Новинарите под лупата на Деветтата Божја заповед

24.10.2014 08:14
Новинарите под лупата на Деветтата Божја заповед

Деновиве во регионот е доста актуелно апсењето на загрепскиот градоначалник Милан Бандиќ заради обвинение дека е дел од големи коруптивни зделки. Ова апсење се случи во време кога токму тој стана рекордер во Хрватска по бројот на тужбите кои ги имаше поведено против многу лица заради клеветење. Некои од нив беа и новинари. Една од тужбите беше особено карактеристична, бидејќи Бандиќ ја тужеше телевизијата РТЛ (моќен европски ТВ картел, кој има свое студио во Загреб и емитува на национална фрекфенција, која, пак, ја гледаат дел од македонските гледачи). Она што беше чудно во овој случај, тоа е фактот дека споменатата телевизија само направи интервју со премиерот Зоран Милановиќ во кое тој алудираше на корупција во Загреб, а Бандиќ ја тужеше телевизијата(!) зошто го пренела тој дел од интервјуто и му нанела нематеријална штета – се чувствувал повреден, не спиел со денови слично.

СЛУЧАЈ БАНДИЌ

На 1 септември годинава судот одлучи дека Бандиќ бил во право, а РТЛ треба на градоначалникот, сега во притвор за корупција (во истражна постапка, без подигнато обвинување) да плати казна од 50.000 куни (помалку од 6 илјади евра) како што пишуваше Јутарњи лист. Судијката на загрепскиот Општински граѓански суд во образложувањето навела дека Бандиќ докажал оти со споменатата изјава на Милановиќ му се нанела повреда на правото на добар глас, односно повреда на личноста. Неа не ја интересирал ниту фактот дека се работи за пренесена изјава, ниту пак дека ја изгороворил политичар кој има сериозна општествена одговорност (а, веројатно и индиции). Пресудата не е конечна, па треба да се следи дали по евентуалното обвинение за Бандиќ за корупција РТЛ ќе има некаков попуст или, пак, пресудата ќе се укине?! Инаку, Миловановиќ рекол дека екипата на Бандиќ „е една клиентелистичка дружина и дека Загреб треба да се исчисти од корупција“.

Бандиќ бил доста речит во својата одбрана и на судот опишувал како со месеци „не затворил око“. Сепак, судијката и покрај толкавата инсомнија на својот градоначалник не му дала такво право на отштета како што е изречена кај нас, во случајот со магазинот „Фокус“, на пример.

ГО НОСАТ ВО ЗАТВОР, А ТОЈ – НАВРЕДЕН

Овој судски пресврт и не мора да се случи. Тука ќе изнесам едно лично искуство. Моето прво соочување со клевата беше во тогашна скопска „двојка“ кога како уредник на новинарот кој напиша репортажа за еден стопанственик, се најдовме со мојот колега пред кривичен совет, заради нарушување на угледот на тужителот. Него, инаку, го носеа на судењата од истражниот затвор Шутка со полициско комбе и тој беше под истрага за нешто што нам ни се ставаше за грев како „валкање“ на личноста. Имено, во написот стоеше дека тој на вработените им се заканувал со револвер, а полицијата потоа, дополнително, го уапсила откако со револвер во раката влегувал во локалите во трговскиот центар Лептокарија и ги малтретирал гостите, пукал во воздух и низ уличките наоколу, стресувајќи ги луѓето кои, како и тој, го прославувале 8 Март. Полицијата при претресот на неговиот дом нашла на стотина пиштоли и тоа од типот парабелум (кои не произведуваат звук кога се користат) што нелегално ги увезол од САД. Инаку, тие пиштоли насекаде во светот се забранети и никој не смее да ги има ниту со дозвола. Еден таков човек кој одговараше за многу „сложен случај“, од страна на кривичниот судија беше бранет и одбранет во нашиот процес како ценет граѓанин кому му се нарушил угледот.

Пресудата падна на Апелација заради апсолутна застареност.

ОБЈАСНУВАЊЕ НА ФЕНОМЕНОТ

Значи, сега како паталец поаѓам од тоа дека треба да се објасни феноменот на добар глас, односно на прашањето на делото клевета да се погледне и од другата страна, онаа неновинарската. Инаку, ако не го апсолвираме судењето по овој „грев“ можеме да имаме само серија на пресуди во кои новинарите ќе го извлекуваат подебелиот крај, дури и покрај фактот дека се работи за пишување за лица чија прагма е повеќе од дискутабилна, дури и некои се осудени за делата за кои новинарот ги обвинува. Гледаме, се „страда“ и само заради пренесена изјава!

Она што е вистина е дека во новинарската професија не се гледа на добриот глас онака како што пошироката јавност и правниците реагираат на проблемот на заштитата на добриот глас. Можеби новинарите многу малку разговараат на оваа тема надвор од кафулињата каде тие седнуваат. Така, ако се провери, прашањето на добриот глас, особено кај правната фела има посилно лоби од она „крило“ што се залага – така да речеме – весниците да го бранат јавниот интерес, штитејќи го од криминал, неморал, недемократски постапки…

Можеби на ова се реагира со неверување, ама на неодамнешниот Осми форум на СЕЕМО, кој се одржа во Скопје, една од темите беа и судењата за клевета. Скот Грифин, експерт од Институтот за медиуми во Виена, го изложи на вечерната сесија на 17 октомври, случајот на германски новинар кој ја следел – во духот на најдобрите истражувачки манири – малолетничката проституција. Неговите текстови (наоди) биле потоа поврзани за апсењето и осудување на криминалците. Ама, осудените го тужеле новинарот за клевета и го добиле спорот! Имено, судијата оценил дека и криминалците имаат право на добар глас дури и кога се осудени, односно дека нивното оцрнување било толкаво што тие тоа не го заслужиле! Германија била шокирана од пресудата, ама судијата е единствениот кој е меродавен да проценува.

СТЕСНУВАЊЕ НА ПОИМОТ ЈАВЕН ИНТЕРЕС

Во разговорот со правници во паузата на сесиите на СЕЕМО отприлика беше речено дека се генерализираат некои сознанија и на европско ниво, а тоа е дека судиите често го стеснуваат моментот на јавниот интерес и така дури и најзакоравените злосторници можат да „ќарат“ од новинарскиот џеб, а онаму каде се досудува и казна затвор (во 20 земји од Европа клеветата е сѐ уште кривично дело) и да завршат зад решетките. Практично, кај нас товарот на докажувањето го има седмата сила, а згора и да докаже нечија основаност за лоша репутација (или да постои правосилна пресуда која го поткрепува нивниот текст) судот може да оцени во постапката за клевета, за нас релеватната, дека клеветењето се јавило (постои) заради поминување на „цртата“ наречена интерес на јавноста. Во ЗНМ велат дека судиите се мајстори да го објаснат тоа минување на цртата наречена јавен интерес.

Клеветата е – како што се напомена погоре – доста лошо вреднуван порок за оној кој ја прави. Впрочем, самиот факт што и во Библијата, во Десетте Божји заповеди, деветтата е посветена на клеветата (вака е во православието, јудаизмот и протестанските вери, додека таа е осма Божја заповед во римо-католичката вера - види ја компаративната табела), говори колку била таа значајна од дамнина! Имено, грев е против Бога лагата, клеветата, лажни ветувања, мамењето, неизвршување на ветувањето и прикривање на вистината (види овде - католички извор) и тие можат да ве чинат неодење во рајот, иако таа одлука е надвор од досегот на Основниот суд Скопје 2.

ДЕФИНИЦИЈА НА КЛЕВЕТАТА

Зборот клевета доаѓа од латинскиот збор diffamatio, calumnia (конкретно тука), што значи објавена навредлива изјава која директно или индиректно штети на угледот на поединец или група и се пренесува на јавноста. Законот ги штити луѓето од неосновани обвинувања дека можат да бидат изложени низ предметот на известувањето на презир, потсмев и социјален остракизам. Нашиот народ вели „да не излезеш на лош глас…“ За ова поопширно може да се види во учебникот на Маловиќ, Рикарди и Виловиќ „Етика новинарства“, Загреб, 1998, стр.37.

Постојат два вида на клевета. Првиот е клевета по себе, која е очигледна. На пример, кога некој вели дека не е осудуван за делото кое се товари во текстот. Тоа е речиси сигурна ситуација кога новинарот ќе биде осуден! Друг тип на клевета произлегува од, народски речено, зголемувањето на стореното на оклеветаниот, односно текстот, прилогот е штетен онака како што тој е напишан (направен), бидејќи ако не постои прецизност во однос на она што некој се товари (направил прекршок, а не сторил кривично дело, на пример) некој добил прекумерен презир или негативни емоции кон себе во јавноста.

Босанските мерења, правени од заменикот на обудсманот на БиХ за медиуми Мехмед Халиловиќ (објавени тука) покажуваат дека најчеста мета на тужба за клевета се новинарите од пишуваните медиуми, потоа следуваат оние кои прават ТВ прилози, а најмали или многу ретки се оние емитувани на радио брановите. Ова произлегува, секако, од леснотијата на докажувањето (прибирање на факти) во случајот со печатените медиуми.

Но, она што е важно и што кај нас се забележува како отсутен сегмент во судењето, кои нашите судии го практикуваат е дека тие, судиите, не внимаваат, а би морале, според заменик обудсманот (инаку последен главен и одговорен уредник на сараевско Ослобоѓење пред војната) дека мора да прави разлика помеѓу злоба и небрежност. Злобата е непрофесионално однесување на новинарите, додека невнимание нешто што може да се случи во извршувањето на секој бизнис. Ако во судот новинарот се обидува да ја брани добрата намера, тогаш мора да ја докаже самиот.

„Со цел да се заштити новинар, тој треба да објави ако некој одбива да му даде изјава, би било добро да ги сними соговорниците и да не заборавиме – да се провери информацијата,“ вели Халиловиќ и тврди деќа домашното правосудство мора да се обучува од искуствата на судовите со поголемо искуство во странство. „Имено, ако се земаат предвид повеќе мислења, се пренесуваат проверливи информации и ако неговиот израз е разумен, видлива е добрата волја, прилогот мора да се третира како професионален“ (и да додадеме дека не може да биде казнет или да се држи до она што го судат во таков случај француските судови – се плаќа симболичен еден франк, сега едно евро!).

ТОВАРОТ НА ДОКАЖУВАЊЕТО

„Судот, исто така, може да ги земе во предвид и другите елементи кои се земани во судските спорови во странската практика, а тоа е начинот на изразување на текстописецот, недостаток на време за детални проверки (нужни се, на пример, повеќе денови), а поважно е информацијата да ја има отколку да ја нема и дека извештајот е во суштина точен, додека невистините сегменти не се битни делови од текстот,“ вели Халиловиќ.

Кога станува збор за новинарската слобода, европското судството предвидува можноста за прибегнување кон одреден степен на претерување, па дури и провокација, пишува Халиловиќ. Важно е да се остане во рамките на границите на дозволената реторика.

Кога станува збор за угледот на подносителот на тужбата за клевета, мора да му докаже на судот дека тој, таа или тие претрпел штета и во приватниот и деловниот живот.

Тука сме на точката која во пресудите на македонските судии е најчесто спорна! Најпрвин, таа е селективна – забележливо е дека обичен човек, тужител мора да се „окози“ за да докаже дека претрпел душевна или кој знае каква сѐ штета, ама функционерите, особено од власта, поминуваат „на чесен збор“!

Од излагањата на професорот излегува дека во западните судови не е така – товарот на докажувањето тука целосно минува на тужителот и тој мора недвосмислено да докаже дека „не склопил око“. Како јавните функционери функционираат, а не спијат и носат важни одлуки кога одат на работа? Дали тие одлуки се релеватни и можат да се оспорат ако тужителот во тоа време имал толкави болки. Имено, ненаспан возач не смее да седне зад воланот ама ненаспан политичар може, не дај Боже да одлучува за војна и мир, да речеме?! Нелогично нели? Дали некој од политичарите и јавните функционери зел боледување ако имал таков силен стрес? Тоа треба да го прифатат и судиите во земјава.

Оваа новинарска лекција е изработена во рамките на Проектот на УСАИД за зајакнување на медиумите во Македонија – Компонента Сервис за проверка на факти од медиумите, имплементирана од Метаморфозис. Новинарската лекција e овозможенa сo поддршка на Американската агенција за меѓународен развој (УСАИД). Содржината на новинарската лекција е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, УСАИД или Владата на САД. За повеќе информации за работата на УСАИД во Македонија, ве молиме посетете ги веб-страницата (http://macedonia.usaid.gov) и Фејсбук-страницата на УСАИД (www.facebook.com/USAIDMacedonia).

Слики: Antonio Lee

Слични содржини

ОкоБоли главаВицФото