1025 hPa
81 %
6 °C
Скопје - Чет, 12.12.2024 05:59
Зошто амбасадорот на ЕУ во Македонија е толку голем оптимист дека ќе бидат расветлени инцидентите од последниот напад на ЛГБТИ-заедницата во „Дамар“ и дека сторителите ќе бидат казнети? Што го уверило дека Министерството за внатрешни работи и Јавното обвинителство ќе ја вршат својата работа кога тоа не беше пример со претходните пет случаи? Центарот за поддршка на ЛГБТИ мораше да се отсели од канцелариите во Стара чаршија затоа што неколкупати беше напаѓан и каменуван, а силеџиите не беа најдени и казнети иако Хелсиншки комитет на РМ достави видеоснимки до властите за нивно идентификување.
Да се верува дека МВР, управувано од ВМРО-ДПМНЕ, ќе се заангажира во одбрана на ЛГБТИ-популацијата и активистите за човекови права, е во најмала рака наивно. Ако не се верува, а се кажува, тогаш е лицемерно.
Холандскиот в.д. амбасадор, од друга страна, храбро и отворено рече дека власта треба да ги штити сите граѓани, а не само своите гласачи. Притоа тука најверојатно го имаше предвид и каменувањето на Општина Центар со чии демонстранти министерката за внатрешни работи се фотографирала, но кои и ден-денес не се најдени.
По средбата со „Хелсиншки комитет“ Орав ги повтори идеалите и вредностите на Европската унија, кои се засноваат на еднакви права, солидарност и почитување на различностите. Во демократски неразвиено општество како Македонија, земјите на ЕУ треба да служат како пример, а амбасадорите треба да ги олицетворуваат тие вредности. Тогаш, како ќе ни помогне куртоазната изјава за божемната ефикасност на МВР и на Јавното обвинителство? Раководителите на овие институции, напротив, треба да сносат одговорност за неспроведување на својата службена должност. Ако ги осудуваме нападите, зошто да не го осудиме и игнорантскиот однос на функционерите, кои замижуваат пред ваквите напади? Со свилени изјави тие сигурно нема да се разбудат.
Извор: Слободен печат
Слика: Свирачиња