Хипотопија: град што чини колку спасување банка

14.11.2014 16:32
Хипотопија: град што чини колку спасување банка

Хипотопија: Како модел на град од 19 милијарди евра го промени ставот на Австријците кон протестите

 

Австриски активисти сакаа да ѝ помогнат на јавноста да разбере колку пари потрошила владата за спас на една банка - па создадоа модел на град кој би можел да биде изграден за истата сума пари.

 

Немири и демонстрации ги зафатија главните градови на европските држави изминативе пет години додека трае кризата во еврозоната, но во Виена група иновативни студенти се обидуваат со нова форма на урбан протест.

Корумпирани политичари, уапсени шефови на банки и наводни врски со мафијата во сенка на Балканот - сторијата за пропадната Баварска банка Хипо Алпе Адрија е катастрофа која трае во Австрија. Но, главно пасивната јавна реакција за 19-те милијарди евра за спас на оваа „лоша банка“ инспирираше група студенти по архитектура, цивилен инженеринг и урбано планирање да се позанимава со прашањето: што можете да изградите со 19 милијарди евра?

Во текот на пет месеци, овие студенти од Техничкиот универзитет во Виена дизајнираа и создадоа модел на град за истата цена колку што чини „спасот“ на банката, на еден од главните плоштади во Виена, Карлсплац, како протестен проект кој го привлече вниманието во земјата.

Насловен како „Хипотопија“, комбинација од името на пропаднатата банка и утопијата која студентите сакаат да ја создадат, моделот на градот теоретски може да прими 102,574 жители - што би го направило шести град по големина во Австрија, земја со популација едвај колку Лондон. По неочекуваната номинација, Хипотопија сега е во конкуренција за „Австриски збор на годината“, а преку социјалните мрежи забрзано се собираат потписи за поддршка.

Младиот тим го изградил градот без никаква финансиска поддршка. Тие сакале да ѝ помогнат на јавноста да го визуелизира огромниот размер на „спасувањето“. Основачот на проектот и студент по цивилен инженеринг, студентот Лукас Цајлбауер вели: „Хипотопија е повеќе од обичен архитектонски проект, во суштина тоа е протест. Петицијата на интернет која бара официјален референдум не доби повеќе од 150.000 потписи. Ако јавноста навистина знае колку пари се земени од нас, тогаш би ги имало многу, многу повеќе. Едукацијата е важен дел од тоа.“

Хипотопија е направена од бетонски и дрвени делови донирани од повеќе фирми, и стоеше изложена пред познатата виенска црква Карлскирхе три недели во октомври. Проектот привлече десетици илјади посетители. Неколку проминенти фигури ја посетија оваа макета, меѓу кои и претседателот Хајнц Фишер и политичари од сите важни политички партии. Како дополнителен дел на протестот, на блискиот Технички универзитет беа одржувани и предавања на теми кои се однесуваат на градот, вклучувајќи ја и економијата, образованието и концептот на зелени градови.

Изложбата кулминираше на протестот на 30 октомври, на кој повеќе од 1.000 Австријци маршираа околу Рингштрасе, околу центарот на градот, до парламентот. Демонстраторите користеа приколки и колички за да ги пренесат бетонските блокови на Хипотопија тешки повеќе од 25 тони, истакнувајќи парола со зборовите „Ние го носиме товарот на иднината“.

Матијас Штролц, основач и претседател на либералната партија Нова Австрија, беше еден од политичарите кои се придружија на маршот. „Во парламентот го потрошивме шестиот најголем град во Австрија - по големина некаде помеѓу Клагенфурт и Инсбрук - што можевме да го изградиме со парите од катастрофата на Хипо. Ова е споменик против политичката неспособност, знак за политичарите дека ова не смее да продолжи вака.

Ехото на сентиментот на демонстрантите се рашири низ земјата и имаше силно влијание врз јавната перцепција на скандалот. „Луѓето беа апсолутно шокирани кога видоа колку се всушност 19 милијарди евра. Австрискиот народ едноставно не може да си замисли нешто во таква димензија“, вели организаторот на акцијата.

Хипо Алпе Адрија беше национализирана во 2009 за да се спречи нејзиното пропаѓање по серијата скандали со корупција. 5,5 милијарди од даночните обврзници веднаш беа потрошени за да се покријат неверојатните заеми, со дополнителни 10-14 милијарди евра поектирани за да се покрие остатокот. Јавното несогласување на владиното справување со скандалот изнесува 65 отсто и повеќето Австријци претпочитаат да се дозволи на банката да пропадне отколку да се финансира нејзиниот спас. И покрај ова, креаторите на Хипотопија чувствуваат дека јавноста е премногу спремна да ја прифати загубата на сопствените пари.

Со овој енормен теоретски буџет од 19 милијарди евра, тимот на Цајлбауер составен од студенти ја имаше слободата да размислува за големи нешта. Тие прецизно и педантно дизајнираа град според индустриски стандарди, проектирајќи ги во трошоците сите потреби, од ископувањето на почвата, до образованието. Хипотопија содржи повеќе од 1.200 компоненти, вклучувајќи и печки за горење отпад, централи за електрична енергија и 2.1 милијарди евра планирани за инфраструктура за превоз.

„Ги користевме вистинските цени за сè. Дури и дрвените и бетонските блокови што ги гледате во моделите се згради. Знаеме колку луѓе живеат на секој кат, целта и намената на секоја зграда, и знаме колку чини еден метар квадратен. Вклучивме сè што му треба на еден град - иако ќе видите дека нема банки во Хипотопија.“

Иако градот беше расклопен за протестниот марш, идејните творци на Хипотопија сакаат неговиот успех да продолжи. Повеќето од бетонските блокови се рециклираат, но неколку ќе бидат зачувани за Виенското биенале на уметност, за да се осигураат дека проектот ќе продолжи да живее.

„Нашите интернет платформи исто така сè уште функционираат“, рече урбаниот планер Мануел Оберафунер. „Фактот дека нашата изложба и физичкиот модел на Хипотопија го нема не значи дека нашата идеја умрела.“

Извор: The Guardian

Слични содржини

Општество / Активизам / Јавни простори
Активизам / Јавни простори / Екологија
Јавни простори
Јавни простори
Активизам / Јавни простори
Јавни простори / Книжевност

ОкоБоли главаВицФото