Ципрас внесува немир во ЕУ

09.12.2014 02:56
Ципрас внесува немир во ЕУ

Лидерот на грчката опозиција, Алексис Ципрас, најави дека неговата партија СИРИЗА веднаш ќе ја укине ЕУ/ММФ програмата за „кредитно спасување“ штом ќе дојде на власт. Исто така, порача дека ќе го направи тоа без оглед на преговорите со кредиторите. Ова е неговиот најостар коментар до сега и со овој став јасно истакнува дека левичарската коалиција СИРИЗА нема да влегува во компромиси доколку гласачите ѝ ја дадат довербата на следните избори.

Кога станува збор за следните избори во Грција, има голема можност веќе во почетокот на идната година СИРИЗА да тргне во обид за рушење на актуелната влада, што би довело до предвремени избори.

Пресвртот во Грција на почетокот на идната година секако би бил еден од најважните настани во Европа во 2015, а последиците би биле значајни.

Имено, Грција е сè уште прва во низата која потенцијално може да покрене домино ефект ширум Европа. Ако дојде до тоа новата власт во Грција да го одбие диктатот на таканаречената „тројка“ (ММФ, Светска банка и Европска комисија), тоа неминовно ќе има значајни последици и врз другите членки на ЕУ кои спроведуваат мерки за штедење.

Кои се конечните последици? Многу сценарија се можни, па и оние тектонските како што е, на пример, распад на комплетната еврозона. Тоа пак, би довело до значително прераспределување на силите во ЕУ, а особено би била погодена Германија која во најголема мера е иницијатор на ваквата економска политика за која критичарите тврдат дека е скроена да му угодува пред сè на Берлин, додека народите во Европа, особено во Јужна Европа, сносат само страдање и намалување на животниот стандард.

СИРИЗА, која често се нарекува „радикална левица“, јасно зазеде став по ова прашање и во повеќе наврати истакна дека ќе го прекине наметнатиот однос на Грција и другите кредитори. Ципрас сега ја подига реториката на повисоко рамниште и порачува дека ова е конечна одлука, преговори со кредиторите нема да има. Со доаѓањето на СИРИЗА на власт Грција ќе влезе во еден нов период, а со тој потег ќе се потресе цела Европска унија.

Прашањето кое сега ќе се постави е ова: што ќе направат заговорниците на мерките за штедење за да го запрат Ципрас? Германија за време на последните избори во Грција прилично се „ангажираше“, па така германскиот министер за финансии доволно им се закани на Грците дека животот значително ќе им се вложи ако се осмелат да ја доведат СИРИЗА на власт.

Победата тогаш им побегна за влакно, а власта сепак ја презеде конзервативниот премиер Антонис Самарас и неговата партија Нова Демократија. Но, до сега работите се променија и на многу Грци им е јасно дека вака повеќе нема да може.

СИРИЗА не е единствената силна левичарска партија во Грција, тука е и Комунистичката партија (ККЕ) која исто така се противи на програмата која ја наметнува ММФ, но нивната политика е уште порадикална. Имено, СИРИЗА - за разлика од ККЕ - не бара излегување од ЕУ, па дури ни од еврозоната.

Политиката за која се залага СИРИЗА вклучува реформа во самата ЕУ и токму нивното доаѓање на власт може да започне еда длабока транзиција која би можела многу лесно да се прошири низ Европа.

Секако, доаѓањето на СИРИЗА не би значело само промена во анти-работничкиот модел на мерки за штедење туку и еден пресврт во политиката генерално, па така и кога станува збор за надворешната политика. Во суштина, промената во Грција би била важен чекор кон враќањето на европската автономија која во последниве години е исклучително под влијание на САД, благодарение на фактот дека речиси сите влади, од Берлин, Париз, Мадрид, па до Атина, се многу подложни на барањата, агендите и политичките и економски барања на Вашингтон.

Ципрас ги изнесе своите коментари денес во долгото телевизиско интервју за грчката телевизија СКАИ. Ги допре сите теми и ѝ порача на јавноста дека не треба да се плаши за своите банкарски депозити, истакнувајќи уште еднаш дека има намера да ја задржи Грција во еврозоната.

Но, не штедеше критики за таканаречената „тројка“ - рече дека „тројката“ само сака да ги експлоатира грчките природни ресурси, да му го одземе имотот на народот и да создаде евтина работна сила за остатокот од Европа. Рече и дека „тројката“ веќе претчувствува дека актуелната власт наскоро би можела да се распадне.

Партијата СИРИЗА го зголеми своето водство пред владејачката коалиција која ја предводи премиерот Антонис Самарас, потврдуваат последните анкети.

Фактот дека СИРИЗА го презема водството во поддршката го доведува во прашање и чекањето до 2016 за нови парламентарни избори. Имено, на почетокот на следната година во Грција се бира нов претседател - од страна на парламентот, а СИРИЗА уште сега истакнува дека ќе го блокира кандидатот на владејачката коалиција.

Премиерот Самарас во моментов има 154 пратеници во парламентот од вкупно 300 пратеници. За избор на претседател му требаат најмалку 180 пратенички гласови, а нема гаранција дека ќе има таква поддршка. Со други зборови, СИРИЗА - од која толку стравува актуелниот европски естаблишмент - наскоро би можела да има конкретна шанса за рушење на оваа влада.

Анкетата спроведена од организацијата МРБ Хелас во септември покажа дека СИРИЗА има поддршка од 30% од испитаниците, што е за 4,7 отсто повеќе од партијата Нова Демократија на Самарас.

Речиси половина Грција смета дека би било добро да се одржат предвремени избори. Понатаму, резултатите откриваат дека социјалдемократската партија ПАСОК, која во моментов учествува во владејачката - според нив сепак „неприродна“ - коалиција, паднала на само 5,3 отсто поддршка, што ја прави дури шеста политичка сила во земјата. Ова се многу интересни бројки, ако имаме предвид дека ПАСОК некогаш беше една од двете најсилни партии во земјата. Тој податок уште еднаш потврдува дека во Грција дојде до намалување на поддршката за традиционалниот центар, а порадикалните политики стануваат далеку попривлечни.

СИРИЗА е секако „полева“ од традиционалната европска левица, иако нејзината политика не е ни толку радикална како што понекогаш се прикажува - партијата се залага, како што споменавме, за останување на Грција и во ЕУ и во еврозоната, но со бројни реформи, а една од клучните е укинување на мерките за штедење.

На другата страна од политичкиот компас ја имаме неонацистичката партија Златна зора која - и покрај фактот дека врвот на партијата, по убиството на антифашистичкиот активист, се наоѓа во затвор под обвинение дека припаѓа на криминална група - има висока поддршка од 8,5 отсто и е трета политичка сила во земјата.

Ретко кој до пред неколку години можеше да замисли дека партијата со неонацистички тенденции ќе биде дури за 3 проценти попопуларна од еден ПАСОК, иако познавачите на поновата грчка историја веројатно не ги изненадува таквиот исход.

Грчката политика наскоро повторно ќе стане водечка тема во Европа, а овој пат изгледа дека СИРИЗА нема да може да биде запрена со евтина реторика како последниот пат.

Извор: www.advance.hr, 02.12.2014.