1022 hPa
81 %
9 °C
Скопје - Пон, 02.12.2024 11:59
Сантијаго Сиругеда, субверзивниот архитект од Севилја, ја посвети својата кариера на повторно освојување на градските простори за јавни потреби.
Во Шпанија, погодена од суровата стварност, каде државата се повлече и остави 500.000 празни згради, „луѓето си тераат по свое“, вели Сиругеда. „Во кризни времиња, луѓето се согласуваат околу наоѓање заеднички решенија“.
Бидејќи има искуство во урбаното планирање и законодавството, Сантијаго Сиругеда не се плаши да „окупира“ или сквотира напуштени простори, и користејќи го своето правно знаење, да овозможи социјална изградба.
„Самоизградбата не е легално дозволена во Шпанија, па секој архитект кој се фаќа во костец со овој проблем мора да преземе граѓанска и казнена одговорност“, вели Сиругеда, реферирајќи на логистичките проблеми со кои се соочува работејќи на работ на законот.
Клуч на неговиот успех и неговата архитектонска пракса, Recetas Urbanas (Урбани рецепти), е колективниот процес на самоизградба и собирање луѓе за работа на остварување на заедничка цел.
„Понекогаш правиме незаконски работи, но никому не правиме лошо. Напротив, правиме добри нешта за повеќето луѓе. Одлуката да се работи илегално значи да се применат различни пристапи“, флексибилен е Сиругеда.
Неговите градби се често изградени набрзина, тоа се инстант мобилни конструкции направени од рециклирани материјали. Тие куќи настануваат како одговор на итните потреби на корисниците, а притоа естетиката е во втор план. Cirugeda е свесен за коментарот дека неговите куќи се грди: „велат дека моите куќи се интересни, но грди. Кој нема грд пријател?!“
Таква е и „арана“, конструкцијата во облик на пајак која е главно обележје на самоизградениот циркус и уметнички простор La Carpa. Неправилностите се делумно последица на самата изработка и користењето евтин или сосема бесплатен материјал кој е издржлив и едноставен за вградување.
За Сиругеда проектирањето често е усогласување на достапните материјали со вештината на изведувачите. Клучно е на крајот објектите да имаат социјална функција, која современата архитектура ја изгуби од вид поради својата опседнатост со естетиката, смета Сиругеда.
Во документарниот филм снимен од Ана Наоми де Соуса, камерата го следи архитектот кога ја презема најголемата задача до сега: додека преговара со властите да му дозволат на неговиот колектив National Architects’ Collective да преобрази напуштена фабрика за цемент во жив центар за култура.
Извор: pogledaj.to