1021 hPa
87 %
7 °C
Скопје - Чет, 14.11.2024 13:59
1. Во подеднакви временски растојанија го бараат од мене она што никој не може да го даде: дефиниција на поезијата. Денес - а утре би можел да имам други одговори - јас велам: прозата е лов на човек, поезијата е лов на еднорог.
2. Прозата сообраќа со некој: од другата страна постои некој друг. Песната е предизвик: од другата страна сум јас, среќен или понижен.
3. Поетот прво наоѓа, потоа бара.
4. Владетелот е осамен. Банкарот е осамен. Кловнот е осамен. Селанецот е осамен. Поетот никогаш не е осамен: штом одново ќе ја прочита својата песна, веќе е размножен. Ќе речете: ако се размножува, тоа значи дека се дели и се расчленува во бескрај. Имате право: секогаш е во прашање едно мачење.
5. Поетот е во градот само за да рече дека тој град се наоѓа некаде другаде.
6. Поет: мистичен шарлатан.
7. Песната го прави интелигентен оној што претендира дека ја разбрал.
8. Трагедија на песната: таа потврдува и именува сè, во мигот на интелектуалниот и сетилниот грч, но не е во состојба ништо да промени, освен имагинарното.
9. Песна: тој јазол во кој реалното и имагинарното се кренати на ранг на светоста... што се самоубива.
10. Штотуку напишана, мојата песна ми вели: повлечи се, нема место за двајцата. Песната го голта својот поет и констатира дека е несварлив.
11. Поетот има само едно право: да си противречи самиот на себеси.
12. Жена, дрво, планина: обични предмети на разговор помеѓу мојата песна и мене, при што - о, прекрасно чудо! - ние никогаш не сме согласни.
13. Поезијата е лудило (делириум, сон итн.) кое, ако е изречено, станува за својот автор еден од најлогичните аксиоми, при што за читателот мора да остане лудило (делириум, сон итн.).
14. Сè е безнадежно во поезијата: пронајдокот сè уште не е песна; совршенството веќе не е песна.
15. Пишувај како твоите дела да се веќе постхумни, а твојот јазик мртов јазик. Но преведувај ја секој ден својата песна од вчера на твојот јазик од утре.
16. Сакате ли да го поминете годишниот одмор во мојата песна? Во сите годишни времиња нејзините прозорци гледаат кон бескрајот или кон занесот, според вашиот избор.
17. Јас сум еден скелет облечен во песни.
18. Разочарани сте со реалноста? Земете во наем еден поет: тој чини помалку отколку шофер или дактилографка.
19. Прозата го изразува она што е; поезијата она што би требало да биде.
20. Долго верував дека иреалното прави кратки упаѓања во реалноста. Се лажев: реалноста е само една мала грешка на иреалното.
21. Интелигенцијата е една од пречките на патот кон уметноста која само интелигенцијата може да ја отстрани.
22. Да погодиш ми се чини посигурно отколку да разбереш.
23. Филозофот одново го организира светот. Поетот го создава одново.
24. Од времето на Платон нема повеќе поети во градот. Но колку градови има во поетот!
25. Во осум од десет случаи романот може да се замени со филм. Песната никогаш.
26. Поет? Новороденче на секоја возраст.
27. Да се сака поезијата значи да се сака светот онаков каков што би можел да биде.
28. Што се однесува до најсуштинското, човекот никогаш нема да го разбере. Поетот му дава еден друг начин како да не го разбере.
29. Песната е нешто што се продава во книжарница или во аптека. Читателот сам треба да го погоди начинот на употребата, на сопствена одговорност, и преземајќи ги сите ризици.
30. Поезија: силување на универзумот, без галење и дури без секаков допир.
31. Песната има иста природа како остров во океанот, врба во аголот од градината, мушмула што се тркала меѓу каменчињата, квечерина што се облекува во зелено и го остава својот пурпур, газела што дошла да пие роса и што бега исплашено бидејќи облакот, слегнат премногу ниско, имал облик на лав.
32. За да биде достоен на дрвото, поетот треба да стане негова кора и негови корења.
33. Поет: по малку луд свештеник што и’ ја сече главата на Месечината.
34. Универзумот е населен со деца и со поети што не разбираат ништо од животно важните нешта.
35. Песната е најкраток пат од моите до вашите сеништа.
36. Песна: случајност или евтин украс кои јас би сакал да ги претворам во судбина и во дијамант. Поезија? Да можеш да речеш: шумо, ти си мој пајак.
37. Човекот вели: убава е оваа топола. Поетот одговара: затоа што е птица.
Превод: Влада Урошевиќ
Слики: Leah Saulnier