Кошмарот на портирот

31.10.2015 17:07
Кошмарот на портирот

ОДРАЗИ I (комбинирана техника врз рачна хартиjа, 68 х 50 см)

 

ЈАС

Јас сум творецот во сенка
Јас сум сенката на Творецот
кој исто така е во сенка...

СТАПКИ

Бел лист хартија -
тоа е мојата иднина

По мене остануваат зборови -
стапки во белиот снег на листот
покажувајќи јасно
каде сум минал

ПРОСВЕТЛЕНИЕ

Душата ми станува сè посветла
Мојата плот - нејзината сенка
постепено се стопува.

ЗБОРОВИ

Колку многу зборови зборови зборови зборови зборови
зборови зборови зборови зборови зборови зборови
зборови зборови зборови зборови зборови
зборови зборови зборови зборови
зборови зборови зборови
зборови зборови
зборови

а само еден живот!

ПОЕТ

Животот ми виси
не на конец
туку на стих

ОДРАЗИ II, (комбинирана техника врз рачна хартиjа, 68 х 50 см)

 

ПРИСТАН

Во секој вир
поетот гледа океан
Срцето му е пристан
за бротчињата од хартија

ФЕНИКС

Поетот е чудна птица -
изгорува во огнот на својата љубов
но воскреснува од пепелта на зборовите
И се претвора во мит

ПАТНИК II

Мршојадец и ангел
секогаш ме следат на патот...
Кога патот ќе заврши
ќе ме поделат меѓу себе:
за мршојадецот – телото
за ангелот - душата

ОГЛАС

Го менувам
јаболкото на Адам
за јаболкото на Њутн

ИКОНА

О љубена - преку ден
твој ореол е сонцето
ноќе - полната месечина

ПЛАСТОВИ (комбинирана техника врз рачна хартиjа, 80 х 57 см)

 

ШТЕДРОСТ

Просјак во есенска вечер
прима милостина од дрвјата -
во шапката му паѓаат златните листови

КАИН

И откако ја изми крвта од ножот
ладнокрвно - со тој нож -
го пресече лебот

ЈУДА

Јуда се покајува
рони солзи
но и во солзите го гледа
блесокот
на сребрениците

СЕНКАТА НА ЛУДИОТ

Тревожна и забрзана
сенката на лудиот
го пресече пустиот плоштад -
го бараше својот сопственик

КОШМАРОТ НА ПОРТИРОТ

Стотици клучеви -
мали и големи
Стотици клучеви
а ниедна врата


Превод од бугарски: Иван Шопов

Извор: ЯЙЦА НА ФЕНИКС (лапидарии), Издателство „Ерго“, София, 2014.

Цртежи: Роман Кисјов

Роман Кисјов (1962), бугарски поет, ликовен уметник и преведувач. Завршил Средно уметничко училиште во Казанлак и Уметничка академија во Софија, специјалност живопис. Живее во Софија. Автор е на поетските книги „Вратите на рајот“ (1995), „Сенката на полетот“ (2000), „Светоодец на светлината“ (2003), „Криптус“ (2004, 2007), „Гласови“ (2009), „Градина на тајните“ (2014), „Јајца на феникс“ (2014). Негови песни и книги се преведени на десетина јазици. Во 2010 година, на македонски излегува книгата „Словото пастир“ (издание на Макавеј, препев на Ефтим Клетников). Во 2014 година ја добива наградата „Македонски книжевен Дедал“ од Макавеј. На бугарски јазик превел поезија од повеќе македонски автори, меѓу кои Ацо Шопов, Матеја Матевски, Анте Поповски, Влада Урошевиќ, Михаил Ренџов, Радован Павловски, Ефтим Клетников, Гордана Михаилова Бошнаковска, Славе Ѓорѓо Димоски, Никола Маџиров.

ОкоБоли главаВицФото