Плакарт и Скопје постер фестивалот дел од регионалниот дизајн форум Флуид

28.04.2015 01:42
Плакарт и Скопје постер фестивалот дел од регионалниот дизајн форум Флуид

Плакарт - Здружението за графички дизајнери на Македонија и Скопје постер фестивалот по десетти пат ја презентираат својата јубилејна 5-годишна поставка на најдобрите постери од конкурсите од 2008 до 2012 година.

Овој пат 50-те најдобри плакати од Скопје постер фестивал се дел од 8-дневната програма на третиот регионален форум за дизајн Флуид, кој се одржува во Цетиње, Бар и Подгорица, Црна Гора.

Во нејзини рамки презентација за активностите на Плакарт и за плановите на Скопје постер фестивалот имаше Лазе Трипков.

„Никогаш не е премногу од вакви регионални проекти кои имаат за цел промоција на добриот дизајн, но и развивање на врските помеѓу креативците. Но, најбитно од сè е да понудиме разновидни платформи како оваа, а и каков што е Скопје постер фестивалот, преку кои младите од Балканот ќе се пронаоѓаат и ќе соработуваат“, се обрати кон сите присутни основачот на Плакарт и иницијаторот на Скопје постер фестивалот.

Покрај Плакарт, на форумот присутни се значајни гости од дизајнерската фела од регионот, како Борут Вилд, претставници од Дан-Д фестивалот за дизајн од Хрватска, а планирани се и бројни работилници и презентации.
Поставката ќе биде изложена до 14 мај, по што патува во Белград, каде ќе биде презентирана во рамки на студентскиот фестивал за уметност - Ш.У.Н.Д.

Досега постерите на студентите од Иран, Кина, Полска, Мексико, но и од Македонија беа покажани во Варшава, Ротердам, Цирих, Париз, Прага, Белград, Лисабон, како и во други градови.