1021 hPa
76 %
8 °C
Скопје - Чет, 14.11.2024 16:01
Во последно време академиците и струката сè повеќе ја напаѓаат „стархитектурата“, обвинувајќи ја дека успешните архитекти ги претворила во егоманијаци со потпис, архитектурата во трн во око, а градовите во витрини со трофеи. Едните се сомневаат во надглобализацијата на архитектурата и фактот дека меѓународниот талент лесно се лансира во одреден регион каде потоа си подигнува споменик самиот себеси, со малку или нималку обѕир кон тамошната околина и култура. Други ја менуваат насоката на дискусијата, тврдејќи дека во современата архитектура проблемот е токму лошата форма и дека „стархитектите“ се само жртвени јагниња. Не недостасува расправа помеѓу противниците на тој феномен, но не се зборува за виситинската причина за одбивната, безлична или културно несовесната архитектура: клиентот и – заради тоа – јавната побарувачка.
Одговорни сме ние кои ја набљудуваме архитектурата од страна, без разлика дали како покровители или гледачи. Ние кои сме ја засакале архитектурата оддалеку, ние кои со кликање се воодушевуваме на сликите од преубавите нови градби, не грижејќи се како тие влијаат на луѓето што ги користат или живеат во нивна близина, ние кои се жалиме колку бедни станале нашите, некогаш cool, градови, не мрднувајќи ниту со прст за да промениме нешто, ние кои со пофалбите и куповната моќ создадовме 1 процент истакнати архитекти и потоа од нив очекувавме постојано одново да градат една иста зграда. Ако почнаа да не вознемируваат брендираните имиња на суперархитектурата (супер според примерот на супермаркетите, не како естетска оценка), мораме повторно да ги разгледаме своите потреби и навики.
Да видиме како дојдовме до тоа. Го создадовме стархитектот, поим од кој на многумина им се крева косата на главата и кој само го перпетуира претераното славење на осамениот гениј во дисциплината која всушност силно се потпира на тимска работа. Понатаму во текстот оние десетина вистински страхитекти ќе ги нарекувам со друго име: јавни архитекти. Признавам дека називот може да измами, бидејќи сите тие живеат од купишта приватни нарачки кои ги преземаат, но го користам затоа што сметаме на нив подеднакво како што сметаме на таканаречените јавни интелектуалци за да останеме во тек со нивните подрачја на интерес и релевантните трендови во нивни рамки. Како и да е, еден грст јавни архитекти воедно ги претставуваат највидливите личности од струката на светот и ги добиваат како најголемите пофалби, така и најлошите критики.
Јавните архитекти постојат отсекогаш, но дури со појавата на светската урбанизација, во комбинација со радикалните преврати на модернизмот, стекнале неограничен досег и популарност кои ги уживаат денес. Во последниот четврт век ситуацијата се промени дотолку што од јавните архитекти веќе не се очекува само да проектираат големи градби, туку и да ги променат идентитетите на цели градови. Таквата промена е наречена „Билбао ефект“ откако зградата на музејот Гугенхајм, проект на архитектот Френк Гери, по отворањето во 1997 година привлече рекорден број туристи во шпанскиот град.
Некои градови се насочија кон уметничките салони и биеналиња, чии економски учиноци се мерат многу полесно од привлечноста на зградите, па ширум светот бројот на такви настани смешно порасна. Никој веќе не верува дека културниот центар или деловниот простор сам ќе преобрази одреден град: сè повеќе гледаме дека градот не станува cool заради структурата што ја градиме, тили заради границите – културни и економски – кои ги рушиме. Но, градовите и градежниците и понатаму веруваат дека брендираната архитектура е златната кокошка на нивниот јавен имиџ и глогов колец против привидението на стагнацијата.
И така продолжува хомогенизацијата на големите светски градови. Не станува збор дека во нив сè изгледа исто, туку, како што забележале многумина, дека самите градови почнуваат да изгледаат поинаку на ист начин. Ситуацијата ја влошуваат купишта градби создадени исклучиво заради профит, за кои плановите и проектите не ги цртале брендирани јавни архитекти, туку изгледаат како да не ги проектирал никој – бескарактерен шкарт од стакло и челик кој ќе никне преку ноќ и е добредојден како сончевите очила на некој полицаец. Лесно е да се обвинат архитектите, како големите играчи така и непознатите, дека ги уништиле нашите градови, но всушност треба да го впериме прстот во себеси. Згора на сè, ние сме тие кои избираме да работиме и да живееме во такви згради, да ги купуваме или да ги изнајмуваме за големи пари, да гласаме за политичарите што ги одобруваат, да ги игнорираме и на тој начин пасивно да ги прифаќаме, или пак – доколку имаме пари – да ја нарачаме нивната изградба.
Како заљубеници во архитектурата, мораме да престанеме да сметаме на тоа дека јавните архитекти ќе ја завршат целата работа за подобрување на нашите градови. Ако сме просечни граѓани со смисла за добар дизајн, мораме да се присетиме дека архитектурата не е само естетска, туку и општествена категорија – и да бараме тој факт да се рефлектира во медиумското следење и во одлуките на градските управи. Ако сме нарачатели, мораме да се откажеме од слепата опсесија на архитектите со потпис и бесрамната изградба на безлични кутии. Ако сме официјални лица, мораме да ги освежиме своите градови така што ќе се фокусираме на граѓаните и на локалните таленти ќе им дадеме можност да се обидат на важни проекти, а не само да ги отвораме архитектонските булевари на славните. Време е да престанеме меѓусебно да се обвинуваме и да почнеме да преземаме одговорност за просторите кои ги запоседнуваме и ги нарекуваме свои.
Извор: http://architizer.com/