Од Сон – колаж

14.03.2015 05:22
Од Сон – колаж

Сонував еден сон. Сè започна во Старата скопска чаршија, каде што јас како студентка поминував барем петнаесет часови секој ден. Или во Сули Ан или во чајџилницата.

Од денешна перспектива не можам да се изначудам како сум можела толку часови да поминам во пиење чај и разни муабети. Добро, и на факултетот доста работев. Но, за друго сега почнав да раскажувам.

Таа чаршија многу добро ја знам, како структура е во моите први слики- колажите. И ден денес често сонувам како шетам по нејзините сокаци. Затоа ептен автентично „го видов“ Тоа. Нештото.

Попрецизно, локацијата беше на тромеѓето меѓу УКИМ, МРТ и СУДОТ. Наеднаш како да се случи некој вртлог од торнадо. И тоа Нешто беше некаква голема сила, многу јако. ( Многу јако! или Awesome! Awesome! е восклик кај најмладите генерации за нешто многу добро, ми кажува мојата 12-годишна внука). Баш таму каде што се сечат погледите на новопоставените коњи(аници) и Ќосето се случи тоа.

Студенти кои петнаесет дена спиеја во непосредна близина, поточно на Филозофскиот факултет, и за многу кратко време го изострија сетилото за битни работи, исто така видоа дека Нешто се случило. Веднаш им кажаа на своите професори, кои интуитивно насетувале. Еден од професорите кажал „Дејствувај!“ (или Action!), што автоматски значело дека пленумците веќе знаеле што треба да прават.

.......

Тука имам рез, како да не се сеќавам што потоа се случуваше. Или можеби имав некоја повисока визија, за која обично не се сеќавам кога ќе се разбудам.

Но следната сцена е пред МРТ, веќе се собрани илјадници студенти, професори, новинари, хонорарци, многу граѓани од целиот град, а од МРТ сите до еден веќе излезени со спремни пароли „МРТ- јавен сервис, не јавен амбис“, „Долу пропагандна тиранија“, „Светлина, Вистина и Правда“ и со цврст став за генерален штрајк.

Од разни елементи тука заклучив дека пленумците (кои за час можат добро да организираат било што) во соработка со некој генерал претходниот ден имале повик со овие слогани „МРТВ да објави!“ и „ОСТАВКА НА ВЛАДА“!

„Доста беше молк!“, „Нема правда, нема мир!“, „Не сте свесни колку сме бесни!“, „Сакам дома да живеам!“... извикуваа и судиите од соседниот објект и носеа со себе вакви пароли, исто така објавувајќи штрајк, оставки и слично. Студентите зачудено ги читаа паролите, веќе во следниот момент горди што имаат такви сограѓани во своите редови...

„Имаше „Нешто“ многу силно, како „земјотресение“, потврдија и дервишите од блиското теќе, „чиниш десетици џинови наеднаш се ослободија од своите лампи после сто-двесте години ропство. „Долу влада“ скандираа, сведочат дервишите со способност за разни визии.

Така сите сложно маршираа по улиците, многу пароли, црвени индекси, црвени картони, црвени пасоши беа помешани, но не хаотично, туку како во добро компониран колаж. Расцутени дрвја ги поздравуваа и расцутено небо како во пролет.

„Нè тераат да потпишеме бланко, секој може што сака да додаде на тој лист потоа, нè уценуваат, мениците ќе ни ги активирале, имотот да ни го запленат. Доста ни беше, ние сме слободномислечки Македонци!“, извикуваа пратениците. И еден по еден се приклучуваа на реката од народ. (Тој ден имаше седница, не случајно.) „Ова не е парламент! Логор е!“. Сите напуштија освен неколкумина, кои како и по другите институции останаа во празните канцеларии и сали, така демонстрирајќи доследност на каузата во која како во кама и пиштол и Библија се беа заколнале до крај на животот. Најголем број, пак, баш заради тоа, со зборовите „Смрт или Слобода!“ на усните, бегаа од седницата на Парламентот. Каде што токму во тој момент се одлучуваше за употреба на тенкови и др. тешка артилерија во случај на улични протести. „Смрт или Слобода!“, дури и по малку избезумено викаа и како од чума бегаа.

Тоа беше најдраматичниот дел од сонот. На сите им се кинеше душата и беше скоро кулминација. (но, скоро! - бидејќи кулминацијата фактички беше на крајот, пред Владата...)

Реката од слободоумни луѓе се движеше по улиците на Скопје и од сите згради и установи им се придружуваа нови луѓе. Не се приклучуваа само тие кои беа многу зафатни со некој бизнис или зделка која не смееја да ја пропуштат.

Така реката од народ пристигна пред Владата. Не знам колку луѓе беа во долгата колона. Не можам да се сетам на бројката, сè беше така интензивно (како во сон). Можеби цел град беше таму собран на некое колективно ниво.

А пред Владата веќе собрани и од другите населби и со автобуси без технички преглед пристигнати од околните села. Реката се влеа во постоечкото море (од незадоволство). Тогаш сите застанаа и во еден момент настана молк. Како да се случуваше оддавање почит на загинатите за слободата на Македонија.

Потоа следеше најпотресната сцена.

Полицајците и специјалците кои беа наредени пред Владата, со солзи во очите, еден по еден почнаа да ги соблекуваат панцирите. „Спиеме на железни кревети. Се покриваме со ќебиња на кои уште пишува ЈНА“. Потоа масовно, во знак на протест, почнаа да ги џиткаат електричните пендреци накај Владата, гумените куршуми ги трескаа од земја, а шок-бомбите внимателно ги спуштија покрај себе. И со еден скок се најдоа од другата страна на оградата. Сите во масата, посебно во првите редови, беа вџашени и во емотивен шок. Но за кратко се прибраа и почнаа да скандираат „Слобода“, „Долу влада“, во голема еуфорија. Разни пароли видов во живи бои со натписи „Мир“, „Демократија“, „Достоинство“. И некои други мои слики ми се помешаа тогаш, како во сон . Голема радост и сплотеност на сите. Главниот траспарент веќе префрлен преку полицајците напред: „ОСТАВКА НА ВЛАДА“. Кратко и јасно. Тогаш се прекина сонот. Секогаш кога е најинтересно.

Но, добро е што се прекина, бидејќи така се прелеа во реалноста. И се создаде простор за луѓето да го завршат (како по дефиниција за отворено уметничко дело). Секој според својата фантазија да го осмисли крајот.

Други тврдат тоа започнало во Универзалната сала, но јас еве ви раскажав како беше, а потоа Тоа се прошири сегде, па и таму...

Скопје, 11.03.2015.

Слики (колажи): Татјана Миљовска, 1988

(Старата чаршија нека заживее пак како тогаш!)

ОкоБоли главаВицФото