Како студентите се изборија за автономија на универзитетот

25.02.2015 15:44
Како студентите се изборија за автономија на универзитетот

Од црвени крукчиња, обиди за стигматизирање и делегитимирање, преку носење на законските измени, до нивно повлекување, студентите поминаа голгота од четири месеци по која сепак извојуваа победа. Денеска Студентскиот и Професорскиот пленум договорија со Владата и Ректоратот изработка на нов закон, во кој активно ќе учествуваат. Поради интензивноста и контрадикторноста на настаните кои се случија од првиот студентски марш до денеска, пренесуваме хронологија со која се доловува реалната слика.

17 ноември – Организиран првиот студентски марш и најголемиот дотогаш во Македонија, неколку илјади студенти тргнаа од Универзитетот Свети Кирил и Методиј кон Владата за да го искажат својот револт против екстерното оценување. Извикуваа дека единствена книшка која ја имаат е студентскиот индекс и симболично го „погребаа“ СПУКМ со што го зазедоа неговото место во одбрана на правата на студентите. Маршот заврши пред Министерството за образование, каде од министерот Абдулаќим Адеми побараа да слезе од својата канцеларија и да се соочи со нив. Студентите доставија до Министерството барање за оставка на Адеми.

18 ноември – Министерот, Абдулаќим Адеми изјави дека студентите не се вистинските организатори на протестот, туку дека зад нив стои друг. На барањето за оставка, Адеми одговори дека оставки од министри можат да бараат само политички партии.

24 ноември – На битолските студенти им беше забрането својата средба да ја одржат внатре во универзитетот „Свети Климент Охридски“ откако вратите им биле затворени, поради што пленумот го одржаа надвор на ниски температури. Околу 200 студенти излегоа на студентски марш во Штип за да му кажат „не“ на предлогот за воведување екстерно текстирање. Преку Студентскиот пленум беше соопштено дека студентите се уморни од реториката на премиерот „која се обидува да даде партиска конотација на иницијативата и со тоа да ја делегитимира“. Владините функцинери се обидуваат да ја убедат јавноста дека државниот испит не е екстерно тестирање.

26 ноември – Студентскиот пленум го покани министерот Абдулаќим Адеми, на средба два дена подоцна на која преку директна комуникација би го изложиле нивниот став во однос на предложената реформа. Адеми не ја прифати поканата.

1 декември – Студентите одржаа петти пленум, средба на платото пред УКИМ, на кој беше потврдено мислењето дека државниот испит мора потполно да се укине.

3 декември – Студентскиот пленум одлучи нов студентски марш да се одржи на 10 декември. Премиерот Никола Груевски, изјави дека најавениот студентски протест е партиски мотивиран.

4 декември - Студентскиот пленум повикува на масовност на студентскиот марш закажан за 10 декември и реагира на обидите студентите да се претстават како изманипулирани и политички обоени. Студенти се жалат на притисоци и закани од страна на членови од владејачката партија ВМРО-ДПМНЕ.

9 декември – во пресрет на вториот протестен марш, Владата ја обвинува СДСМ дека стои зад студентското движење, а провладините медиуми ја засилија кампањата за саботирање на протестот преку стигматизирање на студентските активисти. Студентски пленум испрати писмо до лидерите на партиските подмладоци во кои се вели дека барањата на Пленумот ја надминуваат партијата и партиските интереси и во кое бара за време на протестот да не се истакнуваат партиски симболи.

10 декември – Организиран најмасовниот протест, илјадници студенти и ученици маршираа против одлуката на Владата да се воведе екстерно тестирање на факултетите. Студентите поминаа покрај МРТ и повикаа „Еве сме“, пред Владата прашаа „И од образованието ли сакате споменик да направите“, порачаа „Брзи реформи слепи студенти раѓаат“. Јавноста беше импресионирана од долгата опашка демонстранти која се движеше од УКИМ кон Владата, а која се најде на снимка направена со дрон. Се протестираше и во Битола. На протестниот марш беа повикани и средношколците, во неколку училишта низ Македонија на средношколците им беше забрането да излезат преку закани и со заклучување на влезните врати.

11 декември – јавниот сервис и националните телевизии беа предмет на критика затоа што непрофесионално известуваа за најголемиот студентски протест во историјата на Македонија, се правеа обиди протестот да се минимизира прикажувајќи мали бројки на демонстрантите и обиди да се дискредитира револтот преку етикетирање на некои учесници.

14 декември – Министерот Абдулаќим Адеми, изјави дека и покрај двата студентски протести, Владата не се откажува од предлогот за државен испит затоа што со него ќе иницирал развој на повеќе полиња. Адеми ги најави и реформите во другите сегменти од високото образование, што подоцна ќе се формулираат во пакет закони.

17 декември – Јавната расправа за државен испит која беше најавена на Педагошки факултет, во последна минута беше префрлена во Министерството за образование и наука. Студентски пленум не беше поканет, но сепак одлучи да присуствува. Кога студентите пристигнаа пред министерството, вратите им беа затворени и не им беше дозволено да се вклучат во јавната расправа.

21 декември – На владина седница беа усвоени реформите на законот за високо образование, кои предвидуваат воведување државен испит за студентите.

25 декември – Најавено формирањето на Професорски пленум во кои ќе членуваат професори кои се потпишаа на Отвореното писмо до Владата против законските измени, објавено во дневните весници, а на кое се потпишаа стотина професори.

26 декември – Организиран третиот протестен собир на студентите против измените во Законот за високо образование. Пред Владата се собраа илјадници граѓани, студентите покажаа среден прст на „Курир“ и „Сител“ и го фрлија Уставот на скалите пред Владата. Протестот организирано го поддржаа и професорите од УКИМ. Студентски протест се одржа и во Битола.

27 декември – Премиерот Никола Груевски, изјави дека професорите ги поддржуваат студентите против законските измените затоа што се плашат од обврската да работат на научни студии кои би се нашле во реномирани научни списанија.

28 декември - Над 400 универзитетски професори со писмо се обратија со пратениците од кои бараат да не го гласаат Законот со кој се воведува државен испит и да се остави простор за дијалог и разумно решение.

29 декември - Собранието ја изгласа првата фаза од носењето на Законот за високо образование, за Законот во прво читање гласаа 71 пратеник „за“ и 8 „против“. Професорскиот и Студентскиот пленум одржаа отворена седница пред Собранието на која ги договорија следните чекори за заедничко дејствување против владините реформи.

30 декември – Формирана е Граѓанската иницијатива за поддршка на знаењето во високото образование, на петицијата за одбрана на владините реформи се најдоа имиња на професори кои подоцна демантираа дека ги поддржале реформите.

5 јануари – Професорскиот пленум одби да учествува на дебатата во хотелот „Александар Палас“ со високи владини претставници, додека претставници на професорите даваа изјава за медиумите пред хотелот ненадејно се појави премиерот Никола Груевски, кој ги повика на средба во Собранието. Подоцна Професорскиот пленум изјави дека нема да учествува на средбата затоа што премиерот не е надлежен да ги планира настаните во законодавниот дом. Средбата помина со соочувања меѓу премиерот и ректорот, Велимир Стојковски, како и професори од т.н. контра-пленум кои ги бранеа измените во Законот за високо образование.

7 јануари – Професорскиот пленум отвори петиција за собирање потписи која ќе биде испратена до претседателот Ѓорге Иванов, барајќи од него да застане зад своите колеги, професори и студенти и да стави вето на пакетот закони.

10 јануари – Во 03.00 часот по полноќ матичните комисии во Собранието ги изгласаа реформите во високото образование.

14 јануари – Студентите во попладневните часови протестираа пред Собранието со транспаренти „Ние не ве гласавме во 3 часот“ додека внатре пратениците расправаа по измените во Законото за високо образование. Собранието ги донесе пакет закони со кои се предвидува, меѓу другото, државен испит ака екстерно тестирање во втора и четврта година од студирањето, 67 пратеници гласаа „за“, а девет гласаа против. Пред Собранието во 19 часот се собра топла на граѓани и студенти кои со палење свеќи се простија со автономијата на универзитетите и со високото образование.

21 јануари – Претседателот Ѓорѓе Иванов ги потпиша указите за прогласување на законите од областа на високото образование и покрај противењето на група професорите и студенти кои претходно побараа од него да стави вето.

4 февруари – Студентските активисти најавија герила акции со упад на предавањето на професорката на Правен факултет, Татјана Каракамишева, каде ја прашаа за членот од Уставот кој ја гарантира автономијата на универзитетите.

6 февруари – Ненадејна средба на претставници од Пенумите и УКИМ со премиерот, Никола Груевски во Владата, на која студентите и професорите добија уверување дека ќе се одложи примената на спорните измени од Законот за високо образование.

10 февруари - Парламентот го изгласа предлогот на Владата да се одложи примената на последните измени во Законот за високо образование.

11 февруари – Студентскиот пленум на Филолошки и Филозофски факултет прогласи Автономна зона со што започна окупацијата на факултетите.

12 февруари – Прогласена Автономна зона на Техничкиот факултет во Скопје.

13 февруари – Министерот, Абдулаќим Адеми, изјави дека не ја разбира акцијата на студентите за окупација на факултетите и дека на овој начин се прекршуваат правата на студентите и професорите кои сакаат да следат и да одржуваат предавања.

17 февруари – прогласена Автономна зона на Техничкиот факултет во Битола.

18 февруари – на платото на УКИМ настапија босанскиот бенд „Дубиоза колектив“, во знак на солидаризација со студентите одржаа бесплатен концерт на кој присуствуваа стотици студенти, ПМФ прогласи бојкот на настава. Штипскиот факултет формираше Студентски пленум. Окупација најавија ФЛУ и Шумарски факултет. Градежен и Архитектонски факултет во Скопје прогласија Автономна зона.

19 февруари – Во Ректоратот за прв пат се сретнаа претставници од Студентскиот и Професорскиот пленум од една страна, и претставници од Сенатот на УКИМ и Министерството за образование и наука од друга, меѓу нив не беше договорено ништо конкретно, но образовните власти покажаа подготвеност да ислушат барањата на Пленумите за подготовка на нов законски текст кој ќе го замени постоечкиот.

22 февруари – Студентскиот пленум го објави првиот број на „Гласник на студентите“ во кој се сместени содржини за активностите на Пленумот на настаните во Автономната зона, и за борбата на студентите за подобар образовен систем

24. февруари – втора средба во Ректоратот на УКИМ каде Пленумите добија потврда дека ќе почне изработка на нов закон за високото образование во чија подготовка активно ќе учествуваат

Извор: Плусинфо, 24.02.2015.
Фотографии: Ванчо Џамбаски

Слични содржини

ОкоБоли главаВицФото