Природно е да очекуваме дека бомбата ќе биде нашата катарза

10.02.2015 12:34
Природно е да очекуваме дека бомбата ќе биде нашата катарза

Природно е да очекуваме дека бомбата ќе биде нашата катарза. Нашето прочистување, соочување со потиснатото, врисок со кој ќе се ослободиме. Очекуваме разобличување на цврстиот систем на репресија, на мрежата од безочни лаги и на лажните големи луѓе. Очекуваме будење на умот, хипнотизиран под дејство на диригиран тв етер, чекаме потврда за нашите основани сомнежи и прекин на неиздржливото. Бараме кулминација, за да стане можна разврската на оваа последна драма, во која страдаме од своите.

Но тоа нема да биде хепиенд, тоа не е приказна што завршува. Суровото будење ќе значи со реални очи да се видиме голи и боси во огледалото на историјата, ќе се судриме со вистинските димензии на очајот и бедата на нашиот народ, со вистинската физичка, емоционална и материјална штета што ни ја нанесоа киднаперите на македонштината. Не се сомневам дека ќе биде Тешкото.

Расплетот е извесен, без оглед на временската рамка во која ќе се одвива и без оглед на црнилата што ќе се ископаат. Но дали во тие руини на разврската ќе исчепкаме доволно сила за да не летаме во место уште две децении, туку да искачиме барем неколку скали до точка во која се живее слободно и достоинствено? Дали ќе бидеме способни да препознаеме и пресретнеме некои идни злосторнички здружувања? Дали сме подготвени да се менуваме самите ние, да ја изгриземе нашата самоубиствена апатија, да бидеме вистински граѓани кои не можат лесно да бидат превеслани, зашто едноставно биднале свесни и активни? И дали сакаме да земеме дел од товарот на одлуките, а со тоа и одговорност за самите себе?

Катарзата има повеќе дефиниции; кај Хипократ терминот значи телесно прочистување, исфрлање на супстанците од телото кои предизвикуваат болест. Диктаторот и неговата мрежа се само симптомот на болеста, тие се нејзиниот страшен ефект. Супстанците се распрскани по нашето колективно тело: културата на молчење и прифаќање на ,,судбината”, стравот од авторитети и коленичењето пред нив, леснотијата на конформизмот, лошото образование и ниската свест, национализмот...

Затоа катарзата не треба да остане само врисок кој ќе се изгуби без ехо, таа мора да предизвика процес на преиспитување кај секој поединец и целосна реконструкција на општеството. Нов почеток.

Извор: Фејсбук профилот на авторката
Слика: Budi Satria Kwan