Што е главниот проблем на СК014

27.08.2014 10:27
Што е главниот проблем на СК014

Критичарите на лудачкиот проект СК014 не можат да се сложат околу една многу важна работа: кое зло во тој „проект“ е најголемо? Речиси сите се согласуваме дека СК014 е деструктивен и глупав потфат, по многу основи, но не постои консензус околу тоа што таму е најстрашно.

За пригодава ќе издвојам три клучни пункта на критиката на СК014:

1. Тоа е пљачкашки, гангстерски проект во кој даночните пари се крадат преку билдање на цените и до над десет пати поголеми од реалните (на пример, споменикот на Скендербег чинеше околу 70.000 евра; слични такви споменици во рамките на СК014 чинат над еден милион евра);

2. Тоа е екстремно недемократски проект кој низ сосема произволни и автократски процедури (на пример, низ бескрајни менувања на Главниот урбанистички план) ги уништува јавните простори во централниот дел на градот (на пример, уништени се повеќе од десет паркови само во центарот на Скопје);

3. Во естетска, материјална и културно-политичка смисла (која ги допира и прашањата на идентитетот) проектот не само што е без вкус и служи за планетарен мајтап, туку зборува за длабока и непоправлива психопатологија на неговите автори.

Попрагматичните критичари главно се задржуваат на првите две точки. Самиот спаѓам меѓу помалобројните за кои третата точка е најважна бидејќи токму во тој аспект се крие специфичноста на македонскиот културен и политички миг. Деструктивноста на тој манијачки проект можеме да ја ублажиме само ако во него најпрецизно го расчлениме она што е опасно, погрешно и лудо. Оти, големо пљачкање на народните пари има сегде. Уништувањето на јавни простори, особено во големите градови, исто така е глобален проблем. Но, лудилото на СК014, според мене, длабоко ги надминува и уништувањето на јавните простори и простата пљачка (која, додуша, во нашиот случај баш и не е проста; на Запад обично се краде, низ провизии и корупција, до 20% од трансакциите; во регионов тендерите и зделките се билдаат и до 100% од реалните цени; кај нас, особено низ СК014, од државниот буџет се краде и над 1000% по зделка). Неверојатниот фушерај со кој се изведени делата на СК014 (особено зградите) исто така е неодминлив дел од третата критичка точка: СК014 како длабока навреда не само на естетските начела, не само на идентитетските чувства, туку и на најпростиотиот разум.

Низ СК014 ни се случи, како на општество, една банда („Фамилија“), преку одредување на највисоките политички и културни стратегии да ни ја определува секојдневната реалност. Ни се случи не само киднапирање на градот и државата од страна на лешпери, туку ни се случи киднапирање на целата култура и на сликата на реалноста. Допуштивме ајвани, акмаци и токмаци, со цел да си се бендисаат, националната култура да ја претворат во разубавувачки-изобличувачки огледала, како во луна парк. (А заправо, со сите свои постапки груевистите како само да ја потврдуваат приказната која на Македонците цел век им ја повторуваат сите соседни негатори: Македонија нема културен супстрат; Македонија е вештачки политички проект. Кардинален доказ за тоа токму е сегашната лунапарковска шапшалана на тронот.)

На едно место во романот „Затворениот остров“ на Денис Лихејн (според кој Скорсезе 2010 направи интересен нео-ноар филм, Shutter Island, со Леонардо Ди Каприо) ликовите си прават муабет за хидрогенската бомба, која настанува во истото време кога се случуваат романот и филмот, во педесеттите години на 20-иот век: „Кога ќе испуштиш бомба, дури и атомска, таа експлодира. Но, хидрогенската бомба имплодира. Се урушува самата во себе, т.е. минува низ цела низа внатрешни колапси. Не престанува да се руши. А целото тоа рушење предизвикува маса и густина. Се раѓа, значи, едно сосема ново чудовиште. Колку е поголем крахот, толку е поголемо саморазурнувањето. Во своето исчезнување, чудовиштето се шири. Од својата имплозија тоа создава експлозија која е стотина пати, илјадници пати посилна од која било бомба во историјата.“

Зборот ми е: за македонското општество СК014 (суштината на груевизмот) е хидрогенска бомба. Општеството имплодира, се руши самото во себе, минува низ цела низа внатрешни колапси и не престанува да се руши. Колку е поголем крахот, толку е поголемо саморазурнувањето.

Иако, мора да се признае, ни во оваа точка груевизмот не е оригинален феномен. Нудењето спектакли, споменици и колосални идентитети наместо реални и самокритички себесогледби е раширен спорт. Нудењето анестетика наместо естетика е глобален феномен што ги обединува ноторните деспотии и софистицираните медиумски контролирани општества. Груевизмот е комбинација од ориентална сатрапија и мала медиумска империја (ала Берлускони или Ѕинго). А СК014 е малиот вештачки град, свет, космос, нашиот автентичен „Труман шоу“. Но, пак ќе повторам: сите груевистички градежни потфати се направени екстремно фушерски - и по тоа груевизмот навистина е посебен феномен; спојот меѓу колосалните намери и шкарт изведбата е специфика на груевизмот.

Во секој случај, престојот во тој халуцинантен а фушерски космос, живеењето во општество целото стуткано во светкава стаклена снежна кугла, подразбира безвременост, т.е. трајна сегашност. Затоа природата на повеќето жители на груевистичкиот космос е - марионетска. Затоа главните актери на груевизмот, како кукли во нечија инсценација, се „битија со својства на актуелитетот, а не на интегритетот“. Како што добро забележува новинарот Виктор Иванчиќ, нивниот морален, интелектуален и политички рефлекс секогаш над сè е актуелен, „трајно моментен“, лишен од баластот на непосредното минато и неоптоварен од иднината. „Тоа значи дека тие се оспособени да конвертираат дури и на дневна основа, па и почесто, со леснотија со која средношколците ѝ се препуштаат на онанијата.“ СК014 токму е просторот („лишен од баластот на непосредното минато и неоптоварен од иднината“) создаден за тие луѓе, „битија со својства на актуелитет, а не на интегритет“.

Во светот на СК014, значи, не постојат послоевити димензии ни вредности; не постојат одговорноста, слободата, рамноправноста, правото, правдата... Всушност, постојат, но во стаклената снежна кугла во рацете на илузионистот. Постојат како што во рацете на тригодишни деца постојат пластичните лопатки, тенџерчињата и инјекциите.

Вака вели еден болничар во романот „Затворениот остров“: „Знаете, имам работено на неколку гадни места. Во затвори, вклучувајќи ги и оние со максимално обезбедување... Едно од местата беше и болницата за умно пореметени криминалци... Како и да е. Сешто гадно сум работел. Но местово! Овие овде самите си го напишале сценариото.“

Фотографиите се од филмот Shutter Island (2010)

ОкоБоли главаВицФото