Анима Мунди: Итно да се затвори битолската зоолошка градина

12.09.2014 13:31
Анима Мунди: Итно да се затвори битолската зоолошка градина

„Инсистираме итно да се затвори битолската Зоолошка градина и да има најстроги казни за одговорните по вчeрашниот настан кога им избегаа два волка, по што чуварите ги убија“, бараат од Здружението за заштита на животните Анима Мунди.

„Волкот дефинитивно е ликвидиран, се вратил во живеалиштето, но повторно се обидел да бега па мораше да го застрелаат“, изјави вчера директорот на битолската зоолошка градина.

Според Анима Мунди, оваа изјава е дадена од институција која во ниту еден случај не ги задоволува стандардите за заштита и благосостојба на животните, која освен што ги измачува животните, е континуирана закана и опасност по жителите на Битола.

„Директоре Нешовски, вашата ликвидација на живи суштества за кои како институција сте се 'грижеле', укажува јасно каков третман имаат животните и како вие лично ги доживувате. Сте ликвидирале два живота кои биле осудени на заробеништво и од очај посегнале по слобода. Извршивте убиства. Фактот дека два волка избегале од таму, укажува, пак, каква е безбедноста на граѓаните – оние кои влегуваат во Зоолошката, но и оние кои живеат во градот“, велат од ова здружение.

Тие ги повикуваат институциите на итна реакција и одземање на дозволата за работа на зоолошката градина во Битола, и итно одземање на животните, притоа нагласувајќи дека време е во интерес на живите несреќни животни и заштитата на жителите на Битола, таа тажна зоолошката да се ликвидира – засекогаш.

Извор: Плусинфо