Арно.мк, „портал“ КОН арната страна на нештата!

03.04.2019 00:43
Арно.мк, „портал“ КОН арната страна на нештата!

Што е АРНО.МК?

Арно.мк не е класичен портал и од него нема дознаете вести од политиката и спортот, ниту трач-муабети од светот на „славните“ – затоа, ако тоа ве интересира, подобро не посетувајте го!

Арно.мк е приватен креативен проект на Бранко Прља и Владимир Карер - динамичното дуо кое ја има создадено популарната ФБ група со над 35.000 членови „Дај, не фрлај!“. Бранко и Владо велат: „Таму зборуваме за арни работи кои нѐ интересираат и имаат потенцијал да го сменат светот. Наука, технологија, екологија, здравје, уметност... кратки информативни текстови со доза на хумор и силен визуелен идентитет за да бидеме препознатливи.“

Според Бранко и Владо: „Арно.мк не се стреми да биде конкурент на популарните портали, ниту ќе ја продаде својата душа за да биде интересен и актуелен. Зборуваме за она што нѐ интересира нас самите, она што нѐ возбудува и ни го прави животот интересен, па ако се погодиме со нашите читетели - уште поарно!“

„Нашиот рецепт за совршен текст е: земи 50 проценти научни факти и измешај ги со 25% популарна култура и 25% лично искуство. Зачини со хумор, па готви на 20 Целзиусови степени една минута и ќе добиеш јадење кое е ем калорично, ем лесно за варење!“



Предисторијата на Арно.мк

Бранко Прља со години наназад работи на популаризација на идеи кои, според него, „не се толку „интересни“ за општата публика, а се значајни, како на пример концептите од астрономијата, физиката, науката генерално.“ Иако нема формално образование од овие области, Бранко веќе три децении активно чита текстови од нив. Тоа секако не го прави експерт, но идејата на неговите текстови не е да бидат експертски, туку да ја заинтересираат публиката, особено помладата, да се впушти во авантурата на науката. Неговите проекти како „Досиеја“ за планетите, ѕвездите и вселената, или „Фактопедии“ за Алберт Ајнштајн или Никола Тесла се добри примери на една таква идеја.

Бранко понатаму вели: „Кога му соопштив на Владо дека имам идеја да направам еден таков сајт, секако со негова помош, тој не беше многу заинтересиран. Се разбира, знаеше дека се работи за уште еден мој утопистички проект. Но, по две години и самиот ми пиша со една слична замисла и како да беше заборавил на мојата идеја. „Ќе пишуваме за работите кои нѐ интересираат, наместо да си праќаме линкови по мејл со наслов „интересно видео“, ќе направиме портал кој ќе биде архива на такви интересни линкови од наука, технологија, филм, музика...“ Со таа реченица Владо ја сумираше филозофијата на Арно.мк.“

Бранко додава: „Секој текст за мене лично е една мала симфонија од проучување на интересни тематики, студирање на повеќе текстови, гледање видеа и кратко сумирање на наученото, со визуелно заокружување на темата. Просто уживам додека го создавам секој посебен текст за Арно.мк!“



Филозофијата на Арно.мк (според авторите)

„Нашата идеја е да се стремиме кон „доброто“ како принцип. Сите теми и текстови објавени на порталот имаат мисија да ги подобрат работите во нашето општество, да известат за добрите трендови во светот и ако понекогаш зборуваме за лошите појави, тоа го правиме со цел да влијаеме на позитивно разрешување на истите (пр. екологија).

Светските медиуми се пренатрупани со лоши вести. Секогаш лошото или негативното привлекува повеќе внимание отколку позитивното. Се разбира, стравот е примарна емоција и тој има заштитна функција, но нашата цел е да апелираме кон повисоките мотиви. Кажано во духот на американскиот психолог Абрахам Маслов, се стремиме кон врвот на пирамидата!

На порталот Арно.мк примарни се статиите од областа на науката и технологијата затоа што веруваме дека во нив е клучот кон подобро (поарно) денес и утре. Особено веруваме во моќта на популарната наука и нашите текстови имаат таков тон – сѐ со цел науката да се доближи до пошироката публика.

Особено внимание посветуваме на екологијата, зашто без здрава животна средина нема напредок, ниту иднина. За на сите да ни биде арно!

Од време на време пишуваме и текстови поврзани со уметноста, културата, музиката, филмот и медиумот на 21 век – подкастот, зашто тие се „саундтрак“ на нашите животи.“

Се чини дека Арно.мк е дел од една филозофија дека човек треба да го прави она што го исполнува духовно, независно од тоа дали има некаква практична корист од тоа, а ако притоа го смени сопствениот и животот на другите луѓе на подобро – уште поарно! Јас лично не гледам ништо лошо во тоа.

ОкоБоли главаВицФото