Медиумите не го разобличија спинот околу наградата за Иванов

12.08.2014 09:01
Медиумите не го разобличија спинот околу наградата за Иванов

Под наслов “Иванов: Американската награда за слобода е потврда дека Македонија е позитивен пример во регионот“, МРТ ја пласираше информацијата дека Претседателот Ѓорге Иванов ја доби американската Награда за слобода

Информацијата е пренесена во скоро сите медиуми во Република Македонија без поголеми варијации (Нова, Канал 5, Сител, Алфа ТВ, Тера…)

Зошто оваа информација може да биде идентификувана како дезинформација.

Прво, дел од медиумите подметнуваат дезинформација со тоа што наградата ја нарекуваат американска. На ваков начин се добива впечаток дека станува збор за државна награда доделена од страна на Соединетите Американски Држави. Наместо насловите од типот “Иванов: Наградата на слободата покажува дека Македонија е позитивен пример во регионот“, да се кажело, наједноставно: награда од американски институт или слично „спинот“ би бил избегнат.

Всушност, станува збор за награда воспоставена во рамките на една приватна институција American Institute on Political and Economic Systems (AIPES) формиран во Прага од страна на Фондот за американски студии.

Впечатокот за официјалноста на наградата е засилен со пренесувањето на изјавата на Ѓорѓе Иванов, според кој

Оваа награда не е моја лична, туку е и награда за Република Македонија, бидејќи се препознаени сите реформи, се она што го прави Македонија за да има успешна економија

Фактички, наградата нема никаква врска со Македонија како држава, туку е награда на една приватна институција која во делувањето на Ѓорѓе Иванов како претседател на државата препознава промоција и застапување на вредности зад кои стои самата приватна институција.

Второ, ниту еден од медиумите (во своите електронски изданија) не дава линк (врска) до институцијата која ја доделила наградата. На тој начин не се идентификува соодветно давателот на наградата. Наместо ова, во сите медиуми се појавува истоветна информација за фондот/институтот кој ја доделува наградата.

Престижниот фонд, со седиште во Вашингтон, формиран во 1967 година, организира програми за студенти од САД, Европа, Блискиот Исток, Азија и Латинска Америка чии интереси вклучуваат сфери како политички лидерства, новинарство, надворешни работи, бизнис итн.

Ова и вакво објаснување не е доволно граѓаните да добијат претстава за институцијата за која станува збор и посебно за вредностите кои ги промовира и застапува.

Со само малку „копање“ се доаѓа до историјатот на фондот во кој се дадени причините за неговото формирање во 1967 година.

ТФАС е формиран во 1967 како одговор на политичките и социјални немири од 1960-тите. При крајот на декадата, имаше широко распространети протести за владината политика и еродираше довербата во американскиот систем на владеење. Ова посебно се однесува на факултетските студенти од тоа време. Контракултурата и многу младински движења од 1960-тите не само што ја негираат американската политичка традиција, туку исто така активно работеа на поткопување и уништување на идеите и принципите врз кои е изградена Америка.

Тоа значи дека фондот е формиран со цел да се спротистави на идеите, барањата и вредностите зад кои застанале илјадници студенти во САД и низ светот. Ова е секако многу интересен податок ако се има предвид дека студентските протести од шеесеттите години всушност претставуваат протести за поголема социјална правда, протести против дискриминацијата, протести за родова еднаквост, мировни протести против војната во Виетнам, протести за поголеми граѓански права, (Универзитет на Северна Каролина, Универзитет Џорџија, Колумбија Универзитет, …).

Да се потсетиме, 1960-тите беа сведоци на процутот на движењето за граѓански права, движењето за правата на жената, создавањето на системот на здравствено осигурување за луѓето над 65 години старост и за помлади луѓе со попреченост и различни други потполно застрашувачки закани за основните принципи на Америка, како на пример рокенролот.

Ако се има предвид вредносниот систем кој го промовира и застапува оваа приватна институција, сосема поинакво значење добива објаснувањето зошто баш Ѓорѓе Иванов е добитник на наградата за 2014 година.

На МРТ е дадена изјавата на Стив Слетери, претседател на Фондот за американски студии, според кој

Членовите на бордот на Фондот за американски студии ги следи лидерите во централна и југоисточна Европа и бара личности коишто имаат исти вредности како и нашата организација.

Ова мора да биде разјаснето, дотолку повеќе што написите со наслов “Реформите ја доведоа државава поблиску до европските стандарди“ даден во Вечер, имплицира стандарди кои соодветствуваат на стандардите на ЕУ, што е во најмала рака дискутабилно. Во секој случај, релативно јасно видливо е дека се работи за свесен „спин“.

Трето, само во еден медиум (Окно) е направена корелација меѓу објаснувањето за причините заради кои му е доделена оваа награда на Претседателот Ѓорѓе Иванов (Макфакс)

„Претседателот Иванов предводеше политички реформи, што доведоа до подобрување на судскиот систем, промовираа транспарентност и ја намалија корупцијата. Овие политички и економски реформи ја доведоа Македонија поблиску до исполнување на стандардите за пристапување во Европската унија. Во полето на регионалната соработка на политички и економски план, претседателот Иванов значително ги прошири дипломатските врски на Македонија, одржувајќи над 200 билатерални средби со шефови на држави и повеќе од 150 средби со премиери и шефови на дипломатии“, рече Вилијам Бил Хибл, претставувајќи ја наградата за претседателот Иванов.

и реалноста во Република Македонија. Под насловот “Наградата за слободата на Иванов има помалку смисла отколку наградата на Кју Клукс Кланот за расна толеранција!“

Прво, претседателот Иванов е награден за остварувања во области во кои тој нема ниту минимални ниту уставни ниту реални политички компетенции и моќ. Какво намалување на данокот, какво подобрување во јавното образование, какво намалување на невработеноста!

Второ, сите наводи од образложението се фактички неточни и, на фонот на реалните случувања, на луѓето во Македонија и на добрите познавачи на ситуацијата им се испраќаат како волшебни фалсификати кои ги потценуваат до крајни граници остатоците од здравиот разум во Македонија!

Трето, речиси за сите точки има дијаметрално спротивни оценки на сите релевантни фактори на меѓународната заедница, вклучително Европската унија, ОБСЕ, Стејт Департментот, Светска банка!

Медиумите не треба само да пружат информација (целосна, проверлива и соодветна), па дури не само да не подлегнат на „спинувањето“, туку и да ги „деспинуваат“ вестите, да понудат анализа која ќе овозможи контрола над власта, која ќе ја намали можноста за манипулација со јавноста и која ќе отвори врата за поширока дебата за суштински прашања поврзани со вредностите кои ги промовираат и застапуваат тие кои ја водат државата.

Оваа анализа е изработена во рамките на Проектот на УСАИД за зајакнување на медиумите во Македонија – Компонента Сервис за проверка на факти од медиумите, имплементирана од Метаморфозис. Анализата e овозможенa сo поддршка на Американската агенција за меѓународен развој (УСАИД). Содржината на анализата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, УСАИД или Владата на САД. За повеќе информации за работата на УСАИД во Македонија, ве молиме посетете ги веб-страницата (http://macedonia.usaid.gov) и Фејсбук-страницата на УСАИД (www.facebook.com/USAIDMacedonia).

Слики: Свирачиња

Слични содржини

ОкоБоли главаВицФото