Чудата на спасителите од цивилизираниот свет

18.02.2010 11:33
haiti-earthquake-20100114-091937.jpg

Томас Џеферсон ги сакал робовите. Имал и дете со една робинка. А бидејќи бил доследен човек, не бил склон кон укинување на ропството.

Не му се допаѓало, ни нему, еден од првите американски претседатели, ниту на оние кои со него владееле во младата демократска република, дека на Хаити робовите им се спротивставиле на своите француски господари, дека се избориле за својата самостојност и го укинале ропството. Се заколнал дека ќе го изгладне водачот на побунетите робови, т.н. „црниот јакобинец“ Тусан Лувертур. Американската република за Хаити вовела ембарго и решила да не ја признае неговата независност.

Во тогашната американска казнена политика некои ги гледаат корените, или барем еден од камен-темелниците, на бедата која веќе двесте години го измачува овој несреќен остров. Некои докажуваат дека владее континуитет во американското спротивставување на независноста на Хаити, откако Хаити политички постои, од Џеферсон до Буш помладиот. Последниов во 2001 г. прогласи ембарго за развојната помош за Хаити, бидејќи тогашната влада на островот им се опираше на неолибералистичките притисоци. Три години подоцна американскиот претседател дозволи да се грабне хаитискиот претседател Аристид и од Флорида да се испорача неговиот наследник.

Се разбира, земјотресот кој го погоди Хаити е природна катастрофа. Но природата и размерот на таа катастрофа, убиствените и уништувачките ефекти на земјотресот, во голема мера се плод на политичката катастрофа која го погоди Хаити пред земјотресот. Во колку-толку независните медиуми владее согласноста дека на Хаити, покрај земјотресот, убиваа и сеприсутните анархија и беда. Поточно, земјотресот беше толку разорен поради безвластието и бедата кои беа резултат на надворешните политички и економски притисоци и диктати.

Притоа, не станува збор само за докажување на заговорниците и промоторите на неолиберализмот дека уште од самиот почеток нивните критичари, кои предупредуваа на разорноста на неолибералниот политичко-економски пакет, биле во право. Таквото триумфалистичко „нели ви рековме“ во овој миг, ако ништо друго, би било невкусно. Треба да се ревидира и дел од левичарската критика. Мислам дека треба да се ревидира и Наоми Клајн. Нејзината теза дека неолибералите ги користат несреќите и катастрофите - кога луѓето се во шок и кога нивното внимание е насочено во друга насока - за воведување на своите експлоатациски, пљачкашки и уништувачки политики со цел развластување и присвојување, барем треба да се дополни. На Хаити шокот беше резултат на наметнатите неолиберални реформи и нивните предистории.

Радикалноста на политиката и економијата, кои на Хаити, освен земјотресот, зад себе оставија толку мртви, се покажаа и во тоа дека самата катастрофа стана предмет на експлоатација, пред сè, на политичка експлоатација. Том Ејнџелхарт, неуморниот американски дисидентски публицист, предупреди на еден интересен факт. Пред земјотресот на Хаити можеби имало два странски дописника. Хаити е најсиромашната држава во тој дел на светот, и ако западните, т.е. глобалните медиуми толку ги интересирале пустошењето и несреќата, би имале еден куп материјал за пишување уште пред земјотресот.

Медиумската инвазија следеше по земјотресот. За неколку дена на островот пристигнаа дописниците од сите големи ТВ мрежи и списанија. CNN на терен имаше барем 44 луѓе. Во Порто-пренс ги повлекоа допсиниците дури од Кабул. Fox имаше 25. Приближно толку во тимовите имаа и CBS, NBC и ABC. Тоа беше најголемата американска телевизиска мобилизација по цунамито од пред шест години. Новостите од светот станаа нововсти од Хаити – 24 часа на ден.

И која беше медиумската порака? Постоеја, и сè уште постојат, две главни пораки. Првата беше добрината, алтруизмот, дарежливоста и пожртвуваноста на западните хуманитарци, почнувајќи од американската војска. Втората беше дивјаштвото на домородците.

Првата вест, меѓу другото, се хранеше со приказните за можеби 150-мината спасени од урнатините, но не и илјадниците и десетиците илјади кои останаа закопани, ниту со непреброените мртви. Спасувањата ги нарекуваа „чуда“. Спасувачите од цивилизираниот свет правеа чуда. Тоа е јазикот на верската мисија, која ја зајакнува и зацврстува нашата вера во нас самите. Нашите спасители се спасителите на несреќниците во светов. Ја сакаме несреќата на другите за да можеме да се сакаме себе си. Колку е погрда позадината, толку повеќе си се допаѓаме, повеќе самодопаднати стоиме во центарот.

Потоа, тука е и израелската самопромоција. Израелците беа првите кои на Хаити поставија полска болница. Експресно испратија таму 200 лекари, медицински сестри, војници и доброволци. За своите хумани достигнувања ефикасно известуваа во татковината и низ светот. Од под урнатините извлекоа еден куп живи луѓе. Ги научија домородците да пеат израелски песни. Домородката која се породи во нивната болница го крсти детето Израел. Ги пофали и поранешниот претседател Клинтон. Сите ударни вести: „Сега нè сакаат!“. Да заборавиме на Газа.

Вакви работи има уште многу. Може многу да се каже за политиката за делење на хуманитарната помош, за нејзината неефикасност, за ривалството меѓу големите сили кои помошта ја одредуваат според пропагандните цели и политички пресметки. Ама, ајде да погледнеме набрзина уште една вест. За домородците кои крадат и ограбуваат, кои се насилни и кои воопшто не знаат да се контролираат. Џеферсон ги нарекол човекојадци хаитските востаници против ропството. Денес нашата главна светост се сопственоста, приватната сопственост, и затоа ликот на домородниот прекршител – е богохулник на приватната сопственост.

Кога станува збор за државите, важи правилото дека нужноста не познава закони. Но државите или државните водачи можат да постапат како што им се чини соодветно за зачувување на државата и политичкото преживување. Ако некој црнец среде урнатините на некоја срушена продавница, кога се распаднал и граѓанскиот поредок, земе пакет млеко во прав, тогаш тој е крадец. Ако го фати полицијата - која не може да се погрижи за преживувањето на луѓето, но може да ги лови оние кои се трудат да преживеат – како и западниот дописник, неговата слика ќе го обиколи светот. Погледнете, такви се. Ограбуваат и крадат, ја искористуваат несреќата, не го почитуваат законот. Ние, ние кои им дојдовме на помош, затоа и повеќе си се допаѓаме. Истовремено имаме толкување за тоа зошто тие живеат во толкава беда. Бидејќи не може да биде поинаку, такви се... Сами си се виновни.


Извор: Čudeži reševlacev iz civiliziranega sveta, Dnevnik

ОкоБоли главаВицФото