Бегства: Набоков и Буковски (два раскази)

23.09.2015 11:42
Бегства: Набоков и Буковски (два раскази)

Владимир Набоков
Круг

Како второ, затоа што во него се развеа страсна жал по Русија. Како трето, конечно, затоа што му беше жал за неговата тогашна младост и за сè што беше поврзано со неа - ситни пакости, неспретности, жар и заслепувачки зелени утра, кога во шумичката можеше да се оглувее од жуњот.

Разблажувајќи го сè побледиот слад со млаз од сифонот, седеше во едно кафуле и се сеќаваше на минатото со болка во срцето и со тага - со каква тага? - да, со тага која сè уште не сме ја испитале. Целото тоа минато буеше заедно со градите што се подигнуваа од воздухот; и полека стана и ги исправи рамениците неговиот покоен татко, Иља Илич Бичков, le maitre d'ecole chez nous au village, со раскошна црна машна, во сако од сирова свила кое, по старински, високо се закопчуваше, но затоа и високо се откопчуваше; синџирче преку елекот, црвеникаво лице, ќелава глава, покриена со нешто налик на нежно руно меѓу пролетните еленски рогови, прилично борички по образите, меки мустаќи и месеста брадавица крај носот; како дебелата носница уште еднаш да се превртела. За време на гимназиските и студентски денови Инокентиј преку распустот го посетуваше таткото во Лешин; а кога уште подлабоко би се нурнал, во сеќавањето доаѓаше и старото училиште на крајот од селото кое го срушија и на негово место подигнаа ново. Полагањето на камен-темелникот, молитвите на ветер, К. Н. Чердинцев кој фрла златник, монетата што со работ се забива во глината... Таа нова ѕиданица, од зрнест клесан камен, неколку години по ред - и до ден денешен, односно до воведувањето во списокот на спомените светло мирисаше на лепак; во одделенијата блескаа секакви учила, на пример, портрети на полски и шумски штетници... меѓутоа, Инокентиј особено беше раздразнет од полнетите птици, подарок на Годунов-Чердинцев. Повелете додворувајте му се на народот. Да, тој се чувствуваше како сиров плебеец, го гушеше омраза (или така изгледаше) кога, понекогаш, преку реката го посматраше имотот на своите господари, благородните и исконски стебла што се одразуваа на водата како црни џинови (и, паралелно, млечен облак од дивата цреша помеѓу четинарите).

Новото училиште го подигнуваа на самиот крај на векот: таа година Годунов-Чердинцев, враќајќи се од своето патување по Централна Азија, го помина летото со својата млада жена - беше точно двојно постар од неа - на својот петербуршки имот. Во какви длабочини нурнуваш, мој Боже! - во кристално-распршувачката магла, како сето тоа да се случуваше под вода, Инокентиј го гледаше своето детство, како со таткото влегува во една куќа на селскиот имот, како плови низ прекрасните соби (држејќи пред себе китка свежа момина солза, таткото чекори на прсти), и сето тоа, како да е влажно, светка, чкрипи, благо се помрднува; и веќе ништо не мора да се разоткрива; меѓутоа, подоцна почна да се срами од тие спомени и цвеќето, одот на прсти и испотените слепоочници на Иља Илич се претворија во тајни симболи на сервилност, особено кога дозна дека "нашиот господар" го извлекол неговиот татко од ситна но незгодна политичка заплетканост; би паднал во проблеми доколку тој не посредуваше.

Тања често зборуваше дека тие имаат роднини и во растителното и во минералното, а не само во животинското царство. И беше во право: во чест на Годунов-Чердинцев име добија нови видови фазани, антилопи, рододендрони, па дури и цел планински ланец (иако тој самиот, главно, опишуваше инсекти). Меѓутоа, тие негови откритија, научни заслуги и илјадниците опасности што ги занемаруваше, по што беше прочуен, не можеа сите да ги принудат на снисходливо однесување кон неговото богатство и благородничко потекло. Покрај тоа, нема да ги заборавиме ни чувствата на одреден дел од нашата интелигенција која ги презираше сите неприменливи истражувања на природните науки и којашто поради тоа го прекоруваше Годунов-Чердинцев, приговарајќи му дека повеќе се интересира за "Лобнорските инсекти" отколку за рускиот мужик. Во раната младост Инокентиј им веруваше на приказните (идиотски) за неговите патни придружнички, за суровоста на кинескиот стил и за тајните владини задачи што ги извршуваше за инает на Англичаните... Неговиот вистински изглед остануваше нејасен: рака без ракавица која фрла златник (а уште порано, за време на посетата на селскиот имот, домаќинот се измеша со синиот Калмик што го беше сретнал во салата). Потоа Годунов-Чердинцев отпатува во Самарканд или во Верна (по навика оттаму ги започнуваше своите прошетки); долго не се враќаше; неговото семејство очигледно го преферираше кримскиот имот повеќе од петербуршкиот, додека зимите ги минуваше во престолнината. Таму, на кејот, се наоѓаше нивната еднокатна семејна куќа варосана со маслинеста боја. Инокентиј понекогаш минуваше покрај таа куќа; во неговото сеќавање сè уште женствено белееше некаква статуа и нејзиниот шеќерно-бел задник со јамичка, кој се наѕираше низ шарата на завесата од големиот еднокрилен прозорец. Балконот го придржуваа маслинесто мускулести Атласи: напнатоста на нивните камени мускули, и маченички згрченото лице на зовриениот осмооделенец му делуваа како алегорија за потчинет пролетеријат. И, токму на тој кеј, тој двапати ја сретна малечката Годунова-Чердинцева, со фокстериерот и гувернантата - поминуваа како виор, но толку воочливо - Тања тогаш имаше, да речеме, дванаесет години; чекореше брзо, во високи чизмички со врвки, во кус модар капут со златни морнарски копчиња - камшикувајќи се - со што? - со кожената врвка по модриот фустан со пиети, додека студоносниот ладошки ветар ги вееше лентите на матроското капче; паралелно, малку подзаостанувајќи, брзаше гувернантата, поднаведнувајќи ја својата астраханска става, држејќи ја оддалечена раката добро замотана во кадравиот муф.
Тој живееше кај тетката (шивачка) на Охта; беше мрачен, затворен, училиштето тешко му одеше, мечтаеше за тројка како за врвен успех, меѓутоа, на општо изненадување, успешно ја завршува гимназијата и се запишува на медицински факултет; со тоа стравопочитувањето на неговиот татко кон Годунови-Чердинцеви таинствено порасна. Едно лето даваше приватни часови во Твер; а кога, во јуни следната година, дојде во Лешино, не го развесели веста дека имотот од другата страна на реката оживеал.

Уште некоја буква за таа река, за стрмниот брег, за старото капалиште: скалесто, со жаба на секое скалило, до неа се спушташе мала глинена патека чиј почеток, во грмушките зад црквата, не можеше секој да го пронајде. Неговиот неразделен другар за заминувањата на река беше Василиј, синот на ковачот, ниско момченце со неодредлива возраст - ни самиот точно не знаеше дали има петнаесет или полни дваесет години - дебеличок, неспретен, со закрпени лажигаќи, со големи боси стапала, со тен што потсетуваше на боја на гнил морков; беше мрачен како и самиот Инокентиј во тоа време. Ту свиткани ту исправени, стаповите се одразуваа во водата како хармоники; водата жубореше, "цмокотеше" под подгниениот мол на капалиштето; црвчињата мрзеливо се извиткуваа во со земја искапаната лименка од кисели бонбони. Набодувајќи го здебелениот дел од црвот на јадицата, така што врвот не се гледаше, и бодрејќи го јунакот со обредна плуканица, Василиј преку оградата го спушташе најлонот отежнат со олово. Паѓаше вечерта; по небото се развлекуваше нешто широко, пердувесто, виолетово-розово - воздушен планински ланец со ограноци - и лилјаците веќе ѕунеа со нагласена безвучност и со налудничава брзина на опнокрилни суштества. Тогаш и рибата почнуваше да гризе; не обрнувајќи внимание на јадицата, едноставно држејќи го помеѓу прстите треперливиот, затегнат најлон кој незабележително го помрднуваше, Василиј најнапред ја испитуваше јачината на подводните струи, а потоа нагло вадеше кркушка или црвеноперка; немарно, дури со некакво дрско потпукнување, ја откорнуваше јадицата од малецката, кружна, беззаба уста на рибата, која веднаш ја спушташе (безумна, со розовата крв врз искинатите шкрги) во стаклена тегла, во која, испакнувајќи ја черупката, веќе пливаше леш. Особено убаво беше кога времето беше мрачно, кога капка невидлив дождец, правејќи врз водата взаемно испресечени кругови, меѓу кои, тука и таму, се појавуваше круг од инакво потекло и со неочекуван центар; скокнала некоја риба или паднало ливче кое, впрочем, веднаш потекуваше со матицата. А какво само уживање претставуваше капењето на тој топол дождец, на таа граница каде што се мешаа две сродни, но различно вообличани стихии: дебелиот речен вир и нежната вода небеска! Инокентиј се бањаше умерено, долго потоа бришејќи се со пешкир. За разлика од него, селските момчиња се капеа до изнемоштеност, а потоа излегуваа од водата треперејќи, цвокотејќи со забите, со ленти од матнозелени мрсули од ноздрите до усните, навлекувајќи ги панталоните врз влажните бедра.

Тоа лето тој беше помрачан отколку обично, а со татка си речиси не ни зборуваше, муртејќи се и хмкајќи сè повеќе. И самиот Иља Илич чувствуваше чудна нелагодност во негово присуство, сфаќајќи, ужаснат и трогнат едновремено, дека син му, како и самиот тој во младоста, со целата своја душа живее вон овој свет. Собата на Иља Илич: прашлив сончев зрак; на масичката - сам ја беше направил, лакирајќи ја и украсувајќи ја со шари - во кадифена рамка, фотографија од починатата жена - беше толку млада, во фустан со наметка, затегната во корсет, со прекрасно овално лице (во тоа време овалноста на лицето се поклопуваше со поимот за женската убавина) - а покрај: стаклен притиснувач со седефеста глетка однатре и крпено петленца за бришење на перото; на ѕидот, меѓу двата прозорци, портрет на Лав Толстој, направен од текстот на неговиот Платномер, сложен со микроскопски слог. Инокантиј спиеше во соседната собичка, на кожениот кауч. По долгиот, слободен ден се спиеше одлично; се случуваше, сепак, некое гледање да добие посебен еротски пресврт - како силата на чувствата да го изнесуваше од кругот на сонот - и тој некое време би лежал така, како да е буден, со чувство на гадење, поради кое се плашеше да се помрдне.

Стегајќи го учебникот под мишка, вденувајќи ги рацете во гајтанот со кој ја опашуваша белата косоворотка, Инокентиј секое утро одеше во шума. Под косо накривената шапка со обод, по испакнатото чело на кое се муртеа споени веѓи, паѓаа живописни, смеѓи кадрици коса; беше згоден, иако усните му беа премногу дебели. Во шумата седеше врз дебелото брезово стебло кое неодамна беше урнато од олуен ветер (лисјата и ден-денес треперат од ударот), пушеше, со книга им го преградуваше патот на забрзаните мравки, или им се предаваше на мрачнита мисли. Беше осамен, чувствителен, навредлив младич, со посебно истенчено чувство за социјалната страна на нештата. Затоа и му делуваша одвратно сето она што го опкружуваше летниот живот на Годунови-Чердинцеви - да речеме, нивните луѓе - "луѓе", повторуваше, стегајќи ги челустите, со необична одвратност. Под ова го подразбираше и дебелиот шофер, неговита пеги, ливреата од памучно кадифе, портокаловите гамаши, црвеникавиот набор на тилот, потпрен врз исштирканата крагна, и кој се налеваше со крв секогаш кога дебелиот во гаражата ја палеше колата, исто така одвратна, пресвлечена однатре со сјајна светлоцрвена кожа; и седиот слуга со бакенбарди, кој им ги сечеше опашите на штотуку окотените фокстериери; и Англичанецот - гувернер, кој понекогаш се шеташе низ селото без капа, во мантил за дожд и со бели панталони, што на момчињата им служеше како повод за шеги на сметка на "процесијата" или "гаќите"; и селанката-надничарка што секое утро доаѓаше да ги плеви алеите под надзор на глувото згрбавено старче во розова кошула, кое, на крајот, со особен елан и со старинска внимателност метеше пред самиот доксат... Со онаа иста книга под мишката - му пречеше да ги вкрсти рацете, што токму сакаше да направи - Инокентиј стоеше потпрен на дрвото во паркот, мрачно набљудувајќи ја глетката, сето тоа, блескавиот покрив на белата, сè уште разбудувачка куќа.

Првиот пат, се чини, ги беше видел од една чистинка: на патот што се свиваше околу чистинката, се појави кавалкада - на челото: Тања, јавајќи машки, на високиот, сјајнодораст коњ; покрај неа: самиот Годунов-Чердинцев, неупадлив господин, на низок касачки сивец; зад нив: Англичанецот, во јавачки панталони, и уште некој; сосема одзади: братот на Тања, момче од некои си тринаесет години, кое ненадејно го подбоде коњот, престигнувајќи ги сите и во галоп брзајќи низ брегот, работејќи со лактите како џокеј.

После имаше и други случајни средби, а тогаш... Па добро, повелете: еден врел ден, кон средината на јуни...
Еден врел ден, кон средината на јуни, од обете страни на патот, косачите полетно ги сечеа откосите; кошулата се припиваше ту за десната ту за левата клучна коска. "Помага господ", рече Иља Илич, поминувајќи; беше во парадна панама-облека, со букет од ноќни темјанушки во раката. Инокентиј молчешкум одеше покрај него, кривејќи ја устата (грицкаше семки). Се приближуваа до селскиот имот. На теренот за тенис, она исто розово глуво старче, со престилка, наведнат до земја, ја потопуваше четката во кофата и, одејќи наназад, повлекуваше дебела млечна линија. "Помага господ", рече Иља Илич, поминувајќи.
Масата беше поставена во алејата; руска пегава светлина трепереше врз чаршафот. Настојничката, со боа од крзно, со сребреносива коса зачешлана наназад, веќе наливаше чоколадо во темномодрите шолји разнесувани од лакеите. Во градината беше живо и бучно, купишта гости, роднини и соседи. Веќе мошне стар, со жолтеникавопепелава брада и со брчки околу очите, подигнувајќи ја ногата на клупа, Годунов-Чердинцев си играше со фокстериерот, мотивирајќи го да скока; обидувајќи се да ја грабне влажната топкичка, животното скокаше мошне високо и, висејќи во воздухот, успеваше уште еднаш да се извие, со додатен грч на целото тело. Висока, румена, со голем треперлив шешир, шетајќи се низ градината во придружба на друга дама, Елисавета Павловна плескаше со рацете и одејќи нешто живо зборуваше. Иља Илич држеше букет и се поклонуваше... Низ шарената сомаглица (бидејќи, Инокентиј беше страшно збунет, без оглед на малата проба на граѓанскиот презир, што ја беше направил пред да тргне) минуваа млади луѓе, деца трчајќи, нечија шамија со јарки булки на црно, друг фокстериер и, што е најважно, најважно: лицето на Тања - денес полнеше шеснаесет години - кое се лизгаше помеѓу светлината и сенката и, иако уште нејасно, веќе опоменуваше со својата фатална привлечност.

Седнаа... Тој се најде во најсеновитиот дел од трпезата, каде што седеа оние кои помалку зборуваа помеѓу себе а повеќе набљудуваа, единствено вртејќи ги главите кон другиот крај, кон раскошната, атласно-розова пирога, начичкана со свеќи, од каде што допираа извици на децата, разговор и смеа, и лаеж на обата фокстериери, кои само што не беа скокнале на масата... а околу него, како да се соединети со помош на круговите од сенката на липата, луѓето од најниската класа: Иља Илич, кој се насмевнуваше како во полусон; неугледна девојка во лесен фустан, која поради возбуденост мирисаше на пот; старата Французинка со пакосни очи, која на колената под масата држеше невидливо малечко суштество што повремено ѕвецкаше со ѕвончето... До Инокентиј седеше братот на управникот, тап и здодевен човек, а покрај тоа и пелтечеше; Инокентиј со него зборуваше само затоа што смртно се плашеше да молчи; и иако разговорот беше истоштувачки, тој од очајување го оддржуваше; затоа подоцна, кога веќе почесто навраќаше наваму и кога случајно го среќаваше кутриот, ниту збор не прозборуваше со него, избегнувајќи го како да е некаква стапица или срамен спомен.

Вртејќи се, врз чаршафот бавно паѓаа ливчиња од липата.
Таму, каде што седеше благородништвото, Годунов-Чердинцев гласно разговараше со една старица во чипка, која седеше отспротива, разговараше, држејќи ја околу тенката половина ќерката што стоеше крај него и си играше со топчето. Инокентиј едно време успеваше да се носи со едно сочно парче од пирогата - се беше измолкнало од чинијата и, леле, поради неспретното движење, се преврте под масата - вистинска смотаница (таму и ќе го оставиме). Иља Илич напразно се насмевнуваше и ги облизнуваше мустаќите; некој го замоли да го додаде печењето и тој, облеан со среќна насмевка, го додаде. Одеднаш, над самото уво на Инокентиј, се рашири брз задишан глас: гледајќи го без насмевка и држејќи во раката топка, Тања му предложи - сакате ли со нас? - и тој пламено се збуни и, извлекувајќи се од масата, го очеша соседот; не можеше веднаш да ја извлече десната нога од под заедничката градинарска клупа.

За неа зборуваа: каква згодна госпоѓица; имаше светлосиви очи, кадифени веѓи, прилично голема, нежна и бледа уста, остри заби-секачи, а кога беше болежлива или лошо расположена, над усната & настануваа забележливи ситни влакненца. Страсно ги сакаше сите летни игри и сите ги играше вешто, со некаква волшебна сосредоточеност; и, конечно, само по себе, се прекина невиното ловење на кркушки со Василиј кој не можеше да сфати - што се случи? - и кој, предвечер, ненадејно се појавуваше пред училиштето и го мамеше Инокентиј, смеејќи се колебливо и подигнувајќи ја до висина на лицето лименката со црвите; и тогаш Инокентиј се грозеше во себе, сфаќајќи дека го издава народот. Меѓутоа, новите познаници не му пружаа многу радост. И покрај сè, достапна му беше само зелената периферија на нивниот живот, додека центарот му остануваше недостапен; учествуваше во летните игри, но никогаш не стигна во самата куќа. Беше бесен поради тоа; копнееше да го повикаат само за да може гордо да го одбие повикот; да, и воопшто, цело време беше на штрек, сив, поцрнет од сонцето, влакнест, додека мускулите на вилицата без престан му играа; и кој било збор на Тања како да ја потиснуваше во него таа малецка сенка на повреденост; и, Боже мој, колку сите по ред ги мразеше: и нејзините братучеди, и другарките, и веселите кучиња... Сето тоа одеднаш и тивко се смеша и исчезна; и сега, во сомотскиот мрак на августовската ноќ, тој седеше на вратичките од паркот и чекаше; на градите, помеѓу кошулата и телото, го прободуваше пораката која, како во старите романи, му ја донесе едно босоного девојче. Лаконскиот повик на рандеву му личеше на исмевање, но сепак поверува - и беше во право: во едноличниот шум на ноќта се издвои лесен шум на чекори. Нејзиното доаѓање, нејзиното мрморење и близина за него претставуваа чудо; неочекуваниот допир на нејзините студени, спретни прсти ја затекна неговата невиност. Вртоглаво качувајќи се, низ дрвјата гореше огромна месечина. Облеана во солзи, треперејќи, слепо впивајќи се со солените усни во него, Тања зборуваше дека утре со мајка & заминува на југ и дека сè е конечно, о, како е можно да се биде толку неразумен... "Останете, Тања", почна милозливо да ја моли, но се подигна ветерот и таа залипа уште посилно... кога веќе беше избегана, тој остана да седи неподвижно, слушајќи во ушите шум, а потоа се упати понатаму низ мрачниот пат кој како да се нишаше, а потоа дојде војната со Германците и, воопшто, сè некако се расплина, но пак постепено се згусна, и тој веќе беше асистент на професорот Бер во чешкото лекувалиште, а во 1924 година, кога порано, веќе работеше кај него во Савоја; и, еднаш - веројатно во Шамон - се појави млад советски геолог и тие започнаа разговор, спомнувајќи дека тука, пред педесет години, во својство на еден обичен турист, настрадал Федченко (истражувачот на Фергана!), а геологот додаде дека тоа отсекогаш така се случува: тие храбри луѓе смртта по навика ги прогонува низ дивите планини и пустини, заборавајќи на нив при обични случки, а сè поради тоа, како во шега, без посебна намера и со сопствена зачуденост, за да може да ги затече одеднаш; токму така настрадаа и Федченко, и Северцев, и Годунов-Чердинцев, а да не зборуваме за странските класици - Спик, Димон д Ирвил... По неколку години, при поминувањето низ Париз посетувајќи еден деловен колега, Инокентиј, навлекувајќи ја ракавицата, веќе брзаше по скалите, кога, на едно одмориште, од лифтот излезе висока, малку подгрбавена дама, во која веднаш ја препозна Елисавета Павловна. "Секако, се сеќавам, како би можела да Ве заборавам", рече таа, не гледајќи в лице, туку некаде преку неговото рамо, како некој да му стои зад грб (беше малку разроока). "Ајде, роднино, наминете кај нас", продолжи таа, враќајќи се од моменталната загубеност, и со врвот од чевелот го подигна крајот на дебелиот бришач за нозе полн со прашина, за од под него да земе клуч. Инокентиј влезе по неа; го мачеше што никако не можеше да се сети што всушност му зборувале за тоа како и кога загинал нејзиниот маж. А потоа и Тања дојде дома; за овие дваесет години очите и станаа поблаги, а лицето некако помало, поизразито; веднаш се приклучи, се засмеа, спомнувајќи го без лажен срам она дамнешно лето; и тој сето време се чудеше што ниту Тања ниту нејзината мајка не го спомнуваат починатиот и што така едноставно зборуваат за минатото, без горчливо да плачат, како што нему, туѓинец, му доаѓаше да заплаче - а можеби сакаа да остават впечаток? Се појави бледо, црномуресто девојченце на десетина години; "А, тоа е мојата ќерка, ајде, дојди ваму", рече Тања, гаснејќи го со кармин обоениот отпушок во морската школка што служеше како пепелник. Се врати дома и мажот на Тања, Кутасов; и Елисавета Павловна го пресретна во соседната соба и, на својот, од Русија увезен, домашен француски јазик, го предупреди зетот за гостинот: "ле филс ду маитре д'ецоле цхез ноус ау виллаге"; и Инокентиј во тој момент се сети како Тања еднаш и’ рече на другарката, алудирајќи на неговите (убави) раце, "регарде сес маинс"; и сега, слушајќи како девојчето, со чудесна, домашна мелодичност одговара на мајчините прашања, нему му светна злонамерна мисла: "Сега, очигледно, е бесмислено децата да учат странски јазици", односно, не сфати веднаш дека сега, токму знаењето на тој руски јазик, претставува најбесполезен, најголем луксуз.

Разговорот течеше невешто; побркувајќи нешто, Тања тврдеше дека тој некогаш ја поучувал на некои револуционерни песни за деспотот што пирува, а судбинската рака веќе одамна врз ѕидот испишува заканувачки букви. "Со други зборови, вистински ѕиден весник", рече Кутасов кој сакаше да се задева. Дозна уште дека братот на Тања живее во Берлин и Елисавета Павловна започна приказна за него... Инокентиј одеднаш почувствува: ништо, ништо не пропаѓа, и скапоценостите се таложат во сеќавањето, и се полнат скриените ризници во мракот, во правот; и, види, некој намерник, неочекувано од библиотекарот ја бара книгата што не е издадена дваесет години. И тој стана, се поздрави и... Не го задржуваа многу. Чудно: нозете му се тресеа. Каква потресна средба. Минувајќи го плоштадот, тој влезе во кафулето, нарача пијалак, седна и се подигна за од под себе да ја извлече својата изгужвана шапка. Каков ужасен немир во душата... А беше вознемирен од неколку причини. Како прво, затоа што Тања останала исто онака привлечна, исто онака неранлива како и тогаш.

Берлин, 1936. г.

 

Чарлс Буковски
Најубавата Жена во градот

Кес беше најмладата и најубавата од петте сестри. Кес беше најубавата девојка во градот. Половина индијанка со еластично и необично тело, извиено како змија, имаше очи кои беа соодветни на пламеното тело. Кес беше оган во движење. Беше како дух набиен во форма што никогаш не може да ја задржи. Нејзината коса беше црна, долга, свилена и се виткаше при движењата на нејзиното тело. Беше или многу весела или многу тажна. За Кес не постоеше средина. Некои зборуваа дека е луда. Глупаците го кажуваа тоа. Глупаците никогаш не би можеле да ја разберат Кес. За мажите беше само секс-машина и не им беше гајле дали е луда или не. А Кес танцуваше и флертуваше, ги бацуваше мажите, но освен еднаш или двапати, кога работата ќе станеше сериозна, Кес некако се измолкнуваше, им бегаше на мажите.

Нејзините сестри ја обвинуваа дека ја злоупотребува убавината, или дека доволно не го употребува мозокот, но Кес беше паметна и имаше дух; сликаше, танцуваше, пееше, правеше скулптури, а кога ќе сретнеше луѓе со повреден дух или тело, Кес чувствуваше длабока жал за нив. Нејзиниот ум едноставно беше различен; просто умот не ù беше практичен. Нејзините сестри ù беа љубоморни затоа што ги привлекуваше мажите, а и сестрите беа лути зашто сметаа дека не ги искористува најдобро што може. Имаше обичај да биде љубезна кон грдите; таканаречените згодни мажи ја нервираа. “Немаат муда”, кажуваше, “немаат грам мозок. Се вадат на нивните перфектни мали усни школки и добро обликувани ноздри... супер надворешност а никаква длабочина...” Карактерот ù беше блиску до лудило, имаше карактер кој некои го нарекуваат лудило.

Татко ù умрел од алхохол, а мајка ù избегала оставајќи ги девојките сами. Девојките отишле кај некој роднина кој ги ставил во манастир. За Кес, повеќе отколку за нејзините сестри, манастирот бил несреќно место. Девојките биле љубоморни на Кес и таа се тепала со повеќето од нив. Поради тепачките имаше лузни од жилет насекаде по левото рамо. Исто така имаше и една лузна по должината на левиот образ, но лузната наместо да ја намали нејзината убавина изгледа дека само ја потцртуваше. Ја сретнав во еден бар во Вест Енд неколку ноќи откако ја пуштиле од манастирот. Затоа што беше најмлада, таа беше последната од отпуштените сестри. Едноставно влезе внатре и седна до мене. Најверојатно бев еден од најгрдите луѓе во градот и изгледа дека тоа беше причината што седна до мене.

“Пијалак?”, ја прашав.
“Секако, зошто да не?”

Претпоставувам дека во нашиот разговор таа ноќ немаше ништо необично, едноставно сè беше во чувството што Кес го предизвика. Таа ме избра мене и тоа беше сè. Без притисок. Сакаше да пие и многу испи. Не изгледаше дека е полнолетна, но тие ù даваа пијалак. Можеби ја имаше заборавено личната карта, не знам. Како и да е, секогаш кога ќе се вратеше од вецето и ќе седнеше до мене, се чувствував некако гордо. Таа не беше само најубавата жена во градот, туку исто така и една од најубавите што некогаш сум ги видел. Ја ставив раката на нејзината половина и ја бакнав.

“Мислиш дека сум убава?”, ме праша.
“Да, се разбира, но има и нешто друго... има нешто повеќе од твојот изглед...”
“Луѓето секогаш ме обвинуваат дека сум убава. Дали навистина мислиш дека сум убава?”
“Убава не е вистинскиот збор, тешко дека пасува.”

Кес ја брцна раката во чантичката. Мислев дека посегнува по шамиче. Извади долга игла за шапка. Пред да можам да ја запрам, ја прободе иглата низ својот нос, од страните, веднаш над ноздрите. Почувствував одвратност и ужас. Ме погледна и се насмеа: “Дали сега мислиш дека сум убава? Што сега мислиш, човеку?” Ја извлеков иглата и ставив шамиче на раната. Изгледа дека неколку луѓе, вклучувајќи го и барменот, видоа што се случи. Барменот дојде кај нас:

“Види вака”, ù рече на Кес, “уште еднаш направи го тоа и леташ надвор. Не ни се потребни твоите драми тука.”
“Еби се, човеку!”, рече таа.
“Подобро држи ја на нормала”, ми рече барменот.
“Ќе биде во ред”, реков.
“Тоа е мој нос, можам да правам што сакам со мојот нос.”
“Не”, реков, “тоа ме боли.”
“Сакаш да кажеш дека те боли кога јас забодувам игла во мојот нос?”
“Да, ме боли, навистина ме боли.”
“Добро, нема да го направам тоа повторно. Развесели се.”

Ме бакна, притоа клештејќи се и држејќи го шамичето на носот. Пред фајронтот отидовме кај мене дома. Имав малку пиво, па седевме и зборувавме. Тогаш ја доживеав како личност која е полна со добрина и грижа. Се даваше себеси без да биде свесна за тоа. Истовремено можеше да биде дива и нејасна. Мангупка. Прекрасна и продуховена мангупка. Можеби некој маж, нешто, ќе ја уништи засекогаш. Се надевав дека тоа нема да бидам јас. Отидовме во кревет и откако ги изгасив светлата, Кес ме праша:

“Кога сакаш? Сега или утре сабајле?”
“Утре сабајле”, реков и се свртев.

Сабајлето станав, направив кафе и ù го однесов во кревет. Се смееше.

“Ти си првиот човек кој ноќта се откажал од тоа.”
“Океј е”, реков, “воопшто не мора да го направиме тоа.”
“Не, чекај, сакам сега. Само малку да се освежам.”

Кес отиде во бањата. Малку потоа излезе, изгледаше прекрасно, нејзината долга црна коса светеше, нејзините очи и усни светеа, таа светеше... Го прикажуваше своето тело смирено, како нешто добро. Влезе под чаршафите.

“Ајде, љубовнику.”
“Влегов внатре. Се бакнуваше препуштено, но без брзање.

Ги пуштив рацете да лутаат по нејзиното тело и низ нејзината коса. Ја јавнав. Беше врела и тесна. Почнав да ја дупам бавно, сакајќи да трае подолго. Нејзините очи гледаа директно во мене.

“Како се викаш?”, ја прашав.
“Каква врска има тоа?”, праша.

Се насмеав и продолжив. Потоа се облече и ја однесов до барот, но тешко беше да се заборави. Не работев и спиев до 2 поручек, потоа станав и читав весници. Бев во кадата кога таа дојде со еден голем лист – слоновско уво.

“Знаев дека ќе бидеш во када”, рече, “па затоа ти донесов нешто за да си го покриеш тоа, ти момче на природата.”
Ми го фрли слоновскиот лист во кадата.
“Како знаеше дека ќе бидам во када?”
“Едноставно знаев.”

Речиси секој ден Кес доаѓаше кога бев во кадата. Тоа се случуваше во различно време, но ретко промашуваше, и секогаш со себе го носеше слоновскиот лист. А потоа водевме љубов. Една или две ноќи се јави по телефон а потоа морав да ја вадам од затвор каде ја затвориле заради пијанчење и тепање.

“Кучкини синови”, кажуваше, “мислат дека можат да ти се вовлечат во панталоните само затоа што ти купиле неколку пијачки.”
“Штом ќе прифатиш пијачка веќе си направила беља.”
“Мислев дека се интересираат за мене, не за моето тело.”
“Јас сум заинтересиран и за тебе и за твоето тело. Иако се сомневам дека повеќето од мажите можат да видат подалеку од твоето тело.”

Го напуштив градот на 6 месеци, се мотав наоколу а потоа се вратив назад. Никогаш не ја заборавив Кес, но имавме некој вид расправија, како и да е, сакав малку да талкам, а кога се вратив сфатив дека е исчезната, но седев во барот во Вест Енд околу 30 минути кога таа влезе внатре и седна до мене.

“Па, копиле, гледам дека си се вратил.”
Нарачав пијачка. Тогаш ја погледнав. Имаше фустан со висока крагна. Никогаш ја немав видено во ваков фустан. А под секое око имаше забодено по две игли со стаклени глави. Само главите на иглите можеа да се видат, а иглите беа забодени длабоко во лицето.

“Боже, сè уште се обидуваш да си ја уништиш убавината, а?”
“Не будало, тоа е моментална мода.”
“Ти си луда.”
“Ми недостасуваше”, рече.
“Имаш некој друг?”
“Не, немам некој друг. Само тебе. Но се курвам. Чини десет долари. Но ти можеш да добиеш бесплатно.”
“Извади ги иглите.”
“Не, тоа е мода.”
“Ме прават многу несреќен.”
“Сигурен си?”
“Се разбира дека сум сигурен.”
Кес бавно ги извади иглите и ги врати назад во нејзината чанта.
“Зошто си ја уништуваш убавината?”, ја прашав. “Зошто едноставно не живееш со неа?”
“Затоа што луѓето мислат дека тоа е единственото нешто што го имам. Убавината не е ништо, убавината не останува. Немаш поим колку си среќен затоа што си грд, затоа што ако луѓето те сакаат знаеш дека тоа е заради нешто друго.”
“Океј”, реков, “јас сум среќен.”
“Не мислам дека си грд. Луѓето само мислат дека си грд. Имаш извонредно лице.”
“Благодарам.”
Зедовме по уште една пијачка.
“Што правиш?”, ме праша.
“Ништо. Не можам да продолжам со ништо. Немам интерес за ништо.”
“И јас. Ако беше жена, можеше да се курваш.”
“Не мислам дека некогаш би можел да направам контакти со толку многу странци, тоа е заморно.”
“Во право си, заморно е, сè е заморно.”

Заедно заминавме. На улиците луѓето сè уште зјапаа во Кес. Таа беше убава жена, можеби поубава од кога било порано. Стигнавме кај мене, отворив шише вино, потоа разговаравме. Мене и на Кес секогаш ни одеше лесно. Таа зборуваше малку, а јас слушав, потоа јас зборував. Нашиот разговор едноставно одеше без никакви напрегања. Ни изгледаше дека заедно откриваме тајни. Кога ќе откриевме некоја подобра, Кес ќе се смееше и смееше – како што само таа можеше. Тоа беше како некоја радост која излегува од оган. За време на разговорот се бацувавме и се приближувавме поблиску еден до друг. Прилично се запаливме и затоа решивме да одиме во кревет. Потоа Кес го соблече фустанот со висока крагна и тогаш ја видов грдата изрецкана лузна околу нејзиниот врат. Беше голема и густа.
“Боже, жено”, реков од креветот, “боже, што си направила?”
“Пробав со скршено шише една ноќ. Веќе не ти се допаѓам? Дали сè уште сум убава?”
Ја повлеков на креветот и ја бакнав. Ме оттурна смеејќи се: “Некои мажи ми плаќаат десет, потоа се соблекувам, а тие не сакаат да го правиме тоа. Ја задржувам десетката. Многу е смешно.”
“Да”, реков, “не можам да се сопрам од смеење... Кес, кучко, те сакам... престани да се уништуваш себеси; ти си најживата жена што некогаш сум ја сретнал.”

Повторно се бакнавме. Кес плачеше безгласно. Можев да ги почувствувам солзите. Долгата црна коса лежеше покрај мене како некое знаме на смртта. Се споивме, водевме љубов бавно, стушено и прекрасно. Сабајлето Кес стана и почна да прави доручек. Изгледаше прилично смирено и среќно. Пееше. Останав во креветот и уживав во нејзината среќа. На крајот дојде кај мене и ме протресе:
“Станувај, копиле! Плисни малку студена вода на лицето и курот па дојди да уживаш во гозбата!”

Тој ден ја однесов на плажа. Беше работен ден, летото сè уште не беше дојдено, па сè беше чудесно пусто. Клошарите од плажата спиеја стуткани во парталите на тревниците над песокот. Други седеа на камените клупи и заеднички пиеја од шише. Галебите гракаа наоколу, глупави а сепак вознемирувачки. Стари дами во нивните седумдесетти и осумдесетти седеа на клупите и разговараа за продавање на недвижнините оставени од нивните мажи, одамна убиени од темпото и глупоста на опстанокот. И покрај сè, во воздухот лебдеше некаков мир, се шетавме наоколу, лежевме на тревниците и малку зборувавме. Едноставно беше добро тоа што сме заедно. Купив неколку сендвичи, малку чипс и пијалак, па седевме на песокот и јадевме. Потоа ја прегрнав Кес и заедно спиевме околу еден саат. Тоа, на некој начин, беше подобро од водење љубов. Течевме заедно без никаква напнатост. По будењето се вративме кај мене и зготвив вечера. По вечерата ù предложив на Кес да живееме заедно. Долго чекаше гледајќи во мене, а потоа бавно рече: “Не”. Ја однесов назад во барот, ù купив пијачка и потоа си отидов. Следниот ден најдов работа како растоварач во една фабрика и остатокот од неделата работев. Премногу бев изморен да се мотам наоколу, но вечерта во петокот отидов во барот во Вест Енд. Седев и ја чекав Кес. Саатите поминуваа. Откако добро се испијанив, барменот ми рече: “Жал ми е за твојата девојка.”
“Што е работата?”, прашав.
“Жал ми е, зарем не знаеш?”
“Не.”
“Самоубиство. Вчера ја погребаа.”
“Ја погребаа?”, прашав. Ми изгледаше дека во секој миг ќе влезе низ вратата. Како може да е мртва?
“Сестрите ја погребаа.”
“Самоубиство? Може да ми кажеш како?”
“Си го пресекла грлото.”
“Разбирам. Дај ми ми уште една пијачка.”
Пиев до фајронт. Кес беше најубавата од петте сестри, најубавата во градот. Успеав да извозам до кај мене и постојано размислував дека требаше да инсистирам да остане со мене наместо да го прифатам нејзиното “не”. Сè во врска со неа укажуваше дека тоа го сакаше. Едноставно бев премногу невнимателен во врска со тоа, мрзлив, премногу незаинтересиран. Ја заслужив мојата и нејзината смрт. Испаднав куче. Не, зошто да се обвинуваат кучињата? Станав и најдов едно шише со вино, потоа жестоко пиев од него. Кес, најубавата девојка во градот беше мртва на 20 години. Надвор некој засвире со автомобилска сирена. Беа многу бучни и упорни. Го спуштив шишето и вреснав: “ДА ТИ ЕБАМ ДЕБИЛОТ, ЗАЌУТИ!” Ноќта доаѓаше, а јас ништо не можев да направам.

Мурали: Hyuro

ОкоБоли главаВицФото