Ве молам, не им помагајте на моите деца

02.09.2014 11:32
Ве молам, не им помагајте на моите деца

Драги родители од паркот,

Ве молам да не ги подигнувате моите ќерки на врвот од скаличките, особено откако пред малку им реков дека нема да им помогнам во тоа и ги охрабрив да се обидат сами.

Не седам овде, на цели пет метри од моите деца, затоа што сум премногу мрзлива за да станам. Седам овде затоа што не ги донесов во паркот за да научат како да манипулираат со другите и да ги натераат да ја сработат нивната работа. Ги донесов за да научат сами да ги прават работите.

Не се овде за да бидат на последната пречка, туку да научат да се качуваат. Ако не успеат самите во тоа, ќе го преживеат разочарувањето. Впрочем, ќе имаат и цел и поттик да ја достигнат таа цел.

Во меѓувреме, нека ги користат скалите. Сакам да им здосадат сопствените ограничувања и да се обидат да ги надминат со сопствен труд, без моја помош.

Не е моја работа - а сигурно не е ни ваша - да ги спречите моите деца да почувствуваат фрустрираност, страв или непријатност. Кога би го правела тоа, би им ја одземала можноста да научат дека тие чувства не се крај на светот, туку дека можат да бидат надминати или употребени во нивна корист.

Ако се заглават, не е моја работа да ги спасувам веднаш. Така би им ја одземала можноста да научат како да се смират, да ја проценат ситуацијата и да се обидат да се одглават самите.

Не е моја работа да ги чувам од паѓање. На тој начин би им оневозможила да научат дека паѓањето е можно, но дека вреди да се ризикува, и дека можат повторно да станат.

Не сакам моите ќерки да научат дека не можат да ги надминат пречките без помош. Не сакам да научат дека големите работи можат да се постигнат без напор. Не сакам да научат дека имаат право на награда и заслуги без труд.

Бидејќи - а ова може да ве изненади - ништо од тоа не е вистина. А ако за момент им дозволам да помислат дека е, не сум успеала како мајка.

Сакам моите ќерки да го запознаат восхитот по надминувањето на стравот и остварувањето на успех преку напор.

Сакам да веруваат во сопствените можности и да бидат самоуверени и одлучни во своите напори.

Сакам да ги прифатат своите ограничувања додека не откријат дека можат да ги надминат со сопствени сили.

Сакам да бидат способни да донесат сопствени одлуки, да развиваат сопствени вештини, да преземаат сопствени ризици и да излезат на крај со сопствените чувства.

И сакам да се качуваат на скалата без било чија помош, колку и да е добронамерна.

Затоа што можат. Го знам тоа. А ако им дадам малку шанса, и тие наскоро ќе го знаат тоа.

Така што, ќе ви бидам благодарна ако се повлечете и ме пуштите да си ја работам мојата работа овде, која главно се состои од одолевање на истите оние нагони кои вие ги задоволувате, гризење на јазикот секој пат кога сакам да викнам „внимавајте“ и свесната, тешка одлука да се повлечам наместо да дотрчам.

Како што ќе растат, пречките само ќе стануваат сè повисоки, пострашни и потешки за искачување. Не знам за вас, но јас попрво би им помогнала да ги стекнат вештините сега, кога грешката значи само џумка или одрано колено кое може да го излечи бакнеж, кога и највисокото брдо може да се освои со бодрење со тупаници, и додека оние пет метри меѓу нас и понатаму делуваат како голема оддалеченост.

Извор: Almeda Patch
Слики: Ендрју Макара

ОкоБоли главаВицФото