Американецот што ја чува меморијата на југословенските споменици

31.07.2018 02:21
Американецот што ја чува меморијата на југословенските споменици

Доналд Нибил, биолог од САД, ја создаде базата на податоци „Spomenik“ за да ги раскаже приказните за спомениците од времето на Втората светска војна во Југославија. Локалните жители понекогаш биле изненадени од неговиот ентузијазам за овие долго занемарувани споменици.

Пред околу една деценија, југословенските споменици од Втора светска војна беа речиси сосема заборавени во нивните држави, но почнаа да се враќаат во имагинацијата на луѓето низ светот кога белгискиот фотограф, Јам Кемпенаерс, ја создаде својата серија фотографии насловена „Споменици", во која беа прикажани слики на впечатливи споменици што се наоѓаат во Космај, Србија, Погариќ во Хрватска и Тјентиште во Босна и Херцеговина.
Неговите морничави фотографии на чудно обликувани споменици во драматични опкружувања го привлекоа вниманието на дизајнерските и туристичките веб-страници, ширејќи ја нивната популарност низ светот.

Тие, исто така, стигнаа и до Доналд Нибил, биолог од Илиноис, уметнички и патувачки ентузијаст, кој претходно немал никаква врска со регионот на поранешна Југославија.

„Отсекогаш ме фасцинираа спомениците, бидејќи ги видов на слика на истите интернет страници како и сите други пред околу десет години, сакав конечно лично да ги видам", изјави Нибил.

Откако направил детално истражување за тоа како може да посети околу 20 или 30 споменици, кои често се наоѓаат во оддалечени области, Нибил одлучил да ги сподели плодовите од неговите истражувања со пошироката јавност и ја создал базата на податоци на Споменик (Spomenik Database).

Базата на податоци е ресурс што постојано расте и содржи над 90 споменици од времето на Втора светска војна во Југославија, изградени помеѓу 1960 и 1990 година, дел од неа се слики, географски координати, нивната моментална состојба на реставрираност и совети за тоа како да стигне до нив.

Но, веб-страницата на Нибил се разликува од многу други бидејќи ја истакнуваат естетската вредност на овие споменици, како и фактот што тој одлучиl да копа подлабоко во ниvnite истории, кои честопати се целосно изоставени од голем дел од достапните онлајн содржини, вклучувајќи го и првичниот проект на Кемпенаерс.

Некои сметаат дека овој недостаток на контекст ги сведува овие споменици на многу трауматични настани - на она што се нарекува „clickbait concrete".

Имаше дури и некои невкусни начини на употреба на спомениците, како што е неодамнешниот случај со споменикот во облик на цвет, на концентрациониот логор Јасеновац во Хрватска, кој една австралиска компанија го користеше во реклама за продажба на очила за сонце.

За да ја задоволи неговата љубопитност во врска со првичната цел и чудните дизајни на спомениците, Нибил мораше да нурне во болните и честопати спорни истории на настаните кои ги одбележаа - крвави битки, етничко чистење и ужасна репресија, и да најде начин како да се справи со тешките теми на наследството на социјалистичката Југославија во државите што настанаа по нејзиниот распад.

„Всушност, морав да научам сè од нула. Ова, ми се чини, ми даде можност за пообјективен пристап, за разбирање и обработка на конфликтите на овој регион. Секогаш кога ќе се сопнев на некоја неверојатна приказна, се прашував како е можно да има толку малку луѓе во западниот свет кои беа свесни за овие приказни и лекции од кои може многу да се научи ", вели Нибил.

Покрај разбирањето на заплетканата и сѐ уште многу чувствителна историја на регионот, постоеше и предизвикот и да се посетат и да се видат спомениците, кои неретко се наоѓаат во оддалечени области.

Иако е обучен за ориентација и мапирање, Нибил се сеќава дека се изгубил околу Козара во Босна и Херцеговина, откако ги следедел погрешните GPS насоки, за време на неговата прва посета на регионот во 2015 година.

Неговиот изнајмен автомобил заглавил во клисура, а Нибил почувствувал дека ситуацијата е толку безнадежна што почнал да размислува да го напушти автомобилот, целосно да го запре проектот и да си замине од регионот, но бил спасен од едно босанско семејство кое вечерало во близина.
Тие го организирале целото нивно село да го извлечат автомобилот и подоцна го поканиле на вечера и ракија, претворајќи ја потенцијална катастрофа во пријатно искуство.

Иако ги нагласува неговите позитивни искуства во регионот и помошта што ја добил од локалните истражувачи, во неколку наврати, неговиот проект бил пречекан со неверување од страна на некои локални жители, кои или самите изгубиле интерес за приказните околу спомениците или дури се непријателски расположени кон оние што не сакаат тие приказни да бидат заборавени.

„За некои луѓе поврзаноста со овие споменици е тешка и комплицирана, а кога некој странец чепка околу урнатините на спомениците може да се сфати како еден вид потпалување и провоцирање. Тие биле уништени со причина и некои луѓе можеби сакаат да бидат сигурни дека нема повторно да се отвораат тие прашања", вели Нибил.

На почетокот на неговиот проект, исто така, бил пречекан со недоверба и дома во САД, каде што некои луѓе се прашувале зошто го „губи" своето време со таква релативно нејасна тема.

Сепак, базата на податоци на „Spomenik Database“ стана хит. Возејќи се на бранот на својата популарност, Нибил сега повремено организира тури за оние кои се заинтересирани за регионот, а проектот го привлече вниманието на „Fuel“, британска компанија за дизајн и издаваштво.

Нибил и „Fuel“ ќе издадат книга во септември 2018 година, под наслов „Spomenik Monument Database“, која ќе содржи мапи, фотографии и приказни за изборот на споменици кои Нибил внимателно ги истражувал.

Дури и по овие успеси, Нибил сè уште има потреба да работи повеќе на оваа тема, делумно поттикнат од пораките што му стигнуваат од целиот свет да продолжи, а голем број од нив доаѓаат од поранешна Југославија.

„Работам на тоа буквално секој ден. Поголемиот дел од слободното време кое го имам го трошам за да уште повеќе ја развиивам базата. Мислам дека е речиси моја одговорност овој проект да продолжи понатаму и да се осигурам дека содржината и информациите на мојата веб-страница се точни и детални колку што е можно повеќе“, објаснува Нибил.

Тој, исто така, ги гледа спомениците како предавање на вредни, универзални лекции за идентитетот и меморијата.
„Тоа ме натера да мислам толку многу за концептот на меморијата. Толку голем дел од локалните конфликти се сведуваат на концептот на сеќавање и на тоа како е запаметена и напишана историјата“, објаснува тој.
„Проучувајќи ги овие споменици, наидувате на толку многу неверојатно интересни конфликти и прашања кои толку долго опстојуваат. Разбирањето на овие теми ме направи повнимателен и поаналитичен и секако поотворен кон идејата дека секоја приказна има повеќе од една страна".

Извор: BIRN

 

Слични содржини

Балкан / Историја
Балкан / Историја
Балкан / Став / Теорија / Историја
Балкан / Историја
Балкан / Историја

ОкоБоли главаВицФото