Американскиот модел на војување

09.09.2014 07:36
Американскиот модел на војување

Сад се во војна – големи воени конфликти и помали интервенции, размена на оган, воздушни напади, беспилотни бомбардирања, окупации, специјални операции, посредни конфликти и тајни акции – речиси без прекин од почетокот на Виетнамската војна. Тоа е повеќе од половина век искуство во војување според американскиот модел, па сепак никој не изведува логичен заклучок од тоа.

Имајќи ги предвид историските факти, таквиот заклучок би требало да ни е пред нос. Меѓутоа, овие зборови не можат да се изговорат во држава посветена на принципот „војската на прво место“, вечно трупање на сили, истакнување на пионерскиот труд во развојот и употребата на најмодерната деструктивна технологија и кружно движење низ воените методи, од тотални инвазии и окупации до герилско и посредно војување и назад.

Значи, еве пет едноставни лекции – неприфатливи во оваа наводна дискусија и расправа за Америка – кои можат да се извлечат од разновидното американско војување во последните педесетина години:

1. Како и да ја дефинирате американската војна или нејзините цели, таа не успева. Никогаш.

2. Како и да ги поставите проблемите на нашиот свет, таа војна не ги решава. Никогаш.

3. Колку и да ја наведуваме употребата на воена сила како метод за „стабилизација“ или „заштита“ или „ослободување“ на земји или региони, таа сила е дестабилизирачка.

4. Колку и да ги фалиме американското војување и американските „воини“, американската војска е неспособна да ги добие своите војни.

5. Без разлика колку често американските претседатели тврдат дека американската војска „е најдобрата вооружена сила во историјата“, доказите зборуваат дека не е.

Еве уште една дополнителна поука: кога како заедница би си ги врежале во глава овие пет едноставни лекции и би престанале да водиме бесконечни војни, кои го цедат нашето национално богатство, би имале долгорочно решение за здравствената криза во Ветеранската управа. Тоа не се изговара во нашиот свет, но Ветеранската управа е во финансиска и здравствена криза која, во денешен контекст, не може да се реши без разлика кој ќе биде вработен или отпуштен. Единствено долгорочно решение е да престанеме да водиме губитнички војни кои со децении ќе ги плаќа американскиот народ, додека цената на уништените тела и нарушени животи се пресметува во здравствената заштита и се товари на грбот на Ветеранската управа.

Едно предупредување. Мислете што сакате за војната и за американското војување, но имајте на ум дека се наоѓаме среде огромна пропагандна машина на милитаризмот, иако едвај го регистрираме просторот што таа го зазема во нашите животи. Во таа машина поприфатливи се, па во извесна смисла и можни, само одредени опции и одредени мисли.

На пример, погледнете го неодамнешното ослободување на наредникот Боу Бергдал од петгодишно заробеништво во затвор на мрежата Хакани. Ослободувањето беше контроверзно и затоа што Бергдал е заменет за петмина поранешни талибански лидери кои без обвинение и судење беа задржани на американскиот Ѓаволов остров во Гвантанамо. Се зборуваше дека наредникот Бергдал побегнал од својата единица во руралниот Авганистан, дека едноставно си заминал – па, за противниците на овој договор и за претседателот Обама таа „размена за терористи“ е уште посрамна. Кога станува збор за постапките на Бергдал, дали можеме да го прогласиме за „дезертер“ или безмалку за доброволен „заробеник на терористи“ или да ги игнорираме неговите постапки и да се префрлиме на режимот „поддржувај ја војската“, прогласувајќи го за „херој“ на војната. Меѓутоа, постои и трета опција.

Како што тврди неговиот татко, пред да биде заробен, во мејловите кои ги испраќал до семејството можело да се почувствува растечко разочарување од војската. („Американската војска е најглупавата будалаштина на која се смее целиот свет. Тоа е армија лажливци, луѓе без чест, будали и силеџии. Неколкуте добри наредници гледаат да побегнат колку што можат побрзо и ги советуваат војниците да го направат истото“.) Изгледа дека во исто време сè повеќе ја преиспитувал и американската војна во таа земја. („Жал ми е за сè овде. На овие луѓе им треба помош, а ја добија само најсуетната земја на планетата која им зборува дека се безвредни и глупави, дека не знаат како треба да живеат“.) Кога заминал од базата, можеби оставил и порака со истите ставови. Наводно, некому од својата единица му рекол, „Ако овој распоред испадне без врска... само ќе си заминам во планините на Пакистан“.

Знаеме само толку. Има многу што не знаеме. Меѓутоа, што ако, заклучувајќи дека таа војна не им носи ништо добро ниту на Авганистанците ниту на Американците и дека во неа не треба да учествува, колку и тоа да е наивно, си заминал без оружје и тоа, како што се покажа, не во слобода туку директно во заробеништво? Таквиот наредник Бергдал можеби не бил ни воен херој ни дезертер, туку некој што јасно се изјаснил за американското војување, но за таква можност тука не може да се разговара смирено. Исто така, секој што овде би заземал таков став, не само во поглед на катастрофалната, речиси тринаесетгодишна војна во Авганистан туку и во поглед на американското војување воопшто, би бил прогласен за уште еден предавник. Што и да мислат Американците за некоја конкретна војна, критиката на војната на американски начин и американската војска каква што е денес, не е соодветна тема за разговор ниту можност за разгледување.

Веќе одредено време заедничко во официјалните коментари и анкети е дека американските граѓани се „исцрпени“ од нашите последни војни, но на тоа не се посветува доволно внимание. Реагирајќи на таквото расположение, претседателот, неговата администрација и Пентагон веќе неколку години се пренасочуваат од големите војни и противгерилски операции кон беспилотни војни, специјални операции и посредни војни ширум планетата (иако, планирањето на идните, сосема поинакви војни продолжува). Но, војната и војската сè уште високо котираат на списокот американски приоритети. Воените или милитаризирани решенија сè уште се рефлексен одговор на глобалните проблеми, а единственото прашање гласи: колку? (Во оваа симулација на дебата во Америка, противниците на претседателот редовно ги нарекуваат него и неговата администрација „слаби“, затоа што не војуваа доволно агресивно, од Украина и Сирија до Авганистан.)

За тоа време, вложувањето во иднината на војската и нејзината способност да води војни на глобално ниво и понатаму е несогледливо поголемо од вложувањата во која било друга воена сила или комбинација од сили. Ниту една друга земја не ни е ниту блиску, ни Русите, ни Кинезите, ни Европјаните кои претседателот Обама ги поттикнува да ги засилат своите воени напори, откако неодамна вети милијарда долари за јакнење на американското воено присуство во источна Европа.

Во таков контекст, споменувањето на вчудоневидувачкиот неуспех на американската војска во текот на последниве децении, без трогателна поддршка за Пентагон и воено-индустриската спрега, ќе се смета за историско предавство. Таков обид е направен по Виетнамската војна, која поттикна раѓање на огромно антивоено движење во земјата. Во тоа време за поразот можеа да се обвинат мировното движење, „левичарските“ медиуми и безрбетните, микроменаџерски политичари. Но, ниту тогаш не се прифаќаше предавството како оправдување за воениот неуспех, а во сите последни војни, поддршката на политичката класа за војската беше толку голема, со задолжителен повик „да ги поддржиме нашите момци“ – од сите страни на политичкиот спектар – што таквото објаснување го прави налудничаво.

Единствената преостаната можност е игнорирање на нешто што би требало да им биде јасно на сите. Резултатот е историски неуспех кој му бега на човечкото поимање и вчудоневидувачкото молчење за тоа прашање. Ајде да ги разгледаме овие аргументи еден по еден.

1. Војувањето на американски начин не функционира. Запрашајте се: дали денес во светот има помалку или повеќе терористи, речиси 13 години по нападите од 11 септември? Дали групите како Ал Каеда се поретки или побројни? Дали се полошо или подобро организирани? Дали имаат повеќе или помалку припадници? Одговорите на овие прашања се очигледни: повеќе, побројни, подобри и повеќе. Всушност, според новиот извештај на RAND, само од 2010 до 2013 година, џихадистичките групи пораснале за 58%, бројот на новите борци е двојно зголемен, додека нивните напади се речиси трипати зголемени.

На 12 септември 2001 година, Ал Каеда беше релативно мала организација со неколку кампови во веројатно најфеудалната и најзаостаната земја на планетата и имаше мал број следбеници распрснати низ светот. Денес, џихадистичките групи контролираат големи делови од Сирија, Ирак, Пакистан, па дури и Јемен, и се шират и во некои делови од Африка.

Или да се обидеме со вакво прашање: дали Ирак е мирна, ослободена држава, во сојузништво и под закрила на Вашингтон, со „трајни бази“ полни со американска војска? Или тоа е истриена, срушена, изронета земја чија влада е блиска со Иран и чии сунитски области во еден дел се под контрола на група што е поекстремна од Ал Каеда? Дали Авганистан е мирна, просперитетна, ослободена земја под закрила на Америка или Американците таму сè уште, речиси 13 години, се борат со талибанците, непобедливо малцинско движење кое еднаш го уништија, а потоа, затоа што не можеа да ја прекинат „војната против тероризмот“, придонесоа таа да се обнови? Дали Вашингтон сега поддржува слаба, корумпирана централна влада во земја која повторно сее рекордни количини опиумски мак?

Но, да не претеруваме. Кој, освен неколку неоконзервативци кои сè уште го величаат „големиот бран“ од 2007, тврдеше дека Америка победи во војната, дури и во ограничена смисла, каде било и кога било во овој век?

2. Војните според американскиот модел не ги решаваат проблемите. Во тој период, може да се каже дека ниту една американска воена кампања ниту борбено дејство, наредени од Вашингтон, никаде не решиле ниту еден проблем. Всушност, може да се тврди дека секој воен потег на Вашингтон само дополнително ги влошил проблемите на планетата. Како потврда не морате дури ни да наведувате очигледни примери, како специјалните операции и беспилотни бомбардирања во Јемен кои само радикализираа одредени рурални области во таа земја. Наместо тоа, земете го реткиот пример на вашингтонскиот „успех“: убиството на Осама бин Ладен во акција на специјалните единици во Пакистан. (Да го оставиме настрана тоа што дури и тој чин беше непотребно милитаризиран: невооружениот Бин Ладен беше застрелан во своето пакистанско дувло, може да се претпостави, затоа што официјалните лица во Вашингтон се плашеа од она што некогаш важеше за американскиот народ – да му се суди за злосторствата пред американски цивилен суд.)

Сега знаеме дека во ловот на Бин Ладен, ЦИА започна лажен проект за вакцинација против хепатитис Б. Иако се покажа дека планот е бескорисен, а кога беше откриен локалните џихадисти станале толку нервозни што почнале да убиваат групи медицински работници од групата која давала вакцини против детска парализа, а тој нагон од тогаш преминал и на подрачјата под контрола на Боко Харам во Нигерија. На тој начин, како што тврди експертот за јавно здравје од Универзитетот Колумбија, Лесли Робертс, „недовербата посеана со лажна кампања во Пакистан би можела да го одложи искоренувањето на детската парализа за 20 години и да доведе до уште 100 000 заболени“. ЦИА вети дека нема да го прави тоа повеќе, но предоцна – кој воопшто сега може да ѝ верува на оваа агенција? Тоа беше најмалку очекувана последица од потрагата за Бин Ладен, но последиците на сите полиња, секогаш неочекувани, се обележје на сите американски кампањи.

Исто така, шпиунирањето на НСА, уште еден вид глобална интервенција на Вашингтон, тврдат експертите – придонесе малку или нималку Американците да се заштитат од терористички напади. Меѓутоа, придонесе многу за рушење на угледот и интересите на американските технолошки корпорации и пораст на недоверба и бес заради политиката на Вашингтон, дури и меѓу сојузниците. Патем, на администрацијата на Обама треба да ѝ се честита за еден од последните воени потези, испраќањето американски воени тимови и беспилотни летала во Нигерија и соседните земји за да помогнат во спасувањето девојчиња кои ги киднапирала екстремистичката група Боко Харам. Спасувањето беше исклучително успешно... односно, го немаше (а сè уште не знаеме какви ќе бидат последиците).

3. Американскиот модел на војна е дестабилизирачка сила. Погледнете ги само резултатите на американското војување во 21 век. На пример, јасно е дека американската инвазија врз Ирак во 2003 година, започна брутална, крвава сунитско-шиитска граѓанска војна во целиот регион (би можело да се каже и Арапската пролет). Еден резултат од таа инвазија и подоцнежните окупации, како и војните и граѓанските војни кои следеа: смрт на стотици илјади Ирачани, Сиријци и Либанци, додека големи делови од Сирија и некои области во Ирак паднаа во рацете на вооружените следбеници на Ал Каеда или, во еден случај, група која оваа организација не ја смета за доволно екстремна. Дестабилизиран е голем дел од нафтените резерви на нашата планета.

Во меѓувреме, американската војна во Авганистан и кампањата на ЦИА за беспилотно бомбардирање на племенските гранични области во соседен Пакистан ја дестабилизираа земјата, која сега има сопствено жестоко талибанско движење. Американската интервенција во Либија 2011 година, на почетокот изгледаше како триумф, како и инвазиите во Ирак и Авганистан пред неа. Либискиот автократ Муамер Гадафи беше соборен, а на власт дојдоа бунтовниците. Меѓутоа, како Авганистан и Ирак, Либија сега е во ќорсокак, растргната помеѓу паравојските и амбициозните генерали кои се во конфликт, главно неконтролирана и отворена рана во регионот. Оружјето ограбено од арсеналите на Гадафи дојде до исламистичките бунтовници и џихадистички екстремисти од Синајскиот полуостров до Мали, од Северна Африка до северна Нигерија, каде владее Боко Харам. Дури може, како што направи Ник Турс, да се забележи линија на растечкото американско присуство во Африка и дестабилизацијата на делови од овој континент.

4. Америка не ги добива своите војни. Ова е толку очигледно (иако ретко се изговара) што едвај заслужува подетално објаснување. Американската војска не доби ниту еден сериозен конфликт уште од Втората светска војна: исходите од војните во Кореја, Виетнам, Авганистан и Ирак се движат од пат позиција до пораз и катастрофа. Со исклучок на неколку кампањи, практично против никого (во Панама и Гранада), вклучувајќи ја и „глобалната војна против тероризмот“, ништо не може да се карактеризира како успех ниту според нашите аршини, а камоли според туѓи. Ова е токму наспроти фактот дека во сите овие војни Америка го контролираше воздушниот простор, морето (таму каде беше релевантно) и практично секое друго воено подрачје каде можеше да се сретне непријателот. Нејзината опременост беше застрашувачка, а можноста да изгуби битка од помали размери е приближно еднаква на нула.

Налудничаво е да се мисли дека таквиот резултат претставува историска норма. Не претставува. Можеби е подобро да се каже дека таквите империјални војни и војни за пацификација, какви што водеше Америка во последно време, често се против слабо вооружени, минимално обучени, малцински бунтовнички групи (или терористички единици) и едноставно не можат да се добијат. Тие како да генерираат отпор. Нивната бруталност, па дури и нивните „победи“, едноставно служат како регрутни постери за непријателите.

5. Американската војска не е „најдобрата вооружена сила во светската историја“ ниту „најголемата сила за ослободување луѓе во светската историја“ ниту што било од сличните фалбаџиски описи кои американските претседатели сега мораат редовно да ги користат. Ако ви треба објаснување зошто е така, погледнете ги точките од еден до четири. Војската, чив начин на војување не функционира, која не ги решава проблемите, која дестабилизира сè што ќе дофати и која никогаш не победува – едноставно не може да биде најдобра во историјата, колку и да биде добро вооружена. Ако ви се потребни уште докази, сетете се на кризите и скандалите поврзани со Ветеранската управа. Очигледно, тоа се резултати од фрустрирана војска, очај и пораз, а не триумфална војска која високо го подигнува историскиот бајрак на победата.

Дали ваквиот историски резултат има преседан? Повеќе од половина век американско војување, на најсилната и потенцијално најдеструктивната армија во светот, како вкупен збир дава помалку од нула. Кога која било друга институција во американското општетсво би имала слични резултати, би бегале од неа како ѓавол од крст. Всушност, Ветеранската управа е поуспешна во лекувањето на оние кои ги скршивме во своите војни, отколку нашата војска во војувањето, па сепак управникот на таа служба неодамна беше принуден да поднесе оставка заради скандал и медиумско шиканирање.

Како и во Ирак, Вашингтон знае да испрати маринци, да ослободи демони, да побегне од градот, а потоа да се прашува зошто работите тргнале наопаку – како да нема никаква одговорност за она што се случило. Патем, не мислете дека никој не нè предупреди. На пример, кој се сеќава дека генералниот секретар на Арапската лига, Амр Муса, во 2004 година изјави дека Америка ја отвори „вратата на пеколот“ со својата инвазија и окупација на Ирак? Кој се сеќава на масовното антивоено движење во САД и другите земји од светот, кое се обиде да го запре започнувањето на инвазијата, стотици илјади луѓе кои излегоа на улиците да предупредат за опасноста пред да биде предоцна? Всушност, учествувањето во тоа антивоено движење, помалку или повеќе, гарантираше дека дури после сè нема да можете да се појавите на страниците на големите американски весници и да напишете нешто за катастрофата што сте ја предвиделе. Единствените луѓе од кои се бараше коментар беа оние истите што ги изведоа нападите, навиваа за нив или повремено тивко трепереа.

Патем, не мислете дека војната никогаш не реши ниту еден проблем, ниту дека не ја постигна целта на империјалниот или некој друг режим, ниту дека државите никогаш со оружје не доаѓале до победи. Историјата е полна со такви примери. Но, што ако, на некој сè уште несфатлив начин, нешто се променило на планетата Земја? Што ако нешто во природата на империјалната војна сега ја спречува победата, постигнувањето на целите, „решавањето“ на проблемите во денешниот свет? Имајќи го предвид американскиот учинок, тоа е идеја која заслужува размислување.

А, кога станува збор за мирот? За тоа не даваме ни пет пари. На пример, кога би предложиле да се издвојат 50 милијарди долари за планирање на мирот, затоа што ни помалку ни повеќе, 500 милијарди долари годишно одат во Пентагон за неговиот основен буџет, секој би ви се насмеал в лице. (Имајте предвид дека во оваа бројка не влегува најголемиот дел од буџетот за сè помилитаризираната американска разузнавачка заедница, ниту дополнителните трошоци за Авганистан, ниту буџетот за сè помилитаризираното министерство за внатрешна безбедност, ни другите трошоци скриени на некое друго место, како на пример за американскиот нуклеарен арсенал, кој е закопан во буџетот на министерството за енергетика.)

Дали можните решенија на глобалните проблеми, можните победнички стратегии, можат да дојдат од некој друг агол освен од американската војска или другите делови од нашата национално-безбедноста држава, врз основа на 50 годишниот империјален неуспех, 50 годишните нерешени проблеми и недобиените војни и неостварени цели, растечката нестабилност и деструкција, згаснатите и скршени животи (американските и другите)? Не доаѓа предвид.

Не се откажувајте од војната. Тоа не е американски.

Том Енгелхарт е автор на книгата The United States of Fear.

Извор: http://www.tomdispatch.com

ОкоБоли главаВицФото