Заливската војна - лекција за Вашингтон

27.08.2010 10:01
Заливската војна - лекција за Вашингтон

Со учеството на голем број држави, не само што се делат трошоците за војување туку и се обезбедува легитимност на иницијативата. Исторемено, поддршката од страна на повеќе земји може да ја смири јавноста во една земја како САД.

Пред две децении Садам Хусеин, тогашниот неприкосновен владетел на Ирак, го окупираше Кувајт. Она што следеше беше првата голема меѓународна криза по Студената војна, но за помалку од една година Кувајт беше ослободен, а симната влада од таа земја беше вратена на власт. Меѓународната коалиција, предводена од американскиот претседател Џорџ Буш Постариот, плати релативно скромна човечка и економска цена за својот потфат. Во понатамошниот период САД често пати ја користеа воената сила во различни цели.

Денес САД се обидуваат да излезат од вториот конфликт кој повторно го вклучува Ирак, да најдат решение за остварување напредок во Авганистан, и ја разгледуваат употребата на сила против Иран. Затоа, останува прашањето што можеме да научиме од првата војна во Ирак, која главно се доживува како воен и дипломатски успех.

Значајна лекција претставува главниот мотив за започнување војна. Едно е да се вложуваат напори со цел коригирање на однесувањето на една земја во нејзините граници, но сосем поинаку е кога промените се одигруваат на територијата на друга држава. За време на Заливската војна, која траеше од 1990 до 1991 г., западните земји пружија отпор на агресијата од страна на Ирак, а кога ирачките трупи беа протерани од Кувајт, американските војници не вмаршираа во Багдад за да ја сменат тамошната влада ниту, пак, останаа во Кувајт да наметнат демократски режжим.

Но војните кои САД ги водеа против Авганистан и Ирак на почетокот на 21-от век се разликуваа во многу нешта. Главната цел на овие интервенции беше симнувањето на владите во тие држави, што и е остварено. Сметам дека таквиот труд беше оправдан во случајот со Авганистан, бидејќи САД сакаа да и’ застанат на патот на талибанската влада која помогна во организирањето на терористичките напади во Њујорк и Вашингтон на 11 септември 2001 г. И покрај различните мислења за овие прашања, не може да се оспори дека замената на една влада со опција која е подобра и подолготрајна претставува сосем поинаква и поамбициозна цел од обидот да се смени само однесувањето на една влада. Успешната промена на режимот бара долгорочно ангажирање на војската, цивилните стручњаци кои имаат вештини за изградба на граѓанското општество, и средства. Сепак, дури и во тој случај не постојат гаранции дека ќе се остварат зацртаните цели.

Втората лекција која може да се научи од првата и втората војна во Ирак се однесува на ограничениот ефект на економските санкции. Примената на овој „рецепт“, кој го поддржа и Советот за безбедност на ОН, не беше доволна за западните сили да го убедат Садам Хусеин да се повлече од Кувајт, бидејќи ирачкиот водач сметаше дека воспоставувањето контрола над оваа државичка претставува голема награда за него. Всушност, санкциите не претставуваа иницијатор за промена на владата во Багдад и по некое време станаа неделотворни.

Третата лекција се однесува на меѓународната поддршка. Со учеството на голем број држави, не само што се делат трошоците за војување туку и се обезбедува легитимност на иницијативата. Исторемено, поддршката од страна на повеќе земји може да ја смири јавноста во една земја, како САД, на пример, која ја предводи коалицијата, како и јавноста во земјата каде се одигруваат судирите.

Кога станува збор за моменталнаата ситуација во Ирак, американскиот претседател Барак Обама неодамна го повтори ветувањето дека сите американски војници ќе се повлечат од оваа држава до крајот на годинава. Но, имајќи ја предвид немоќта на ирачките политичари да формираат нова влада неколку месеци по националните избори, фактот дека не се основани главните граѓански институции, како и сеприсутното насилство, „изградбата на нацијата“ во Ирак останува неостварена цел. Затоа, администрацијата на Обама можеби повторно треба да ја разгледа својата одлука и да предложи постигнување нов договор со новата ирачка влада, кој би предвидувал дека 20 000 американски војници ќе останат во оваа земја и во наредните години.

Во случајот со Авганистан, лекцијата од Заливската војна се однесува на преиспитување на целите кои сакаат да се остварат. Историјата покажува дека САД треба двапати да размислат пред да продолжат да вложуваат напори во целта да го променат авганистанското општество или однесувањето на тамошната влада. Значи, можеби би било помудро Вашингтон да се ограничи на мисијата за борба против тероризмот, како оние во Сомалија и Јемен.

Авторот, е поранешен службеник на Стејт департментот и сегашен претседател на Советот за надворешни работи.

Извор: danas.rs

Слика: Winston Chmielinski