Лина Бо Барди: Најпотценетата архитектка на XX век

08.12.2014 11:28
Лина Бо Барди: Најпотценетата архитектка на XX век

Бразилската архитектка Лина Бо Барди е родена на 5 декември 1914 година во Рим, каде по тој повод деновиве се одржа научниот собир на Архитектонскиот факултет, токму во улицата Антонио Грамши, што е интересен детаљ ако ја земеме предвид политичката димензија на нејзиното дело.

Лина Бо Барди емигрирала во Бразил 1946 година, со веќе формирана референтна рамка и искуство на практична архитектка, дизајнерка, илустраторка и авторка на статии во списанието Домус, но постколонијалното опкружување во кое се затекнала ги фокусирала нејзините креации на критичкото промислување на евроцентричноста и ја направило една од предводничките на бразилскиот интелектуален круг. Својата бразилска пракса ја започнала токму кога Лусио Коста и Оскар Нимаер почнале да го преведуваат интернационалниот модернизам во локална рамка, но ја задржала и дистанцата кон таа утописка фаза и создала моќен сопствен ракопис кој фасцинира до денес. Поетичноста на нејзиниот авторски израз израснува на силно втемелена мисловна потка и тоа ги прави нејзините куќи безвременски. „Внимателното барање на културната основа на земјата (таа беше сиромашна, бедна, популарна), ако е исправно, не значи чување на материјалот и обликот, туку вреднување на изворните креативни можности. Модерните материјали и модерните средства за производство ќе ги заменат оние примитивните, чувајќи ги не облиците, туку потструктурите на тие пожности“, пишува Бо Барди.

Нејзината прва бразилска реализација, а воедно и нејзин дом - Стаклената куќа (Casa de Vidro) од 1951 година, на работ на прашумата до Сао Паоло - е едноставна, а волшебна модернистичка градба, спој на италијанскиот рационализам со традиционалната бразилска диспозиција. Првата куќа во денес богаташкото предградие, сега повеќе не е во фантастично природно опкружување, но убаво е да се замисли какво било чувството да ги тргнете завесите, да се втопите во шумата и така да создавате.

Веројатно најпознатото нејзино дело и симбол на бразилскиот модернизам, Уметничкиот музеј во Сао Паоло, е храбра бруталистичка бетонска и стаклена структура закачена на две масивни рамки од пренапрегнат бетон. Конструкцијата и дизајнот се резултат на одлуката зградата да не го блокира вредниот поглед од локацијата, па така дел од музејот е вкопан, а дел издигнат над 74 метри широкиот распон помеѓу столбовите со што е формиран слободен простор на покриениот плоштад на кој луѓето се дружат, одмораат, протестираат. На 10.000 квадратни метри до музејот кој ја вдомува најбогатата бразилска уметничка колекција, се наоѓа и една од најголемите уметнички библиотеки, фотографска, филмска и видео галерија, аудиториум, ресторан и низа други простори, па така се создава комуникациско јадро на бразилската култура, нагласувајќи го космополитскиот дух на Сао Паоло.

Кога во 1964 година со воениот пуч Бразил 20 години е осуден на недемократски молк, многу уметници и архитекти (како уверениот комунист Нимаер) ја напуштаат земјата. Бо Барди останува и иако не гради многу, го продолжува уметничкото дејствување. Во почетокот на осумдесеттите, кога диктатурата попушта, го гради социјалниот и културен центар SESC Pompeia, прилагодувајќи го дизајнот на веќе постоечките функции кои на напуштената фабрика ѝ ги дала самата заедница. Така, меѓу другото, ги обединува театарот, фудбалските терени и базенот, а просторот е отворен за сите, од оние кои трагаат по некоја херметична изложба, до локалните жители кои во него просто го трошат времето.

Наречена и „најпотценета архитектка на XX век“, лина Бо Барди ги интригира современите теоретичари подеднакво со силата на идејата и нејзината материјализација. Начинот на кој се чита и вградува општественоста во градбите токму на почетокот на XX век е клучна авторефлексивна тема на архитектурата, а Бо Барди на свој начин поставила исклучителен стандард на промислување. Демократската и демократски создаваната архитектура на Лина Бо Барди е еден од најсилните одговори на прашањето зошто воопшто градиме.

Извор: pogledaj.to

ОкоБоли главаВицФото