Животните се доказ како умре Скопје

13.09.2014 15:49
Животните се доказ како умре Скопје

После секоја студија која се објавува за делфините од 2010 наваму, аргументите осцилираат околу поентата на философот Томас Вајт: имено, делфините не се интелигентни како луѓе, туку тие се луѓе или „личности“, но не како што тоа го разбира самосвесниот деструктивен вид на кој му припаѓаме. Дали сме способни да прифатиме дека постојат видови кои имаат посилна интелигенција од човековата? Томас Вајт тука не ни е потребен: се разбира дека можеме.

Што прави да бидеме личности, а што прави битијата како цицачи и нецицачи, ’рбетници и безр’бетници да бидат свесни за околината, емотивно да делуваат, да бидат фокусирани и контролирано да се насочуваат и етички да ги третираат единките и видовите во нивните или другите групи? Пишувам за нашите миленичиња, но и за бездомните битија по нашите улици.

Кога говориме за делфините, испливува аргументот дека луѓето се способни за вербализирање и синтакса, но, да не заборавиме, делфините имаат фантастична способност за учење, самосвест ако се наоѓаат пред огледало и комуникација со звучни сигнали која е синтакса и јазик на други нивоа. Не повикувам да се водиме со возвишен морал и да говориме универзално за третманот кон животните, туку повикувам да се прибереме, да погледнеме пред себе и да го средиме односот кон битија во нашата околина кај кои е видлива когнитивна способност и емпатија.

Животните се доказ како умре Скопје. Варварската еутаназија на битијата ќе биде покриена со закон. Додека го пишувам текстов се наоѓам во Бугарија, но со паметот сум во Македонија и се синхронизираме со мојата блиска пријателка Ружица што да правиме и мислам на нелуѓето кои предлагаат примитивни законски решенија и експериментирање врз живи битија. Да го повлечете законот! Нѐ бламирате пред светот! Не смееме да дозволиме со нас да владеат примитивните резони и рептилски крволочен варварски мозок. Само еден аргумент за размислување: освен човекот, ниеден животински вид не е способен да убива со умисла. Тоа кажува многу за интелигенцијата на другите видови и проблематичниот концепт на интелигенција на хомо-сапиенсот како доминантна угнетувачка матрица за сите останати. А штом немаме емпатија за ликвидирани животни, тогаш е прашање што имаме и кои сме како вид.

Зошто е битен односот кон другите битија-животни? Ако има пореметување кое не е поврзано со личноста, пореметувањето можеби е невролошко, но, ако говориме за личност која не е од видот хомо-сапиенс, кај која може да се забележи емпатија и когниција, тогаш, законите кои важат за луѓето треба да важат и за останатите форми на живот. Принципот да се подвлече: еднакво битни се и човекот и останатите битија и заедничката симбиоза! Според тоа, можете ли да забележите емпатија кај битијата од животинските видови? Јас тоа го забележувам кај лебедите, гавраните, папагалите, мачките, кучињата, магарињата, овчичките итн. Орки, бонобо и шимпанза, роеви од разни видови: #swarmintelligence.

Се раскажуваат секакви приказни: глутница нападнала луѓе во животната средина на волците или е пречекорена територија каде се случил смртоносен убод од змии или затворен лав во зоолошка нападнал тренер или куче нападнало човек, а животните не можат да зборуваат и за нив можат да говорат свесни поединци помеѓу нас, потоа приказните: осакатени парови мршојадци и уништени гнезда на неколку останати парови белоглави орли околу Мариово и Демир Капија или останати уште неколку пара рисови на кои им го одземаме природниот хабитат околу Маврово или ги требиме јагулите со блокирање на патот до светските мориња. Треба да се престане со едностраноста и треба да се повлечат потези кои на битијата од другите видови ќе им биде комотно да живеат со нас; ние без нив очигледно можеме.

Кога ќе видиме слика како се запира цел сообраќај во нашите маала и сите ги чекаат активистите и ветеринарите кои треба да спасат маче кое е под стрес, исплашено и беспомошно, „виси“ на највисоките гранки, коментира Ружица.

Мојата мачка Миндула доби нов пријател, мало кутре, со кое се навикна да живее во заедница, кое го спасив на Вардариште пред закажаната еутаназија минатиот месец. Го крстив Коце Трајан, во чест на градоначалникот, кому му е сеедно каков е нашиот однос кон другите на кои им е потребна наша помош. Според новиот закон можно е моето милениче да биде убиено, ако биде уловено како бездомник кога го оставам само да шета и да живее сопствен живот, бидејќи тоа според неолибералната капиталистичка логика е најевтино. Еутаназија за Коце Трајан? Се разбира не, г-дин Трајановски има човечко чувство, го знам тоа и сметам дека е вистинскиот човек кој на лична иницијатива ќе побара да се повлече и доработи законот. Јас нема да дозволам еутаназија за кутрето, ќе го спасам, но би сакал да ги видам на послужавник главите на варварите предлагачи.

Моите предлози се во насока на радикални промени. „Ловиштето“ Јасен, гледав на Телма, беше промовирано пред околу една година преку нишан, беа презентирани пушки и лиценци за убивање елени и срни. Мојот предлог е ликвидацијата на животни во Македонија да биде казниво дело со затворски казни по единка еднакви на ликвидација на човечко суштество. Убивањето на мечки, рисови и волци да биде санкционирано со глоба од 50.000 евра по единка. Оставете ги животните на мир! Прашањето на кланиците низ Македонија исто така мора сериозно да се разгледа. Предлагам Зоолошката во Скопје да се префрли на Водно со десет пати поголем простор за животните кои ќе живеат во природна шумска околина и во симбиоза со други видови, како во резерват и ќе се движат без препреки, а градската администрација би можела да се пресели во сегашните живеалишта во ЗОО. Се разбира, се шегувам, но идејата делува симпатично. Потребно е да владее свеста, а тоа сега не е случај. Забрана за фарми за кожи и бунди! Организирање на Шелтер центар за територијата на град Скопје! За ниедна општина во Македонија не е финансиски проблем да се поддржат здруженијата за заштита на животни и нивните активности. Зошто не се прави Шелтер центар во Скопје?

Дали сте свесни кои болести доаѓаат преку конзумирање месо? Гледајте го Food Inc. Дали знаете дека мачките и кучињата добвиваат туморчиња, а причината е што главната храна им е месо, како зависни од луѓето? Листерија, салмонела итн. антибиотици и хормони со кои се товат јагниња и телиња, преку сендвичарите, пазарите и дисконтите во кои седат смрзнати по една година, ги внесуваме во организмот. Дериватите на месо како виршли и паштети се директна закана за нашето здравје. Предлагам најрадикално да се затвори границата на Македонија за деривати со сомнително потекло кои излегуваат од нас преку туморчиња за кои плаќаме цитостатици. Месото и дериватите на месо се клучни во невозможната борба против туморите кои се појавуваат кај секој трет поединец. Што да се прави?

Законот сè уште не е донесен и предлагам веднаш да се повлече и да се преработи со комплетно исфрлување на спорните точки кои ги прочитавме во соопштението на Анима Мунди. Аргументите се лоши и депримирачки, даваат чувство на отуѓеност од општество кое деволуира. Ги повикувам здруженијата на граѓани за заштита на животни да се активираат политички, при што очекувам здружено да даваат поддршка на кандидати на локалните избори кои во своите изборни програми ќе имаат јасни цели за заштита на животните со експлицитни и детални проекти кои ќе ѝ бидат достапни на јавноста. Не чекајте! И нашите миленичиња имаат глас!

Знаци на патот. Видни луѓе од македонската јавност одат на светски сафари турнеи и убиваат ретки видови за фантастични 20.000 до 50.000 евра по примерок. Ги покажуваат сликите во јавноста, но времињата ќе се сменат и овие нелуѓе ќе бидат санкционирани во Македонија, без оглед што прават низ светот. Ловот во Македонија ќе биде забранет.

Само да погледнеме кон гавраните/чавките и нивната неверојатна интелигенција. Можат да се тренираат да бидат собирачи на пластика и хартија низ градот, а за возврат да добиваат награда од машина во која ќе достават пластика. Ако се дефинираме како хумани во односот кон послабите, тоа не значи однос само кон луѓето, туку повеќе и кон животните. Еднакво битни се и животните како и луѓето. Неприфатливо е да се оди со лошата тенденција со која сè уште се настапува, дека човекот е побитен од животните. Не се работи за промена, туку за прифаќање на еволутивнте принципи до кои дојде Кропоткин пред 150 години објаснети во делото Mutual Aid: A Factor of Evolution. За Кропоткин, интелигенцијата на кој било вид зависи од колективната интелигенција на сите во групата и тоа интересно правило треба да се промисли кога се гледа во когнитивните способности на битие неизолирано од една група кое егзистира на една територија како Македонија. Сите битија се битни! Според ова еволутивно правило, когницијата кај миленичињата како кучиња и мачиња зависи и од групата во која живеат, така: живееме и еволуираме заедно. Еволуирај!