За проблемот со агресивните кучиња скитници

09.12.2017 16:50
За проблемот со агресивните кучиња скитници

Од Анима Мунди велат: „Нападите се случиле од расно куче кое е непознато на локалното население и на активистите за заштита на животните од тој реон, кое некој го пуштил и се обидуваме да го лоцираме, го бараме. Во тој дел живеат бездомни кучиња кои се сите стерилизирани – вакцинирани – обележани и за кои локалните жители и наши активисти се грижат, кои се миленици на децата кои живеат таму“.

Ај да пробам со логикава. Значи, ако е кучето расно си нема врска со хроничниот проблем со кучињата скитници?! Кучето имало газда! ЛОЛ!!! Ако имало газда, каде бил газдата? Значи, се оди на тоа никако да не се признае дека кучето било скитник!!! Бидејќи во тој случај ќе мора да се уважи проблемот и да се реши, што секако ќе вклучува чистење на кучињата скитници од јавниот простор. Нешто против што Анима Мунди се бори со цела сила.

Друго, кучето било непознато за локалното население. Демек, познати кучиња не стануваат агресивни?! Што е пак со луѓето што одат на гости во Аеродром и не им се познати на локалните скитници? Треба да учат dog whispering за да не ги изгризаат?!

Трето, миленици згрижени во јавен простор... Очигледно кај овие луѓе не постои концепт за јавен простор (како заеднички простор) или претпоставка дека меѓу нивните сограѓани можеби има луѓе кои имале трауматични искуства со кучиња. Овој недостаток се гледа во целокупната хаварија на речиси сѐ што кај нас претставува јавно добро. Поради тоа во последните неколку години Аеродром стана шинтерница на град Скопје. Сите скитници, од цело Скопје, откако ќе се процесираат во Вардариште завршуваат во Аеродром, бидејќи веројатно ги мрзи да ги враќаат од кај што ги земале. Во повеќе наврати е видено комбето на Вардариште како остава цели „процесирани“ глутници на кривината кај спортската сала и раскрсницата кај авионот. Особен проблем со таканаречените љубители и активистите кои редовно го посетуваат Вардариште и демек вдомуваат кучиња. И после ги гледаш истите тие кучиња како јуришаат на коли и точаци пред Капитол.

Ова е сериозна работа. Сериозно загрозување на јавната безбедност и е посебно голем проблем за вистинските љубители на кучиња кои всушност чуваат кучиња дома. На пример, комшијата носи метална шипка за скитниците да не му го растргнат кучето. Да де, истите тие скитници „згрижени“ пред маало.

Обично не барам закони, но бидејќи поголемиот дел од луѓето тука се со „кур ми е двор ми е“ однос кон јавното, такво нешто мора да се направи. Ако веќе ми бараат 5000 психо-тестови и две слетувања на Месечината за да добијам дозвола за пиштол, тогаш зошто некој кретен со два прста чело може слободно да набави ротвајлер, раса која е убедливо број еден по фатални напади врз луѓе. Исто така, субверзивните активности на друштвата (демек вдомување па пуштање пак на улица) мора да се третираат кривично, под ставка загрозување на јавната безбедност. И нормално, една колективна тужба до град Скопје за несмасното и опасно по живот „справување“ со проблемот.

Кучињата скитници се човечка екстерналија и се во основа еколошки проблем. Тие не дошле во градот од планина. Поголемиот дел од нив се кучиња избркани од неодговорни газди или избегани поради малтетирање (агресивните). Дел се размножени во самиот град, од истите тие „песоглавци“ (Влада Урошевиќ) поради кои ние останатите мора да се адаптираме на глутници, да ги учиме нивните територии, да учиме што се прави ако ти се пуштат на точак и така натаму.

И за крај. Самата бројка на кучиња скитници е доказ дека кај нас љубителите на кучиња и не се баш љубители на кучиња. Баш напротив.

Извор: Фејсбук профилот на авторот
Слика: Мајк Савад