Поезија без дефиниција, и други песни

21.03.2015 03:26
Поезија без дефиниција

СЛОБОДАТА НА ЗБОРОВИТЕ

Им ја враќам слободата на сите мои зборови.
По извесно време
некои други поети
со љубов ќе ги земаат во својата служба
најсилните
и најсмелите помеѓу нив.
Со обезбеден престој, храна, платени редовно,
тие ќе направат напори
за да се здобијат со друга смисла
и со нова тајна.
Моите зборови се слободни.
Ги поздравувам зашто знам дека се способни
да восхитат илјадници духови, дури и најнедоверчиви.
Добро сум ги насочил
и барам од нив само една милост:
да не си го губат времето
жалејќи што кај мене биле
кнезови преоблечени во слуги.
Или би било подобро да извршам смртна казна
врз најбезначајниот од нив?

ЛЕКОМИСЛЕНОСТА НА ПОЕТОТ

Каталпа не ја запознала судбината
на која се надевала.
Не можам да сторам ништо за неа.
Мермерот бел како гулаб
никогаш не стигнал
до царската палата.
Нема да можам да го утешам.
Мравката сака со својот труд
да ми даде поука за среќата.
Јас не сум ѝ соучесник.
Синилото сака
да биде обоено во зелено, во жолто, во црвено.
Не треба да смета на мене.
Реката бара право
да се влева во некој друг океан.
Тоа не е мој проблем
и јас одбивам да бидам благодарен;
го земам дрвото, каменот,
животното, природата
и ги претворам во нешто друго,
за мое задоволство, од чиста лакомост.

СПОКОЕН ПОЕТ

Громот ги погодува дрвјата.
Јас ја пишувам мојата песна.
Реката ја поплавува покраината.
Јас ја пишувам мојата песна.
Старецот спие под лошата ѕвезда.
Јас ја пишувам мојата песна.
Лепрата им се прикрадува на вљубените.
Јас ја пишувам мојата песна.
На децата им недостасува млекото.
Јас ја пишувам мојата песна.
Еден народ убива друг народ.
Јас ја пишувам мојата песна.
Векот тоне во сомневање.
Јас ја пишувам мојата песна.
Смртта чука на мојата порта, викајќи.
Јас ја пишувам мојата песна.

УЛОГАТА НА ПРЕПИШУВАЧОТ

Јас не сум автор на оваа песна,
туку едноставно препишувач
што ја превел од некој непознат јазик:
направив толку грешки
и толку бесмислици
што никогаш нема себеси да си простам!
Останувам на нејзината маргина,
трудољубив, внимателен:
дали ѝ е потребна уште една запирка,
некој редок израз?
Наспроти нејзиното господствено држење,
таа тврди дека јас сум нејзин паразит.
Нема да настојувам:
одам некаде другаде за таа да може да ги привлече
другите поети,
другите жртви.

ПОЕЗИЈА БЕЗ ДЕФИНИЦИЈА

Поезија, тој чир што се шири низ грлото.
Поезија, тој орел што ти го чисти черепот.
Поезија, таа коцкарска игра во која го губиш разумот.
Поезија, таа задача како да се ослободиш од реалноста.
Поезија, тој молк во кој заемно се убиваат мртвите.
Поезија, тој цвет-месојадец со дречливи бои.
Поезија, таа сестра што ти спие под кожата.
Поезија, тие неправди нанесени на најблагите нешта.
Поезија, таа мешаница од длабочините на нежноста.
Поезија, твоето одбивање на видливото кралство.
Поезија, тој отров што ти го внесува сомневањето.
Поезија, таа градина полна со луди дрвја.
Поезија, твојата лекција што те учи на неучење.
Поезија твоето враќање во родниот океан.
Поезија, твојата среќа да бидеш некој што е различен од тебе.

ЉУБОВТА НА ПОЕТОТ

еден поет ве сака
и ви дава право
да бидете женски даб
река со сто пагоди
комета на патување
еден поет ве сака
за да ве свикне
да направите сто чекори во предградието
на светот кој би биле вие
кога тој не би постоел
еден поет ве сака
и ве прави одговорна
за една мошне долга вечност
за покорните зори
за езерата со риби што летаат
еден поет ве сака
и сè ви е дозволено
среќното родоосквернување
светото обесветување
еден поет ве убива
за уште повеќе да ги сака
зборовите што со вас ќе ги храни

Препев: Влада Урошевиќ
Слики: Mark Harless

ОкоБоли главаВицФото