никакви премиси за подобрување на неговиот меѓународен имиџ“, изјави политичкиот аналитичар Станислав Белковски, кој се смета за извонреден познавач на Кремљ и на ликот и делото на Путин. Претседателот, вели тој, е соочен со целосна меѓународна изолација, што од друга страна противречи на неговиот светоглед. „Тој сакаше да стане член на елитниот клуб на светски лидери. И денес неговата животна стратегија е скршена.“

По можната одлука за замрзнување на сметките на руската олигархија во Лондон, такви санкции ќе станат возможни и во другите земји, а токму на тоа се крепи голем дел од легитимитетот на власта – на благосостојбата и процутот на руските елити во странство, посебно во Европа. Оттука, се поставува прашањето дали сите овие санкции можат да влијаат на решенијата на Путин?

Во колумна за магазинот „Сноб“, Белковски пишува дека сегашната ситуација за претседателот е неверојатно болна и драматична. „По загубата на Донецката и Луганската област ќе се постави прашањето за враќање на Крим. Но Путин тоа нема да го направи затоа што тоа би било политичко самоубиство.“ Според него, рускиот лидер ќе инсистира на директни преговори со САД и со претседателот Барак Обама во однос на судбината на Украина. 

Сепак, САД кои сметаат дека Украина е независна земја чија судбина е во рацете на Украинците, нема да се согласат на такви преговори. „Путин се наоѓа во ситуација на зугцванг (изнуден потег во шах), но не е факт дека самиот ќе плаќа за ќорсокакот. По сè изгледа, тој ќе биде принуден да оди на агресивни решениjа за да си создаде простор за претстојните маневри. Какви се тие решенија, ниту тој самиот не знае, бидејќи Владимир Путин е од оние политичари кои важните одлуки ги донесуваат во последен момент“.

Извор: Слободен печат, 25.07.2014.

Слични содржини

Свет / Став

ОкоБоли главаВицФото