Обид да се оспори победата на студентите

13.03.2015 14:49
Обид да се оспори победата на студентите

Во моменталнава политичка криза во државава, можеби незабележена помина една изјава на министерот за образование и наука. Говорејќи за причините за одлагање на законот за високо образование за една година и прифаќањето да се подготви нов текст на законот за високо образование, министерот вели, дека во овој случај нема губитници и победници, туку има само победници. Сè што се случуваше со законот за високо образование беше неодамна и не е возможно да се заборават сите манипулации и ароганција кои се покажаа од страна на власта, за да може сега после сè што се случи, власта да се стави меѓу победниците. Еднозначно, единствени победници во оваа нерамноправна битка беа и останаа студентите. Власта, која со месеци ги игнорираше повиците од студентите да се чуе и нивниот глас, како и истиов министер, бегаше од нив, ги маргинализираше и просто за него не постоеја. Меѓутоа, студентите со својот извонреден, култивиран, ненасилен настап, покажаа висок степен на интелигенција, и просто ја принудија власта да ги прифати како рамноправен партнер и да ги чуе нивните мислења. Им покажаа на сите усвитени политички глави дека во државава сепак има здрава алтернатива на чиј грб ќе натоварат една растурена нефункционална држава, која ќе мора од темели да се преуреди.

Процедурата за носењето на сега бившиот закон за високо образование покажа како насилнички се носат сите закони, без никаква јавна расправа, без сослушување на сите заинтересирани страни, без елементарно почитување на поинаквото мислење. На овој некадарен министер некој му тутнал еден жежок кромпир во рацете, во форма на нов закон за високо образование, кој во никој случај не можеше и не беше кадарен да го одбрани. И после насилничкото донесување на законот во Собранието во раните утрински часови, тој веднаш стана безвредна хартија и покрај потписот од претседателот.

Неодамна, на јавниот телевизиски сервис на Хрватска, случајно гледав една од редовните емисии, Паралели, која секогаш разгледува една тема со искуства од повеќе замји. Таа вечер темата беше системот на образование во повеќе земји, со анкети на лице место во САД, Ирска, Велшка Британија, и други земји. Во емисијата имаше и директно вклучување од Хелсинки, на еден познат фински научник, доктор на науки, кој како експерт работел и во европските институции и го објасни финскиот систем на образование, кој важи за најдобар во Европа и пошироко на светско ниво. Првата реченица на овој научник беше дека реформа во образованието не се прави за мандатот на еден министер. Основите на финскиот систем на образование поставени се уште кон крајот на седумдесеттите години на минатиот век и со неколку надградби и денес се спроведува. Тоа значи, дека во една уредена држава, кога ќе се постави некаква стратешка цел се почитува и само се надградува. Од поставувањето на основите на системот до сега во Финска се изменети голем број влади и секоја го почитувала тоа што е постигнато претходно и не се почнувало секогаш од почеток. Веројатно тука е и причината за успехот на овој модел и за севкупниот напредок на Финска во сите области.

Затоа, треба да им се оддаде полно признание на студентите што го кренаа својот оправдан глас, а пробудија и дел од академската заедница да им се придужи поангажирано и да застане во одбрана на автономијата на Универзитетот, за разлика од ректорската управа, која како ученици од основно училиште ги слушаа јавно искажаните прекори од премиерот на нивна сметка на состанокот во Собранието.

Та кога се вратија во своите кабинети, по извесно време и тие се сместија, како нивниот министер за наука, меѓу победниците.

Министре и сите околу тебе, поразени сте од страна на студентите, во една нерамноправна борба, да го употребам терминот од боречките спортови, со туш, а тоа е кога протвникот со некој вешт зафат ќе биде легнат на грб. Тоа е чиста, кристална победа.

Долго ќе се паметат огромните колони студенти, кои ги преплавија скопските улици, со достоинствен марш и транспаренти кои никого не навредуваа, само го искажуваа нивниот револт од начинот на кој беа третирани и од тоа што сакаше власта да им го накалеми. И окупацијата на факултетите во одбрана на автономијата на Универзитетот беше изведена без насилие, содржајно со голем одзив и симпатии од огромен број граѓани. Сета оваа ујдурма воопшто не ѝ беше потребна на власта, уште повеќе што за ваков крупен чекор не се појави ни едно стручно тело кое по сите прописи би требело да го подготви проектот и да го презентира пред јавноста. Со начинот на кој се презентираше законот само можеше да се заклучи дека се работи за нечиј каприц.

Драги студенти, секоја генерација ја бие својата битка, студентските и младинските движења имаат огромна улога во историјата на нашиот народ. Колку што можеше да се забележи во вашите настапи, учествуваа и студенти од другите етнички заедници, факт кој може само да радува, бидејќи треба да се стави крај на сите поделби во Македонија кои се наметнати во сегашнава ситуација. Македонија е премногу мала и по население и по површина за да можат да постојат толку шовинизми, нациоанализми и пизми. Стекнатиот капитал, со вашиот настап, не треба евтино да го продадете, на која било политичка опција, бидејќи ниедна од сегашниве не го заслужува тоа. За жал, после толку години самостојна и суверена Македонија, на вас останува задачата оваа разнишана држава да ја изведете на правиот пат на вистинскиот прогрес и градење на вистинско граѓанско општество.

Фотографии: Ванчо Џамбаски