Зен - универзална естетика

11.11.2014 12:10
Зен - универзална естетика

Огромната популарност на зенот денес и неговата распространетост низ целава планета нè поттикна да истражиме каква е таа суштина што го востановува како универзална естетика. Зенот денес е стил на живеење, стил на уредување на домот, стил во архитектурата, стил на уредување на градините, стил на исхрана, стил на облекување...

Дали зен-модата е Зен? Ако тргнеме од крајната едноставност на зен-будистите, не би рекле дека зен-модата е многу во склад со стремежот во зенот. Сепак, зенот е зен како духовна практика и како живот кој избликнува од таа практика...

Зен потекнува од кинескиот збор chán, чиј корен е во индијскиот збор dhyana, што значи медитација. Според некои негови истражувачи, пак, зенот има посуштинска врска со интуицијата, праџна, отколку со медитацијата, dhyana. Зенот, како ниедна друга духовна практика, потполно е ослободен од конвенции и од правила во методот како да се раскинe со стереотипите кои нè врзуваат во лажни идентификации, значи со она што нè прави неслободни одвнатре, макар што, во зен манастирите се востановени дисциплина и правила, строг план на активности кои се следат во текот на едно деноноќие. Во зен-практиката (на Rinzai школата), многу значаен е моментот кога на зен-студентот му се овозможува да го „демонстрира“ своето разбирање на коанот.

Коанот, објектот на медитацијата, е кратка анегдота или случка од животот на мајсторите на зенот (често е без логика и смисла) и во себе има клуч за отплеткување на јазолот на интелектот, како образец за следење кој доведува до апсурдна ситуација на немање решение, што е момент на ослободување од клишето и увид во јасна свест.

Во интервјуто, разговорот (докусан), со зен-мајсторот, зен-студентот „изморен“ од долгите контемплации за решавање на загатката на коанот (која нема решение), и доведен до „работ на умот“, апсурдот, се распоистоветува од идеите кои му стојат на патот, од облаците кои му ја засенуваат свеста, доживувајќи „увид“ или кеншо...

Зенот е будистичка практика, која се распространила во Јапонија под влијание на чан будизмот од Кореја и Кина. Кинеските монаси се заслужни за пренесување на будистичкото учење во Јапонија, и не само тоа, туку и на кинеската уметност на градителство, грнчарството, уметноста на пиење чај, уметноста на уредување на градините, суми сликарството. Тајните на сите уметности во тоа време биле кај будистичките монаси. Духовноста била инспирација за творештвото и префинетиот стил на живеење.

Зен монасите медитирале на брановите изгреблани во шлунакот во дворот на манастирот. Глетката во тој „land art“ им го смирувала умот. Така настанале зен-градините.

Задолжителен елемент во јапонските градини се карпите, камењата и шлунакот. Уште во почетоците на древната Шинто религија одредени карпи пронајдени во природните амбиенти, кои се истакнувале со својата природна убавина, биле обележувани како свети места и околу нив се вградувале првите провизорни храмови, за подоцна во зен градините тие симболично да ја претставуваат или планината Меру, космогонискиот центар на светот, или островот на бесмртноста на Амитаба Буда или земјата Јапонија (острови во океанот).

Зен уметникот е нурнат во структурата на природните нешта, во структурата на карпите како чувство на длабока тишина, во структурата на дрвјата, водата, небото и земјата, во апсолутен мир и сеопфатна хармонија. Затоа хаику поезијата е екстрактот на зенот, здивот на зенот, и најприкладен начин за искажување на тие неверојатно суптилни доживувања на промените на годишните времиња и душевните расположенија кои ги следат.

Во јапонската архитектура имаме чувство како да сме дел од природата; нема граница меѓу домот и потокот и шумата, тие навлегле во домот, а домот е дел од амбиентот на градината. Правите агли на стреата од куќата се како рамка за набљудување на природниот амбиент (геометријата-решетка е контраст-фон за арабескно-флуидниот раскош на природата). Што е „надвор“, а што е „внатре“ тука? Дали градината е домот, а „колибата“ само засолниште од дожд и снег? „Засолниште“ кое скромно, минималистички се украсува со мајсторски изработени уметнички предмети, не за да се покаже богатството (на духот), туку да се акцентира, дефинира внатрешниот простор, секогаш беспрекорно чист.

Деликатно чувство за убаво, смисла за естетика во сите сфери од животот е наследство на зенот...

Хаику поезијата го интегрира суптилното уживање во природните убавини и јасното опсервирање на нештата како резултат на медитацијата. Стопувањето на чувството во јасност го оформува моментот на инспирација од кој возникнува хаику песната. Хаику песната обично содржи три пункта - моменти на едно вдахновение – круг на хармонија меѓу внатрешното битие и светот (небото и земјата).

На тоа искуство резултат е радоста. Радоста или болката, бидејќи ќе згрешиме ако кажеме дека едното постои без другото, се две состојби кои наизменично се менуваат во расположението на поетот. Тие се прелеваат како боите на виножитото при што во различни периоди од годината доминира едното или другото како специфична боја и енергија.

Во животот милиони нешта ни причинуваат радост, исто толку болка и тага. Зенот нè учи дека уметноста на живеење се состои не во избегнување на болката и не во грабање на радоста и среќата. Тоа балансирање на јин и јанг во Тао, два пола кои се вткајуваат еден во друг, ја дава мудроста на јасното гледање на нештата, такви какви што се. Освен овој поларитет, постои и динамичното сеопфатно опсервирање во единство, кое ги трансцендира двете (во убавината - Тао). Значи три е бројот кој јас го претпочитам и во три е хармонијата.

Третиот „елемент“ (е возвишената убавина која) создава хармонија, бидејќи спречува радоста да премине во преголема егзалтација, а болката во сентименталност или самосожалување.

Три е небо, земја и човек, како што се означени во приказот на цветниот аражман на икебаната. Во икебаната или во аражманот на карпите во зен градината секогаш има три елементи или еден кој во себе има вградено и симболизира три аспекти. Во овие симболи се трите основни принципи: хоризонтала Земја, вертикала Небо, дијагонала Човекот.

Уметноста на балансирање е влегување во креативна динамична игра, одбегнување на крајностите кои секогаш се причина за сите наши неволји.

Асиметријата, едноставноста и „несовршеноста“ во спонтаноста, „случајните“ елементи, се карактеристика на зен уметноста и се во есенција на сите уметнички облици кои се под името Зен.

Садовите за чај се изработувале рачно, (тие на најголемите мајстори на чајната церемонија) без користење на грнчарско тркало. Кога ќе ги видиме, немаат совршена форма, но несовршеноста – деформацијата на обликот кои произлегуваат од рацете на уметникот и кои настануваат низ разни финеси на печење и допечување на глината се дел од нивната совршеност. Во таа несовршена форма-структура-текстура може да се види и со допир осети цел еден космос. Употребливоста на овој предмет е во празнината, а празнината проилегува од формата настаната во динамично претопување на петте елементи. „Патот на cha-no-yu (чајната церемонија) е во тоа да се сфати духот на природното и хармоничното соединување на Небото и Земјата, сеопфатно да се почувствува присуството на петте елементи на тихиот оган на кој преобразени се појавуваат ридови, реки, пештери и стебла, водата што освежува да се црпи од бунарот во земјата, и со сопствените усни да се впие мирисот и вкусот на битието. Колку ли е длабока радоста да се почувствува ова хармонично единство на Небото и Земјата !“ ( Зен-мајсторот Такуан)

Сите овие зен облици нè упатуваат на едноставноста, чистотата спонтаноста и искреноста како идеал. Мислам дека ако малку повеќе ги слушаме советите од зен мајсторите, а ако практикувањето медитација го прифатиме како секојдневна нормална активност можби и зен-модата како феномен, постепено ќе се доближува до суштината на Зенот за да се преобрази во зен-живот. Тогаш изворно ќе се живее зенот: „Животот Е Уметност Е Зен“.

Ете затоа зенот е универзална естетика, затоа што во себе содржи елементарни мали а големи вистини прифатливи за сите луѓе од сите земји и култури.

Извор: Глобус, 2012.
Цртежи најгоре и најдолу: Татјана
 Миљовска

Слични содржини

ОкоБоли главаВицФото