1021 hPa
87 %
9 °C
Скопје - Пон, 14.10.2024 07:59
После 25 јануари Грција повеќе нема да биде иста. Мојата партија Сириза гарантира нов општествен договор за политичка стабилност и економска безбедност. Нудиме политика која ќе го прекине строгото штедење, ќе ја зајакне демократијата, општественото единство и средната класа. Тоа е единствениот начин да се зајакне еврозоната и европскиот проект да стане прифатлив за сите жители на овој континент.
Мораме да прекинеме со политиката на строго штедење за да спречиме стравот да ја уништи демократијата. Ако силите на прогресот и демократијата не ја променат Европа, тоа место нас ќе го направи Марин Ле Пен и нејзините ултрадесничарски сојузници. Наша обврска е отворено и искрено да преговараме со европските партнери. Неразумно е едни на други да си покажуваме само заби.
Да појаснам: управувањето со државниот буџет не подразбира автоматски политика на строго штедење. Владата која ќе ја формира Сириза ќе ги почитува обврските на Грција како членка на еврозоната да одржува балансиран буџет и ќе се посвети на постигнување квантитативни цели. Меѓутоа, суштинска одлика на демократијата е новоизбраната влада сама да одлучува како ќе ги исполни тие задачи. Политиката на строго штедење не е дел од европскиот договор, туку тоа се демократијата и принципот на народен суверенитет. Ако граѓаните на Грција ни ги доверат своите гласови, спроведувањето на нашата економска програма нема да биде „унилатерален“ чин туку демократска обврска.
Дали постои барем една логична причина да се продолжи со терапијата која само ја влошува болеста? Политиката на строго штедење во Грција не успеа. Ја скрши економијата и доведе до масовна невработеност. Дојде до хуманитарна катастрофа. Владата им вети на заемодавците дека во 2015 година дополнително ќе ги намали платите и пензиите и ќе ги зголеми даночните стапки. Но тие обврски се однесуваат само на владата на Антонис Самарас кој поради тоа ќе изгуби на овие избори.
Сакаме да ја направиме Грција пристојна и демократска европска земја. Нашиот манифест, познат како Солунска програма, содржи низа краткорочни фискални мерки кои ќе ја намалат хуманитарната катастрофа, ќе ја покренат економијата и повторно ќе го вработат населението. За разлика од претходните влади, ние ќе ги апострофираме домашните фактори кои ја продлабочија кризата. Ќе им се спротивставиме на олигарсите кои го избегнуваат плаќањето на данокот. Ќе обезбедиме социјална правда и одржлив развој во склоп на социјалната пазарна економја.
Грчкиот јавен долг нарасна до неверојатни 177 отсто од бруто домашниот производ. Тоа е неодржливо; многу е тешко да се исполнуваат обврските. За постоечките заеми бараме услови кои нема да доведат до рецесија и кои нема дополнително да ги турнат граѓаните во безнадежност и сиромаштија. Не бараме нови заеми: не можеме бескрајно да го зголемуваме долгот.
Лондонската конференција во 1953 ѝ помогна на Германија да го остври своето повоено економско чудо ослободувајќи ја од товарот на нејзините минати грешки. (Грција беше еден од меѓународните кредитори кои учествуваа на оваа конференција). Бидејќи политиката на строго штедење ширум Европа предизвика презадолженст, ние ќе свикаме Европска конференција за долгот која, како и лондонската некогаш, силно ќе го придвижи европскиот економски раст. Тоа не е прашање на морален хазард. Тоа е наша морална должност.
Од Европската централна банка очекуваме започнување програма на квантитативни олеснувања. Тоа требаше одамна да се направи.
На Сириза ќе ѝ треба време да ја промени Грција. Само ние можеме да гарантираме прекин на клиентелистичките и клептократските практики на политичките и економските елити. До сега не сме биле во владата; ние сме нова сила која не му должи ништо на минатото. Ќе ги спроведеме реформите кои на Грција ѝ се повеќе од потребни.
Извор: Social Europe, 22.01.2015.