Помеѓу хегемонот во заоѓање и потребата за радикална демократија: двете кризи во Македонија*

23.07.2015 14:39
Помеѓу хегемонот во заоѓање и потребата за радикална демократија: двете кризи во Македонија*

Има еден виц што сите во Македонија го знаат. Оди вака: за време на Втората светска војна, партизаните и германските трупи се бореле околу една шума. Првиот ден партизаните ја зазеле шумата. Вториот ден Германците го возвратиле ударот и презеле контрола. Третиот ден партизаните повторно ја зазеле шумата. Четвртиот ден Германците си ја повратиле шумата. Петиот ден шумарот се налутил, ги избркал и ја презел шумата во свои раце. Вицов се споменува при секоја политичка криза во земјата, кога позицијата и опозицијата не можат да се договорат околу нешто, а граѓаните се свртуваат кон запад, вообичаено кон Европската унија (ЕУ), во потрага по шумарот. Со оглед на инволвираноста на меѓународната заедница во земјата, особено на ЕУ, ова можеби и не е толку изненадувачки.

Хегемонот кој бледее

Ако има една работа што е заедничка за сите македонски влади од осамостојувањето до денес, дури и ако е тоа понекогаш само декларативно, тоа е членството во ЕУ како стратешка цел. Тоа, заедно со хегемонската позиција што ЕУ ја има на Балканот, ѝ дава на Унијата посебна моќ на домашната политичка сцена.

Двата аспекти се вредни за анализирање. Почнувајќи со вториот аспект, распадот на Југославија и нејасната институционална поставеност во некои од земјите наследнички го создаде неопходниот вакуум за тогашната Европска заедница да ја заземе позицијата на регионален хегемон. Конкретно во случајот на Македонија, ЕУ е еден од гарантите наОхридскиот рамковен договор (ОРД) со кој се заврши краткиот меѓуетнички конфликт во летото 2001. Покрај тоа, ЕУ се вклучи со неколку од инструментите кои ѝ се на располагање во стабилизирањето и реформирањето по конфликтот. Ова создаде ситуација во која ЕУ беше во позиција да преземе поголема одговорност во земјата и од неа беше побарано да ги координира напорите на меѓународната заедница во олеснувањето, следењето и помагањето при имплементацијата на ОРД. Истовремено, како гарант на договорот, ЕУ стана во голема мера вклучена во управувањето на внатрешната политика во земјата. Наместо медијатор, со тоа Унијата стана еден од главните носители на одлуки во Македонија. Имајќи ја предвид асиметријата во односите на моќ, ЕУ се позиционира најгоре во владејачката хиерархија во земјата. При таква поставеност, идеолошката привлечност и престижот на ентитетот кој е хегемон се особено важни за хиерархијата да биде стабилна.

Оваа привлечност всушност е поврзана со другиот аспект споменат погоре: членството во ЕУ како првенствена стратешка цел. Поддршката за евро-атлантските аспирации на земјата секогаш била силна меѓу населението, на што укажува и последната анкета со 80% поддршка. Меѓутоа, во последните седум години во јавниот дискурс оваа поддршка агресивно се споредува и се поставува како спротивна на правото на земјата да го користи уставното име во меѓународни рамки. Имено, од грчкото вето на македонското членство во НАТО на самитот во Букурешт во април 2008, ВМРО-ДПМНЕ, на чело со Премиерот Груевски, активно е вклучена во формулирањето на наратив во кој „националната гордост“е доведена во прашање кога станува збор за евро-атлантските интеграции. Настанот е всушност точка на пресврт во владината политика и реторика, по што фокусот се сврте кон редефинирање на колективниот идентитет, колективните внатрешни и надворешни „непријатели“, претставата за тоа што претставува „вистинскиот Македонец“, како и кон обиди таа претстава да се поврзе со античките Македонци и митовите за Александар Македонски. Многу од историските митови кои оттогаш активно се употребуваат во дефинирањето на националниот наратив се митови во кои Македонците се претставени како жртви, што воопшто не е невообичаено на Балканот. Тие митови, заедно со оние за „непопустливоста на предците“, се користат по погодност во контекст на спорот со името секогаш кога тонот на ЕУ не ѝ оди во прилог на владејачката елита. Истовремено пак, многу од реформите, како и надежите за подобра иднина се јавно поврзувани со европската интеграција. Во услови кога поголемиот дел од традиционалните медиуми во земјата се контролирани од ВМРО, овој двослоен или двобрзински пристап не само што ја прави „европската интеграција“празен означувач на располагање на владејачката партија, туку и значително ги ослабнува таканаречените „стапови“ на располагање на ЕУ.

„Одзаробување“ на државата?

Оваа контекстуализација е важна во обидот да се сфати недостатокот на џокери во ракавот на Унијата при справувањето со најскорашната, која е и најголема од осамостојувањето, политичка криза во земјата. Почетокот на кризата веројатно може да се лоцира во 24 декември 2012, кога во обид набрзина да го усвои годишниот буџет, власта нареди насилно исфрлање на опозициските пратеници и новинарите од Парламентот. Мартовскиот договор под покровителство на ЕУ беше само делумно испочитуван од страна на ВМРО, чиј неуспех или недостаток на волја да ги спроведуве препораките на ОБСЕ/ОДИХР во врска со изборниот закон и гласачкиот список доведе до непризнавање на резултатите од парламентарните и претседателските избори во април 2014 година од страна на СДСМ и бојкот на Парламентот кој сѐуште трае. Ова не ги попречи ВМРО и неговите пратеници, заедно со другите претставици на владејачката коалиција, да го продолжат трендот на прекумерна регулација на сите аспекти на јавниот и приватниот живот и преку донесување и спроведување на неколку проблематични закони, уште повеќе да го зајакнат владеењето преку правото, а не владеењето на правото.

Настаните по јануари 2015, првенствено поврзани со „бомбите“ од таканаречениот проект „Вистината за Македонија“, се кулминација на овој аспект на кризата. Должината на процесот на објавување на „бомбите“, на камповите кои беа поставени по двата големи протести, едниот организиран на 17 мај од коалицијата на опозициските партии и граѓанските организации наречена „Граѓаните за Македонија“(ГМ) и вториот организиран од ВМРО-ДПМНЕ на 18 мај, како и на преговорите што следеа придонесе кризната состојба да стане нормална и да ја дефинира новата реалност во Македонија.

Преговорите помеѓу лидерите на четирите најголеми политички партии, со медијација на ЕУ и поддршка од САД, водени далеку од очите на јавноста, резултираа во договорот од 2 јуни и протоколот од 15 јули. Договорот е обид да се одговори на некои од забелешките и препораките во поглед на владеењето на правото што ги изготви групата експерти ангажирани од ЕУ. При тоа, се доведува во прашање непроблематичноста на вклучувањето на Груевски во преговорите, како некој кој придонел кон проблемите идентификувани од страна на експертите. Ова, заедно со врзаните раце на ЕУ во поглед на користење какви било „стапови“ го прават договорот ништо повеќе од најмал заеднички содржател.

Така, сѐ што договорот предвидува е во насока на справување со „заробената држава“, во случајов преку специјален јавен обвинител за материјалите од прислушувањето, преку враќање на опозицијата во Парламентот и преку формирање на преодна влада (на чие чело до јануари би бил Груевски, по што би поднел оставка), со мандат да организира предвремени парламентарни избори во април 2016. Ова е само еден чекор во насока на „одзаробување“ на државата и дали тоа е доволно е речиси неважно во моментов, кога е доведено во прашање самото спроведување на договорот во постоечката форма. Она што сепак е важно да се разјасни е делокругот на договорот. Сегашната криза е истовремено и системска криза, но и криза на легитимитетот, а договорот исклучиво се однесува на првата, односно на системската криза. Иако не се неповрзани, справувањето со првата не подразбира автоматско справување и со втората криза.

Системската криза во суштина претставува „заробена држава“, што вклучува „значително институционализирано, партикуларистичко и користољубиво влијание или контрола на нерепрезентативни актери врз јавните финансии или креирањето и спроведувањето на државните политики“. „Заробената држава“ не се однесува само на последиците, односно на корупцијата, туку и на самиот проблем, што е неуспехот на систем, кој во својот дизајн нема функционални механизми за проверки и рамнотежа на политичката моќ.Овие недостатоци се интегрирани во институциите и законите, што го прави гореспоменатотовладеење преку правото возможно, имитирајќи демократски процеси и институции. Оттаму, договор што се фокусира само на системската криза го има за цел квантитетот, а не квалитетот на демократијата во земјата.

Револуцијата е на пауза, да живеат револуционерите!

Кризата на легитмитетот, од друга страна, е политички проблем и техничките решенија што ги предлага договорот можат да влијаат на него, но не и да го решат. Како што правилно забележува Дејвид Чендлер во неговата важна анализа на процесот на градење држава во Босна, политичките проблеми можат единствено да се решат во доменот на политичкото, сугерирајќи дека не е изгледно да се најдат решенија на политичките проблеми во доменот на правото, администрацијата и/или социјалната политика.

Во политичката сфера, легитимитет генерално се однесува на правото да се владее, што во демократиите зависи од поддршката на мнозинството, но и од способноста да се спречи тиранија врз малцинствата.Ако го употребиме евристичкиот уред на разликување помеѓу влезен или инпут легитимитет и излезен или аутпут легитимитет, односно како што сугерира Липсет, помеѓу легитимност и ефикасност соодветно, при што првото е „капацитетот на политичкиот систем да поттикне и да го одржи верувањето дека постојните политички институции се најсоодветни или правилни за општеството“, а второто се однесува на „фактичкиот перформанс на еден политички систем, степенот до кој тој ги задоволува основните функции на власта, како што се дефинирани од очекувањатана повеќето членови на едно општество, како и очекувањата на моќни групи во општеството кои може да претставуваатзакана на системот“. Низата протести и пленуми кои беа формирани во последната година укажуваат на криза на легитимитетот во обете насоки.

Во поглед на втората, можеби најдобриот индикатор за граѓанското незадоволство е зголемениот број и зачестеност на граѓански активизам во различни форми, во последните неколку години. Во однос на протестите конкретно, особено по студентските протести во есента и зимата 2014/2015, зачестеноста значително многу се зголеми и протестите станаа ако не неделна, во најмала рака месечна појава. Оттаму, објавувањето на прислушуваните материјали во врска со убиството на Мартин Нешкоски, што доведе до масовните протести на 5 мај беше непосредниот повод, но не е единствената причина за незадоволство на граѓаните. Во толпата имаше медиумски работници незадоволни од рестриктивниот закон за медиуми и медиумскиот мрак кои се резултат на одлуките на актуелната влада. Имаше хонорарци незадоволни од законот кој ги таргетира и беше донесен неколку месеци порано. Имаше студенти незадоволни од законот за високо образование кои би резултирал во уништување на автономијата на универзитетот. Имаше ЛГБТИ активисти незадоволни од несоодветниот третман од страна на судството на случаи на физички напади врз некои од нив. Имаше работници чии работничкиправа значително и постојано се намалуваат, додека синдикатите се претворени во пиони на власта. Имаше архитекти кои се сведоци на претворањето на Скопје во „европскиот главен град на кичот“. Имаше жени кои станаа предмет на неколку рестриктивни закони. Имаше млади луѓе со мали изгледи за вработување без партиска книшка. Имаше родители на млади луѓе кои во илјадници ја имаат напуштено земјата. Имаше граѓани кои искусиле неправда од тековната власт во една или друга форма.

Во екот на протестите, се случи инцидентот во кој македонската полиција се судри со вооружена група на 9-10 мај во Куманово.Населувајќи и разбирајќи ја земјата низ призмата на она што Брубејкер го нарекува „групизам“, кога групите, вклучително етничките групи, се гледаат како основните општествени актери со конкретни интереси и капацитет за дејствување, очекуваната првична претпоставка на многумина беше дека станува збор за меѓуетнички судир. Меѓутоа, медиумскиот мрак и недостатокот на официјални информации од страна на надлежните, заедно со многуте недоследности во презентираниот владин наратив, ја доведоа во прашање ефикасноста на власта. Популарноста на видеото во кое жител на Куманово, етнички Албанец, придружен од етнички Македонец, ги повикува функционерите на одговорност е само еден пример за тоа како инцидентот Куманово всушност придонесе кон незадоволството на граѓаните и кризата на легитимитетот.

Во поглед на првата насока, на таканаречениот инпут легитимитет, повеќето анкети на јавното мислење укажуваат на недоверба во политичките институции. Ова е особено алармантно помеѓу младите луѓе, чие незадоволство од состојбата на демократијата е исклучително висока. Една студија, на пример, покажува дека само 6% од младите во Македонија се задоволни со состојбата на демократијата. Интересно, истата студија покажува дека од сите политички институции, младите најмалку им веруваат на политичките партии, а повеќето од нив не се чувствуваат застапени во политиката во моментов. Недовербата не се однесува само на ВМРО-ДПМНЕ, туку на повеќето активни политички партии, особено на поголемите, како на тие кои се сметани за етнички македонски, така и на оние кои се сметани за етнички албански партии. Показател за ова е и фактот дека додека поддршката на ВМРО-ДПМНЕ со емитувањето на „бомбите“ се намалуваше, поддршката за СДСМ не беше во пораст. Постојат повеќе причини за ова. Една е историското наследство на партијата, која беше на власт во текот на процесот на приватизација. Друга е селективното и калкулантско објавување на прослушуваните материјали. Голем број граѓани, особено етнички Албанци кога станува збор за недостатокот на објавени материјали што се однесуваат на албанските политичари, со незадоволство забележуваат дека наместо „Вистината за Македонија“, проектот се претвори „Селектираната вистина за дел од Македонија, раскажана од страна на опозициската партија“. Уште една причина е начинот на кој најголемата опизициска партија им пристапи на граѓанските протести. Можеби несвесни за сопствената политичка гравитација, СДСМ го иницираше формирањето на гореспоменатата коалиција ГМ со дел од граѓанското општество, што резултираше во ентитет перципиран како коалиција на СДСМ. Ова доведе до голем број на демонстранти, кои секојдневно се приклучува на уличните протести, да се почувствуваат изневерено и искалкулирано, зголемувајќи ја недовербата кон опозициската партија. Заедно со фактот дека вообичаениот одѕив на гласачи е под 60%, тоа што договорот од Пржино беше скроен и потпишан од страна на лидерите на четирите најголеми партии прави голем дел од населението во земјата непретстравено на тие договори. Така, покрај дискутабилниот инпут легитимитет на тековната влада заради изборните манипулации, дискутабилен е и инпут легитимитетот на идната преодна влада.

Кризата на легитимитетот беше очигледна во формите низ кои различните граѓански групи се организираа при формулирањето и комуницирањето на нивните барања во изминатиот период. Пленумите се една од најпопуларните форми, служејќи не само како платформа преку која се дава глас на непретставените, туку и како форма на радикална демократија. Според Лаклау и Муф, ова овозможува политиката да не се сведе само на обична регистрација на гласови по веќе постоечки интереси, туку политичките идентитети и преференци да се (ре)формираат преку дебата во јавната сфера. Вака сфатени политиката и политичкото всушност имаат клучна улога во обликувањето на политичките субјекти. Пленумите се токму тоа. Тие дозволуваат да се слушне плуралитетот на гласови и позициите и гледиштата да бидат оформени преку дискусија. Поддршката и бројот на пленуми кои беа формирани во последната година е уште еден пример за потребите на граѓаните да бидат слушнати и надвор од изборите и системот каков што е моменталниот.

Со оглед на сѐгореспоменато, станува јасно дека решението што договорот го предлага се однесува само на одредени аспекти на системската криза или на „заробената држава“, но не и на кризата на легитимитетот. Иако легалноста на договорот може да го трасира патот за справување со некои проблеми поврзани со кризата на легимититетот, неосновано е да препоставуваме дека легалноста значи и легитимитет. Имајќи го ова на ум, не би било изненадувачки ако граѓанското незадоволство продолжи до изнаоѓање на поодржливо решение и до надминување на кризата на легитимитетот. Ако се вратиме на вицот од почетокот на текстот, се чини дека наместо западно, за одржливо решение, луѓето во Македонија треба шумарот да го бараат внатрешно.

*превод на дел од текстот оригинално напишан на 15 јули 2015 година за престојното издание на словенечки Разпотја

Слики: Diane Meyer

Слични содржини

Општество / Балкан

ОкоБоли главаВицФото