Религијата е само изговор

25.09.2014 10:57
Религијата е само изговор

Колку е голема опасноста од таа трауматизирана група?

Тешко е да се процени. Секако дека постои потенцијална опасност и не треба да се потценува. Може да се претпостави дека поединци во Сирија и Ирак завршуваат борбена обука, можеби се враќаат во Германија со задача да изведат терористички напади. Безбедносните институции мораат да се активираат. И покрај ризикот по безбедноста не ги гледам тие момчиња и млади луѓе како потенцијална опасност и вооружени терористи, туку како млади луѓе во неволја. Мислам дека се занемарени, дека станува збор за луѓе кои бараат насока и одговори во животот. Многу ќе се вратат фрустрирани и со скршени илузии. Нивните проблеми и понатаму ќе постојат по нивното враќање. Мораат да се разгледаат мотивите кои ги одвеле во Сирија и Ирак и начинот на кој можат повторно да се интегрираат во германското општество.

Пропагандните снимки на ИС се застрашувачки. Зошто младите се толку приемчиви за нив?

Мотивите на младите се разновидни. Кај лицата кои се толку радикализирани што се спремни на насилство и да се вовлечат самите себеси во војна, многу често можеме да забележиме тешки семејни односи. Често им недостасува фигурата на таткото. Освен тоа, имаат проблеми во општеството и на училиште, немаат работа или никој не ги цени. Тие бараат своја заедница, ориентација, јасни одговори. Зборувам за генерацијата „11 септември“. Тоа се млади луѓе кои пораснале овде, во Германија, во време кога исламот сè почесто беше ставан под знак прашалник. Мораа да се изборат со тоа, а по терористичките напади од 2001, и со сè поизразеното насилство и тероризам. Како млади луѓе со странски корени, тие го бараат својот идентитет. Но меѓу борците има и голем дел конвертити.

Каде тие ги наоѓаат одговорите?

Семејството, разните религиозни заедници или џамии, па ниту јас лично, не можеме секогаш да ја задоволиме таа нивна потреба. Тие често завршуваат на интернет, таму ја продолжуваат потрагата и наидуваат на одговорите на салафистите, кои го преплавуваат интернетот со своите пораки. Нивните одговори се едноставни и јасни. Општеството мора да создаде рамки во кои тие млади луѓе можат да ја прифатат својата религија на нормален начин - на пример во училиштата. Исламот е дел од Германија и таа младина, било да е религиозна или не, јасно спаѓа во таа целина.

Службата за заштита на уставот веќе неколку години ја надгледува салафистичката сцена во Германија. Во неа има од сосема ненасилни луѓе, до такви кои имаат терористички обележја. Дали салафистите се поврзани со џихадистите во Ирак и Сирија?

Во овој момент, додека разговараме за радикализацијата, секогаш мислиме на тие 6.000 салафисти кои се екстремисти. Би рекол дека повеќето салафисти се идеологизирани и претставуваат закана за демократијата. Но од тој број, истовремено само неколку стотици се спремни за насилство. Овде општеството мора да интервенира - во училиштата, во ориентацијата за младите, во политичкото образование - мора да укаже на таа опасност и да го сврти вниманието на младите.

Најмладиот џихадист наводно има 13 години. Колку брзо доаѓа до радикализација?

Тоа е ужасно. Го споредувам тоа со младите кои пукаат во училиштата без да гледаат во кого, кои сакаат да се ослободат од фрустрацијата и агресијата кои се натрупале. Но тоа се поединечни случаи. Во училиштата морав да работам со 13-годишници кои беа на прагот на радикализација и кои ми рекоа дека штедат од џепарлакот за да одат во ихад. Радикализацијата тече на многу различен начин. Кај некои трае многу долго. Некој им се обраќа и ги воведува во заедница која ги радикализира. Таму таквите ставови сè повеќе се потврдуваат и младите заземаат сè поекстремни ставови. Порано или подоцна се појавува желба и да се преземе нешто, а не само да се зборува. Кај мал број млади луѓе кои се радикализираат многу брзо, гледаме и дека религиозното убедување не е важно. Станува збор за семејни, социјални, поединечни приказни. Тие даваат поттик. Религијата тука е само изговор, да се нападне во име на нешто.

Надзорот над Твитер, Фејсбук и другите социјални мрежи пред неколку месеци предизвика големо негодување во јавноста. Но радикализацијата се одвива на социјалните мрежи. Дали надзорот може да помогне да се спречат загрозените млади на тој пат?

До младите може да се допре единствено ако постојат луѓе во опкружувањето кои имаат разбирање за промените низ кои минуваат тие деца. Мораме да бидеме приемчиви за таквиот тек на работите и мораме да стапиме во контакт со младите на лице место и сосема индивидуално, и да видиме кој може да направи нешто - можеби може да помогне сестрата, или фудбалскиот тренер, или имамот...

Јохен Милер академски го проучува исламот. Како новинар поминал многу време во земјите од Блискиот Исток. Тој е еден од основачите на здружението Ufuq.de кое се занимава со културата на младите, медиумите и политичкото образование меѓу германските имигранти, посебно со културата на младите муслимани и политичкото образование.

Извор: Deutsche Welle

ОкоБоли главаВицФото