Коски

28.04.2015 11:20
Коски

Јужната порта на логорот Јасеновац 

 

Кога и да се одбележуваат големите денови на хрватската историја, ми се превртува желудникот. Не можам повеќе да ги гледам коските на „моите“ или „нивните“ предци. Еднаш годишно медиумите ми ги трескаат пред очи фотките од избезумените деца кои исчезнале во Јасеновац. Преживеаните сè уште се сеќаваат како ги гледале убиените мајки, браќа, сестри. Навечер, во деведесеттата година, врескаат од ужас. А поминале милион години.

За некој ден ќе ги гледаме и слушаме жртвите кои го преживеале Блајбург. Повторно плач, стравотии, политички аналитичари, споредби. Кој куп коски е поголем? Оној во Блајбург или оној во Јасеновац? А кој куп за „Хрватите“ праќа поубава порака? Во Јасеновац „ние“ бевме тие што колат. Во Блајбург злосторници беа „тие“. Дали сме еден-еден? Коски, коски, коски, коски...

Рака на срце, кому навистина му е гајле за тие коски, освен на потомците на убиените? Во човековата природа е да убива, коле, пали, разорува. Дали „ние“ во Татковинската војна ќе бевме подобри луѓе ако четириесет години три пати дневно гледавме документарец за Јасеновац? Страствено ќе ги сакавме сакале Србите, Ромите, Евреите и потомците на погрешномислечките Хрвати?

Дали „тие“ ќе беа помилостиви ако, додека бевме браќа, го гледаа истиот филм заедно со нас? Дали тргнавме во војна педесет години после Војната над сите војни бидејќи „нас“ нè болат блајбуршките рани, а „нив“ оние од Јасеновац? Не верувам во тоа. Луѓето, обичните луѓе, нè викаат и „мали луѓе“, ние не сме опседнати со историјата освен кога мораме да бидеме.

Одлука за одведување на човек во Јасеновац

Додека Тито беше газда, чествувавме во Јасеновац. Денес, глумејќи тага, ги жалиме оние кои загинале на Блајбург. Ниту една од тие две несреќи не нè погодува во срце. Зошто и би нè погодила? Ние сме суштества кои глумат сочувство со жртвите во склад со моменталната политика. Последниве дваесет и пет години, откако ја имаме Хрватска, како што знаеше да рече партизанот, Титов генерал и најголем Хрват меѓу Хрватите, Туѓман, поприфатливо е да се жали за убиените „Хрвати“ отколку за „нив“, Ромите и Евреите. Какво време - такви солзи.

Човекот во својата суштина е фашист, убиец, мразач на другото и различното. Зошто бегаме од тоа? Политичарите, луѓе како нас само илјада пати подобро платени, чекорејќи полека кон големиот камен, ни набиваат чувство на вина. Моите родители, нашите предци, колеле пред седумдесет години. Треба ли да нè потсетуваат на тоа? Зошто? Ние колевме пред дваесет и пет години, а ќе колеме повторно, ако сме живи и здрави. Секогаш на светов има само колење.

Би ги разрушила сите споменици. Нека коските почиваат во мир и во срцето на оние на кои им значат нешто. Тагата по задача е секогаш исмевање на покојниците. Не е спасот во коските како што ни го порачуваат тоа и најновите водачи. Мене ме мачат кредитите, беспарицата, болестите, невработените деца, капитализмот кој ги држи за врат сите мои најдраги, мрачната иднина обоена со црно минато.

Би сакала да живеам во земја без споменици. Да не мора еднаш годишно да лееме лажни солзи пред екраните или со камења полесно да ги лечиме раните по последната војна, за поопуштено да се подготвуваме за следната.

Извор: rudan.info

ОкоБоли главаВицФото