1016 hPa
94 %

10 °C
Скопје - Нед, 27.04.2025 02:59
На Виталиј Шленски
За здраво да си, мој Виталиј,
Во сибирскиот ти пишувам ќош,
Каде што се смрнува гениталиј,
Толку мразот е лош.
Во Москва сега е перестројка,
Безумност владее очајна.
Сепак ме одмина таа кројка,
Оти до пола веќе сум во лајна.
Со горниот дел од своето тело
Сега се трудам да не исчезнам,
И колку умеам склопувам дело ‒
Ко поет не сум лош, тоа го знам.
Да видиш што е престолнина,
Побрзај ти кон нашава тврдина.
Сите се среќни, никаде темнина,
А Мавзолејот е ‒ во средина.
Тука везден бувтаат салути,
Престиж, цвикер, зулуфи,
А ако платиш во валути,
Можеш и ти да пипкаш фуфи.
Но таквиот спорт не ни е мил,
Моралот за нас не е привид ‒
Никогаш фраер не сум бил,
А и ти не спаѓаш во тој вид.
Завршувам оти солзи трупаат гуша,
Солзите како знак на опаѓање.
Поради рима следува: „Од душа“
го чекам твоето доаѓање.
***
Надвор секаде е снег,
Децата прават снешко,
На душата голем тег
Ме притиска тешко.
Долго живеам ко пес
Во дисциплина строга,
И се туткам ко на прес
За вас, луѓе, јас пред Бога.
Грбот ми го криви и бие
Овој тежок товар,
Поет што сум ‒ добро е,
Зло е што сум добар.
Еве, да сум поет лош,
налет и збор и стих ‒
Срамот ќе го бутнев в кош,
А грижата под тепих.
Јадот не би го рецкал,
Болните и старите.
Со коктели би ѕвецкал
По Сејшелите и Канарите.
Или в Дума газот
Би го ставил на уживанција,
Под наем би го дал образот,
А умот на долга ваканција.
Би сјаел ко злато ил сребро
Во друштвото цело.
А сепак, нема, знам добро,
Да шетам во бело.
Изгледа цел век од стомна,
‒ Кај си, што си, тука си ‒
Ќе морам да јадам гомна
Со вас, браќа Руси.
***
Кон плафонот погледнав во стрес ‒
Стеница се влече.
Ја лупнав со „Правдата“ ‒ плес!
Што тука се затече.
Болва, стеница ил вошка,
Ќе знаат отсега:
Со нејзе нема ни шега ни прошка ‒
„Правдата“* далеку досега.
*„Правда“ ‒ главен дневен весник во СССР, гласило на Комунистичката партија на Советскиот сојуз. Денес „Правда“ е лист на Комунистичката партија на Руската федерација (прев.).
***
Се завршува овој век,
Од луњата се создава вел,
Се разбира дека паѓа снег,
Занимливо е ‒ што е бел.
Низ глеткава сонлива, димена,
Што се случува сред зима
Талка човечка фигура безимена
Овде сместена само поради рима.
Малецок, тажникав е тој човек
Пред моќниот бескраен пејзаж,
А што го сместило на сликата довек
Не знам ‒ хир, стихија, мираж?
Тој е проста советска мравка,
На тони има такви материјали.
Мојот ум ја брише таа ставка,
Ги заборавам и неговите иницијали.
Без тело тогаш овој тажен гном,
Производ на сновиденија саде,
Се покорува на писателот тром
И ака кон никаде од немајкаде.
Секој од нас е таков небаре,
Лутаме, талкаме, лаеме,
А потоа ‒ цап! ‒ нагло се мре,
Тоа сите добро го знаеме.
А оној што над сите стои
И секому годинки брои,
Кога нашата ќе згасне свест,
На друг просто минува текст.
Препев: П. В.
Слики: Константин Алтунин
Иртењев на Окно