Милениче со мев без дно

12.08.2015 12:42
Милениче со мев без дно

1.

Единствен соодветен наслов што можеше да се сретне низ македонските медиуми апропо најновата вест за новите апетити на Музејот на македонскиот хорор беше дека „Музејот на ВМРО ќе проголта уште 611.276 евра“. Сите други се бавеа со некакви еуфемизми од типот „ќе се потрошат“ или „нови средства за Музејот“ и слични глупости, заобиколувајќи ја суштината односно, подобро речено, избегнувајќи ја, како и многу пати до сега. Зашто, не дека се потребни, уште помалку неопходни, туку секоја година, по правило, овој музеј едноставно мора да голтне солидно парче од македонскиот културен буџет, а за што секогаш се измислуваа „соодветни“ причини. Овојпат, тоа да ти било за изведба на работи за ентериерно уредување на конференциска сала. И, ни помалку ни повеќе, шестотини илјади евра, и малку повеќе, за почеток. Зашто како што кај нас одат работите, треба прво да се почне со извесна сума, па таа понатаму континиирано ќе расте како што на нашиве стручњаци преку ноќ ќе им доаѓаат нови идеи односно ќе им растат апетитите.

И ако некому кажете дека овој „музеј“ беше (свечено, нормално!) отворен само пред четири години, нема да верува односно ќе праша - зарем тогаш не била уредена конференциската сала. Што за наши прилики не би било чудно, нели. Ама сепак, оваа била, ама како да не била. Сега требало повторно, зашто „сега ќе се врши пренамена, односно ќе стане мултифункционална“, кажал директорот на музејот. Значи до сега не била мултифункционална. Била обична, монофункционална! А сега „…поради големиот интерес решивме да направиме промени, за да тука можат да се одржуваат и други настани, а не само конференции, на пример да може да има и концерти“, повторно нè просветлува директорот Светозаревиќ. Плус, ако некому кажете дека ова милениче на новата македонска преродба со мало „п“ достигна цена од цели 15 милиони евра иако основниот договор бил склучен на само 4,5 милиони евра – што ќе рече дека чинел речиси четири пати поскапо од предвиденото – не знам дали ќе може тоа да го разбере. Иако, нели, нас веќе никој не се ни труди да нè разбере. Тоа е невозможна мисија!

2.

Не мислам дека оваа најнова глупост е и најголемата глупост со овој музеј. Таа, најголемата глупост, беше самата негова изградба, под директни упатства на Главниот архитект, тогаш во улога на Главен музејски советник. Ама, после се изредија уште десетици нови глупости. Но никој не прашува како е можно денес, во втората деценија на дваесет и првиот век, некој да проектира (и изведе) музеј, а само по четири години да се покаже дека ете, неговата конференциска сала не била функционална, односно била монофункционална ама требало да биде – мултифункционална! Зашто таму требало да се оджуваат и концерти! Брее, ова стручњациве сакаат едновремено да имаат и музеј, и концертна сала, и конференциска сала (за не-знам-какви конференции!) и можеби ќе посакаат и вселенски центар… Којзнае што ли ќе смислат понатаму, по следните четири години?

Но никој не прашува што всушност се случува во тој „музеј“ на планот на музеологијата, што работат тие луѓе внатре освен што рашетуваат по некој заталкан турист? Иако на една тарапана каква што направија, на тој „музеј“ и не би можела да му се најде некаква основна функција. Зашто, велат, во објектот е сместена музејската поставка со презентирани 109 восочни фигури и 16 слики-портрети (не знам зошто овие во „музејот“ потенцираат дека се уметнички?!) на македонски дејци, револуционери и интелектуалци, потоа 80 слики (повторно уметнички, се разбира, иако ни во нив нема ништо уметничко!) со масовки (главно битки, па говори и слично) на значајни настани од нашето (нормално, богато) револуционерно минато, па макети, карти, оригинални предмети (документи, фотографии, весници, брошури, албуми), па оружје итн. Не знам зошто забораваат да спомнат дека имаат и речиси театарска претстава со сцени од мачења и сл.

Арно де, ама останува нејасно која е основната дејност на „музејот“, што тој проучува, со што се бави, кој му е делокругот на работа, што по цел ден прават тие кустоси таму? Зашто дејноста на овој самонаречен музеј личи на збирштина од воено-историски музеј со играни (театарски) елементи и (самопрогласена) уметничка нишка. Односно, го има сето она што и досега го имавме во неколку музеи, особено во Музеите на Македонија (историскиот дел), ама сега го имаме за цели 15 милиони евра повеќе.

Е на сето тоа, плус монофункционалната конференциска сала, им фалела уште и мултифункционална сала за концерти, за плус нови 611.000 евра, со тенденција за нов раст. Феноменално!

3.

А што е најинтересно, никој не прашува зошто му е на „музејот“ таква сала, па уште и мултифункционална, кога тој не си ја врши ни основната дејност, ако воопшто знае која е и каква е. Се разбира, таа, дејноста, се дефинира на самиот старт со идејата за таква институција, од неа почнува елаборатот за општествената оправданост за трошење на толкави државни пари, итн. Нормално, Главниот музејски советник тоа не го знаел. А и како би го знаел кога вокацијата му е архитектура. Уште помалку тоа го знаеле и оние „стручњаци“ во Министерството за (не)култура, на чело со „министерката“, угнездени таму само да слушаат наредби.

Зашто, инаку, некој малку да се заинтересираше за работата на овој „музеј“ и само да ги пролисташе годишните програми на оваа институција, ќе видеше дека таму станува збор за сè, само за работа – не! Таму, всушност, од стручна гледна точка не се случува ништо. Освен по некоја пригодна изложбичка на разгледници и други глупости како (само)промоција на колекцијата на директорот, инаку соодветни за некој локален музеј. Ама затоа, овој „музеј“ е едно од миленичињата на нашава нова преродба со мало „п“, во ранг на еднакво смешнана „Порта Македонија“ или Ацета Македонски, па сообразно на тоа му се услишуваат сите налудничави желби. Иако, признавам, веќе и не се знае чии сè желби исполнува преродбава.

Па така, на пример, во оваа 2015 година Музејов на македонскиот хорор (според Програмата за финансирање на јавниот интерес) ќе работел на следново: откуп на историски предмети, превентивна конзервација на мобилијар и дрвени предмети од сценографијата и микроклиматско решение на депото (sic!). И ова (уште еднаш) ќе потврди дека при планирањето на овој „музеј“, ако воопшто може да стане збор за некакво стручно планирање, не заборавиле само на конференциската сала, туку и дека депото треба да има некакви современи микроклиматски услови! (Иако не се знае што тие чуваат во депоата. Можеби си го чуваат појадокот, па да им биде студен, или топол, односно на соодветна температура?).

Во 2014 година овој „музеј“ ги оправдал вложените во него 15-тина милиони евра со само еден (1) „проект“: Музејот – пријател на децата. Се преработиле. Во 2013 година овој „музеј“ имал една „Филателистичко – картофилска прошетка низ музејската поставка“ и една изложба на стари фотографии од Македонија во османлискиот период! Сега јасно е што (не) работи овој „музеј“?

4.

Ако некому до сега не му беа јасни очигледните диспропорции во третманот на националните институции (не само во оваа област) од ова Министерство за (не)култура, белки сега ќе им се разјасни. Згора на тоа, не можам да се сетам која друга национална институција во музејската дејност има(ла) ваков повластен третман да троши пари како што ќе им прдне на памет на неколкумина полуписмени стручњаци. Особено не за вакви будалаштини крстени „мултифункционална конференциска сала“. Можам да се сетам на еден сличен пример од пред седум-осум години кога Мултимедијалниот центар „Мала станица“ – сега тотално упропастен – бараше средства (од ова исто Министерство) за слична (од стартот планирана и елаборирана во проектот) сала која што требаше да чини десетина пати поевтино од оваа и, се разбира, не ги доби средствата. Ама овие ќе ги добијат, и пак ќе ги „изедат“ во неповрат, и пак ќе бараат нови, за нова будалаштина … Што ти значи да си милениче на една преродба, па нека е и со мало „п“!

Извор: teodosievskiumetnost.wordpress.com
Слики: Странски служби

Слични содржини

Јавни простори / Став / Култура
Став / Култура
Јавни простори / Став / Култура
Јавни простори / Култура
Став / Култура
Став / Култура
Став / Култура

ОкоБоли главаВицФото