Иванов во Собранието на РM: Што кажа, што не кажа и зошто

24.12.2014 10:11
Иванов во Собранието на РM: Што кажа, што не кажа и зошто

Медиумите известија за говорот на Претседателот на државата одржан пред Собранието на Република Македонија.

Говорот на Претседателот на државата пред Собранието има исклучително големо значење и претставува еден од реперите на функционирањето на демократскиот систем, кој во себе го содржи принципот на checks and balances (меѓусебна проверка и контрола на одделните столбови на власта).

Дел од медиумите информираа за различните видувања на партиите (Партиите за говорот за Претседателот, Милошоски: Претседателот Иванов се поставува како вистински државник). Дел од медиумите направија преглед на одделните поенти од говорот на Претседателот (Дијалогот да биде клучен збор во 2015 година, Иванов: Пред 7 месеци ги поканив политичките лидери на разговор, не се одзваа), додека дел од медиумите посебно внимание посветија на отсуството на опозицијата, дел од партиите во власта и на дел од верските заедници (ДУИ бојкотираше, за ВМРО-ДПМЕ Иванов е стабилен политичар). Мал број медиуми се задржаа единствено на деловите од говорот кои насочени, пред сè, кон опозицијата (Иванов: Политичка манипулација ја извртува вистинската слика за соживотот, Иванов: Kрајно неодговорно политичко однесување е одбивање разговор за интересите на државата). „Радио Слободна Европа“ е еден од ретките медиуми што се обидуваат да го сумираат излагањето на Претседателот и да дадат краток преглед на спротиставените мислења за говорот на Претседателот.

„Во годишното обраќање Претседателот Ѓорѓе Иванов се осврна на опозициските пратеници, ЕУ и НАТО, а со тоа и на Атина, потоа на актуелните состојби во образованието, медиумите, судството.“

КАДЕ СЕ БЕЗБЕДНОСНИТЕ ПРАШАЊА

Според Уставот на Република Македонија, Претседателот на државата има должност да го известува Собранието за прашања од неговата надлежност најмалку еднаш годишно. Ова известување не е класично поднесување извештај (затоа што Претседателот на државата не е орган на Собранието), меѓутоа има карактеристики на извештај поради тоа што Собранието има можност да го повика на одговорност Претседателот и да побара утврдување на неговата одговорност од страна на Уставниот суд.

Тоа значи дека во својот говор Претседателот треба да ја извести јавноста (преку обраќањето пред Собранието), за тоа што го правел, зошто го правел, како го правел, во согласност со надлежностите кои му се дадени во Уставот.

Во оваа смисла, медиумите треба да се заинтересираат, прво, зошто во својот говор Претседателот на државата не се задржа на безбедносните прашања (кои претставуваат негова директна и најголема надлежност). Имено, во својот говор Претседателот не посочува ниту една конкретна безбедносна закана со која се соочила Македонија во изминатиот период, не дава процена на безбедносната ситуација во Македонија и не ги анализира конкретните резултати од преземените мерки. Уште поинтересен е фактот дека Претседателот со ниту еден збор не ја спомнува човековата безбедност (како посебен аспект на безбедноста во една држава), ниту, пак, влијанието врз безбедноста на државата на зголеменото незадоволство на граѓаните манифестирано преку многуилјадни демонстрации.

Интересна медиумска анализа може да се направи на обидот на Претседателот да ја заобиколи својата улога на контролор на останатите два столба на демократското владеење.

Претседателот има влијание врз правосудниот систем (со тоа што предлага двајца членови во судскиот свет и двајца членови во Уставниот суд на Република Македонија). Ова подразбира потреба од посебен извештај на Претседателот за начинот на работење на судството и на Уставниот суд и за неговиот удел во постигнатите резултати, односно, негативни трендови идентификувани во извештаите за Македонија. Влијанието на Претседателот врз правосудниот систем е засилено и со правото да дава помилувања. Медиумите треба да се заинтересираат кому и заради што е дадено помилување во изминатиот период и зошто Претседателот не ја спомнува оваа своја надлежност во годишното известување пред Собранието/граѓаните на Република Македонија.

ОТСУСТВО НА ПЕРЦЕПЦИЈА ЗА СОПСТВЕНАТА ОДГОВОРНОСТ

Претседателот има можност да влијае и врз законодавната власт. Уставното право да не го потпише указот за прогласување на еден закон претставува моќно орудие во рацете на Претседателот да го адресира проблемот на несоодветната процедура во носењето на законите и злоупотребата на скратената постапка која оневозможува партиципација на граѓаните. Медиумите треба да се заинтересираат за тоа зошто Претседателот во своето известување пред Собранието не дава отчет за тоа како ја искористил оваа алатка на својата функција.

Медиумите посебно внимание треба да посветат на тоа дали Претседателот на државата ја спомнува својата одговорност. Имено, смислата на целокупното известување пред Собранието е поврзано токму со одговорноста на Претседателот пред граѓаните. Исклучително важно за медиумите е да го анализираат отсуството на перцепција на Претседателот на државата на сопствената одговорност за конкретните случувања и состојби во државата.

Говорот на Претседателот треба да се анализира од страна на медиумите. Детално и повеќеслојно. Говорот на Претседателот на државата не е вест од еднократен интерес, туку извор на сознанија за суштинските движења во општеството и за функционирањето на демократските институции. Медиумите треба да им понудат на граѓаните објаснувања, толкувања и вреднување на говорот на Претседателот. И треба да го искористат овој говор за директни прашања до Претседателот за нештата кои ги кажал и кои не ги кажал.

Оваа анализа е изработена во рамките на Проектот на УСАИД за зајакнување на медиумите во Македонија – Компонента Сервис за проверка на факти од медиумите, имплементирана од Метаморфозис. Анализата e овозможенa сo поддршка на Американската агенција за меѓународен развој (УСАИД). Содржината на анализата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, УСАИД или Владата на САД. За повеќе информации за работата на УСАИД во Македонија, ве молиме посетете ги веб-страницата (http://macedonia.usaid.gov) и Фејсбук-страницата на УСАИД (www.facebook.com/USAIDMacedonia).