Прва песна на Pussy Riot на англиски

19.02.2015 12:36
Прва песна на Pussy Riot на англиски

Двете членки на контроверзниот панк бенд Pussy Riot објавија спот за новата песна посветена на Ерик Гарнер, невооружениот човек кој беше убиен од страна на њујоршки полицаец.

Новата песна создадена од Марија Алјохина и Надежда Толоконикова се вика „I can't breathe“, што се последните зборови кои Гарнер ги изговорил додека полицаецот го давел.

Алјохина и Толоконикова беа приведени во 2012 година поради изведување протестен перформанс во една од најголемите московски цркви и осудени за екстремизам, но беа пуштени неколку месеци пред истекувањето на нивната двегодишна затворска казна во декември 2013.

Ова е прва песна на англиски на оваа група, но панкерките ангажираа други пејачи за неа.

Текстот и вокалите главно се заслуга на руските бендови Jack Wood и Scofferlane, додека Алјохина и Толоконикова го потпишуваат концептот и продукцијата на спотот.

„Песната е за Ерик и сите оние од Русија до Америка, кои трпат државен терор - кои се убивани, давени, избришани од лицето на земјата поради војната и насилството кое го спонзорира државата“, стои во соопштениет по повод објавувањето на спотот.

На крајот од песната се слушаат последните зборови на Ерик Гарнер:

„Да се извлечам за што? Секогаш кога ќе ме видиш, сакаш да ме малтретираш. Уморен сум од тоа. Тоа мора да заврши денес. Зошто ти би...? Сите присутни ќе ти кажат дека не сум направил ништо. Не продавав ништо. Секогаш кога ќе ме видиш, сакаш да ме малтретираш. Сакаш да престанам да продавам цигари. Си ја гледам мојата работа, си ја гледам мојата работа. Те молам оставиме на мира. Ти велам последен пат, те молам, само остави ме на мира. Те молам, те молам, не ме допирај! Не ме дпирај! Не можам да дишам... Не можам да дишам... Не можам да дишам...“

Извор: B29