Заха со потпис на ропски труд

07.07.2014 12:40
Заха со потпис на ропски труд

„Тоа е опојно убава градба на една од најбрилијантните архитектки на врвот на кариерата“, го опишува Пирс Гоу од лондонското биро CZWG Architects културниот центар „Хејдар Алиев“ во Баку. И навистина, заоблените форми кои го создаваат континуираниот простор на музејот, аудиториумот и мултифункцоналните сали, облици препознатливи за Заха Хадид, во овој пример создаваат импресивно и складно дело.

Токму според тие критериуми културниот центар Хејдар Алиев е прогласен за дизајн на годината од страна на жирито на лондонскиот Design Museum, чијшто член е и погоре цитираниот Гоу. Меѓутоа, она што жирито го занемари во оценувањето е целиот општествен контекст во кој настана градбата.

Во повеќе наврати се осврнавме на одговорноста на архитектите, попрецизно, на општествената неодговорност на Заха Хадид. Пишувајќи за проектот во Катар, го спомнавме и овој контроверзен проект, кој ја прави Заха Хадид режимска архитектка на Азербејџан.

По повод признанието кое Design Museum ѝ го додели на архитектката, се огласи и Human Rights Watch. Тие предупредуваат дека заедно со „Кристалната хала“ за Евровизија 2012 и „Зимската градина“ претворена во трговски центар, културниот центар „Хајдар Алиев“ е само уште еден во низата големи градски проекти зад кои стои масовно раселување на локалните жители и уништување на нивните домови, како и работа на мигрантските работници од Босна и Србија на градилишта во услови на постојани физички и психички закани, со одземени пасоши.

Ако покрај проектот во Катар се сетиме и на проектот во Пекинг, на Заха Хадид слободно би можеле да ѝ доделиме не само награда за врвна архитектура, туку и награда за придонес во кршењето на човековите права. А институциите кои наградуваат вакви проекти само според формални критериуми, сигурно не ги поттикнуваат архитектите да заземат јасен став за човековите права кои се кршат на нивните градилишта.

Human Rights Watch изработи детален извештај за кршење на човековите права при спроведувањето на планот за ревитализација на центарот на Баку, кој во скратена верзија може да го прочитате овде. Подолу може да го погледнете и видеото кое го регистрира присилното иселување на жителите на Баку.

 

Извор: pogledaj.to

ОкоБоли главаВицФото