Протетика - и сè е можно! (1)

22.07.2015 12:51
Протетика

Од Втората светска војна до денес, развојот на протетичките помагала доживеа неверојатен замав. Во денешно време речиси сè стана можно.

Нозе од титан, полимерско срце, паметни прсти и бионички очи... на ред е мозок во „облаци“!

Јас сум бионичка жена и често разговарам со колегите додека ме гледаат како трчам низ редакција. Сè уште живо се сеќаваат на почетокот на 2014 година, кога тешко станував од столот, па со голема болка и лазејќи едвај исчекорував дваесетина метри.

Иако е вообичаено луѓето да менуваат колк во доцната животна доба, мене ми се случи десниот колк да ми „откаже“ од непознати причини уште на 50-годишна возраст. Затоа лани кон крајот на мај ми беше вграден имплантат врз база на титан.

Болките како ветар да ги однесе.

Шест недели по операцијата ги оставив патериците и се вратив во редакцијата. Половина година подоцна продолжив да тренирам во теретана.

Иако денес вградувањето имплантати во колк е една од најчестите и најуспешни операции во светот, во шеесетите години (кога сум родена) се сметаше за пресврт во медицината.

Заслугите за тоа му припаѓаат на британскиот хирург Сер Џон Чарнли, кој во болницата Врајтингтон, во близина на градот Виган, почнал со модерно вградување протези на колк, со примена на коскен цемент и полиетилен за чашката на зглобот. Операцијата за вградување колк од седумдесеттите години успешно се изведува и во Хрватска.

Дигитални прсти

Вградениот колк врз база на титан кој ми овозможи враќање во форма е само еден од низата вештачки органи кои последните децении го подобрија квалитетот или ги спасија животите на многу луѓе. Благодарение на напредокот на науката и технологијата, речиси нема дел од телото или орган кој не е можно да се замени со соодветен бионички заменик. Поимот „бионички“ се јавува во научната фантастика од педесеттите години, а популарноста ја стекнува благодарение на американската ТВ серија „The Six Million Dollar Man“ од седумдесеттите години.

Тоа беше приказна за астронаутот Стив Остин - улога на Ли Мајорс, кој настрада во тешка несреќа, па научниците му креираа бионички раце и нозе и вештачки очи.

Четириесет години подоцна, британските научници Ричард Вокер и Метју Годен го креираа Рекс, вештачкиот човек вреден еден милион долари. Рекс е дизајниран за потребите на документарецот „Како да се направи бионички човек“ кој се занимава со унапредување на технологијата за бионички органи, но и со етичките дилеми кои таа ги носи. Авторите го следат швајцарскиот социјален психолог д-р Бертолд Мејер, кој е роден без лева рака, како последица на ретка вродена болест, дисмелија.

„Додека растев мразев да носам вградена рака. Пластичната секогаш изгледаше лажно, додека металната беше корисна во некои ситуации. Но, изгледаше застрашувачки“, рекол Мејер.

Неговата вградена рака, вредна 45.000 евра, производ на британската компанија „Touch Bionics“ е најнапредниот надоместок од тој вид на пазарот.

„Сега имам рака која ја чувствувам како да е дел од мене. Кога не ја носам, нешто ми недостига“ – додал Мејер.

Компанијата „Touch Bionics“ пред неколку години успешно ги демонстрираше и првите бионички прсти направени од цврста но лесна пластика, кои се придвижуваат со минијатурни мотори.

Се проценува дека 1,2 милиони луѓе во светот, а 50.000 во Европа, поради различни инфекции, повреди или вродени дефекти, немаат еден или повеќе прсти. Една од нив е и Марија Антониа Иглесијас која била успешна концертна пијанистка се’ додека, во јули 2003 година, неочекувано не заболела од бактериска инфекција од непознато потекло. Инфекцијата резултирала со септички шок, поради што на Марија ѝ биле ампутирани прстите на двете раце. Но, благодарение на бионичките прсти, Марија денес може да пишува, да држи чаша и прибор за јадење, а почнала и повторно да свири клавир.

„Среќна сум бидејќи до неодамна и едноставните нешта, држењето чаша, на пример, ми беа невозможни“ – вели Марија, која се смета за прва личност со бионички прсти.

Во меѓувреме, компанијата „Touch Bionics“ ја унапреди технологијата. Така минатата година Американецот Адриан Албрих (45), кој како 19-годишник останал без прсти на левата рака, ја демонстрираше I-Limb Digits, новата генерација дигитални прсти на оваа британска компанија.

Историјата на протетичките помагала влече корени од древни времиња. Во Каиро во 2000 година на мумијата која ѝ припаѓала на богата Египќанка, археолозите откриле ножен прст направен од дрво и кожа.

Стар околу 3000 години, тој вештачки прст се смета за најстаро протетичко помагало. Иако протетичките помагала се користеле и во минатите столетија, до нивен забрзан развој дошло по Втората светска војна, кога ранетите војници се враќале дома од бојното поле.

„Докторите, терапевтите, психолозите и обичните луѓе често на ветераните гледале како на мажи чија неодамнешна ампутација била физички доказ за кастрација или некомпетенција воопшто, па дури и некој вид монструозна дефамилијаризација на „нормалното“ машко тело“ – вели за „Atlantic Mountly“ Дејвид Серлин, професор на Универзитетот Калифорнија во Сан Диего.

Серлин опишува како медиумите и војската се труделе да ги претстават како „нормални“. Така, во 1946 година е лансиран стрипот „Gasoline Alley“, во кој главниот јунакот Бикс бил маж чија протеза му овозможувала да биде „нормално америчко момче“. Понатаму, професионални фотографи пред познатата воена болница „Walter Reed“ во Вашингтон, фотографирале мажи со протетички нозе, исцртани со „тетоважи“ со пин-ап девојки, како се занимаваат со „нормални“ машки активности: пушење или читање спортски весници.

Протетичките помагала требало да бидат невидливи, па така почнала да се развива голема индустрија за козметички препарати и калапи. Денес без проблем може да се купи реплика која изгледа исто како вистинска нога со влакна и пеги. Истовремено, има сè повеќе луѓе со ампутирани нозе кои не сакаат да ги покриваат своите протетички екстремитети, туку отворено ја покажуваат машинеријата која ги придвижува нивните тела. Еден од нив е и Хаг Хер (50), професор на престижниот Масачусетс институт за технологија (МИТ) во Бостон.

Кога имал 17 години, Хер ги изгубил двете нозе: бил заледен за време на снежна олуја, кога бил млад и неискусен планинар. Денес се качува по карпи благодарение на бионичките нозе.

„Со вештачките екстремитети се искачувам подобро отколку кога тоа го правев пред несреќата“ – признал Хер, водител на познатата интердисциплинарна лабораторија за истражувања MIT Media lab, која се занимава со дизајн на бионички нозе. Пред неколку години списанието „Тајм“ го нарекло „лидер на бионичкото доба“, поради неговата револуционерна работа во биомехатрониката, новата технологија која ја поврзува човечката физиологија со електромеханиката.

„Протезите ќе станат превозно средство како автомобилите. Луѓето на кои им се ампутирани екстремитети ќе можат да се движат со помалку енергија од оние кои имаат биолошки нозе. Тажно е да имаш биолошки нозе бидејќи си ограничен од природата, а вештачките екстремитети се бесмртни“ – вели Хер кој го измислил и името Human 2.0. „Технологијата има неверојатна можност за заздравување и рехабилитација, па дури и го зголемува човечкиот капацитет“ додава тој.

За тоа дека новата технологија на луѓето со инвалидитет може да им даде предност во однос на здравите луѓе, се зборуваше и во текот на расправите околу Оскар Писториус, најбрзиот човек на светот без нозе кој инсистираше да се натпреварува во нормална конкуренција. Иако јужноафричкиот Blade Runner е правосудно осуден за убиство со предумисла на својата вереница Рив Стинкамп, расправата за неговите протетички нозе наречени Чита (гепард), направени од јаглеродни влакна, трае и денес. Имено, научниците сметаат дека параолимпијците со помош на протетичките нозе, од кои секоја чини околу 18 000 долари, трошат помалку енергија отколку атлетичарите без хендикеп.

„Тие протетички нозе навистина се револуција. Направени се од полимер, зајакнат со јаглеродни влакна. Таа комбинација дава исклучителна леснотија, посакувана крутост, но и голема цврстина. Кога станува збор за надворешното делување на силата, нозете Чита имаат голема еластична деформација и се однесуваат како пружина. Кога гледате као трча еден параолимпиец, забележете како тие нозе постојано еластично се деформираат. И стапот за скок во висина мора да има слични својства: да остане еластичен и да поднесе високи механички оптоварувања“ – појаснува проф. Томислав Филетин од факултетот за машинско инженерство и бродоградба (FSB) во Загреб и истакнат хрватски стручњак за трендовите на развој и примена на новите материјали.

Материјалите зајакнати со јаглеродни влакна потекнуваат од воздухопловството, па потоа влегоа во областа на малата бродоградба. Затоа својата примена ја нашле и во изработката на спортски реквизити и во медицината. Воздухопловството, бродоградбата, спортските реквизити и медицината се подрачја традиционално склони кон примена на најнапредните материјали, бидејќи овде се дозволува повисока цена.

Протетичките нозе Чита се производ на исландската компанија, „Ossur“ од Рејкјавик, еден од лидерите во производство на протетички помагала. Компанијата во седумдесеттите ја основал Осур Кристинсон, кој е роден со деформирана десна нога, поради што не можел да оди. Во раната младост одлучил дека ќе им помага на луѓето со инвалидитет. Затоа одлучил да студира протетика во Шведска, а потоа се вратил на Исланд, каде во 1971 година ја основал клиниката „Ossur“. 

Кон вториот дел

Извор: Globus

ОкоБоли главаВицФото