Со загриженост против неизвесноста на животот

13.07.2020 00:40
Со загриженост против неизвесноста на животот

Оправдано е да се чувствува загриженост за егзистенцијата заради преживеана траума или неповолни настани како што се потешките болести, сиромаштијата, војните. Но, некои луѓе и во такви ситуации во кои не постои шанса за опасност покажуваат постојана загриженост. Се случува дури и во пријатно опкружување да не можат да се опуштат и да уживаат. Физички се присутни, но вниманието не е насочено на тука и сега, преокупирани се со размислувања за можни опасности. Да не влезе некој провалник во куќата, да не им се случи нешто лошо на децата, да не дојде до сообраќајна несреќа ако некој близок заминал на пат.

Како и сѐ друго и загриженоста се учи, односно се усвојува како образец на однесување. Загрижените родители лесно можат да го пренесат таквото однесување на детето. Таквите родители впрочем испраќаат порака дека животот е неизвесен и затоа секогаш треба да се биде внимателен.

На сите ни се познати следните пораки за предупредување.

„Неволјата ќе дојде кога се надеваш најмалку.“ Оваа порака дефинитивно кажува дека секогаш треба да бидеме внимателни, без опуштање!“

„Токму кога ќе помислиш дека сѐ е во ред, ќе се случи нешто лошо.“

„Несреќата никогаш не доаѓа сама.“

Многу е интересна следнава порака на мајките за ќерките:

„Кога ќе станеш мајка ќе видиш што е грижа.“ Тогаш зошто некое девојче, идна жена, би посакала да стане мајка ако од тој момент па до крајот на животот ѝ е загарантирана грижата? Или, често на шега, слушаме: „Оној што ќе се ожени рано пред себе го има цел живот за да се кае.“ Тогаш, што ти преостанува? Или доцна да се ожениш па пократко да се каеш или уште подобро, воопшто и да не се ожениш.

Според мене една од најсуровите пораки која им се испраќа на децата е: „Од играчка, плачка.“ Значи, не треба да се биде весел, среќен, да се ужива во моментот, зашто на тој начин ќе повикаш некоја несреќа. Родителите можат несвесно да им забранат на децата да се смеат заради нивното лично незадоволство, чувството на неуспешност, депресивно расположение, замолчување на детето или изразување раздразнетост заради вревата што ја прави детското смеење. Изгледа дека е себично да се биде весел додека на некого му е лошо, а особено ако тој некој е твојот родител.

Покрај тоа што би било добро да не се биде себичен, добро би било и да се избегне вина. Ако во семејството се негувала загриженост за пари и егзистенција, детето што ќе посака да биде успешно и повеќе да не живее на раб на егзистенција може да почувствува вина во однос на своите родители, но да има и страв од отфрлање. Звучи парадоксално ако тргнеме од идејата дека целта на родителството е поттикнување на развојот и автентичноста на децата, но ако родителите само кукале и се грижеле во своето детство, тогаш како возрасен како да излезеш пред своите неуспешни родители, кои цел живот се грижеле за тебе, а ти сега со својот личен успех си фрлил сенка на нивната грижа и си ја покажал бескорисноста на истата. Ете ја вината, а еве го и стравот од отфрлање. Тоа дете веќе не му припаѓа на семејството загрижени, а родителите може да бидат лути што се одметнал, станал подобар - поинаков, тој не се грижи, туку тој дејствува, а од друга страна, бидејќи припадноста е важна може да се случи да се занемари потребата за успех и самоактуелизација.

Грижата може негативно да влијае на успехот и на тој начин што ќе ја намалува продуктивноста. Ако, да речеме, постојано се грижиме дека ќе добиеме отказ на работа, или дека ќе нѐ остави девојката/момчето, гледајќи на нештата од позиција на грижа ќе правиме сѐ што ќе придонесе за остварување на тие грижи. Ако се грижиме дека ќе нѐ остави момчето/девојката нема да уживаме во односот, нема да бидеме автентични, задоволни, способни да чувствуваме, нема да покажуваме ништо од она што би можело да му биде привлечно на другиот.

Ако грижата е контрапродуктивна, тогаш за што би можела да служи? Ирационалните грижи би можеле да ни ги заменат реалните проблеми со кои ни е тешко да се соочуваме. Наместо да размислуваме како да најдеме подобра работа и повеќе да заработуваме, можеби, да речеме, можеме да се грижиме за поскапувањето на намирниците и дека следниот месец нема да имаме доволно пари да ги платиме сите сметки. Наместо да се грижиме, би можеле да дејствуваме, да тргнеме во потрага по поплатена работа, но не го правиме тоа зашто зад ирационалните грижи можеби се крие проблемот за донесување одлуки и потребата за сигурност. Бидејќи животот е неизвесен и опасен, како да знаеме која одлука да ја донесеме, зашто секоја промена подразбира ризик, тогаш подобро е „да се спречи отколку да се лечи“. Односно, бидејќи сѐ е неизвесно и не знаеме што ќе се случи утре, подобро да не ја повикаме несреќата. Што ако новата работа бара повеќе, што ако после извесно време не се покажеме како добри работници и добиеме отказ? Сегашната работа можеби е помалку платена но е сигурна и опкружувањето е познато. Секоја промена со себе носи ризик, но исто така и недонесувањето одлуки и стагнацијата со себе носат уште поголем ризик.

Грижата може да ги загуши и реалните чувства. Да речеме, жената може да искажува загриженост за безбедноста на мажот заради неговото често планинарење, а впрочем да чувствува лутина што тој не ѝ посветува доволно внимание.

Грижата освен што влијае лошо на менталното здравје, го кочи развојот, лошо влијае и на соматското здравје. Заради постојаната загриженост се јавува несоница, нарушување на работата на штитната жлезда, главоболки, висок крвен притисок...

Кои луѓе се загрижени? Оние кои не живеат сега и овде, оние кои смислуваат негативни настани кои не се случиле. Вистина е дека ништо во животот не е сигурно, но грижата нема да го реши проблемот, нема да обезбеди подобра иднина или да спречи да се случи нешто лошо.

Ако не се грижите не значи дека не ви е гајле, тоа значи дека сте подготвени да преземете ризик и да се соочите со барањата на животот.

„Нема смисла да се отвора чадорот додека не почне да врне.“ Алис Хеган Рајс

Слики: Papa Mbye

Извор: https://pulse.rs/

ОкоБоли главаВицФото