Преобразба

09.01.2016 13:18
Преобразба

Мистерија I

 

ПРЕОБРАЗБА

Пред мене ползеше инсект
Си помислив:
Тоа е Кафка!

 

НА УЛИЦАТА

Непознатиот ме упати
на адресата што ја барав
и замина
потчукнувајќи со стапот


ТАТКОВИОТ СОВЕТ

Сине,
додека во животот не ја откриеш
својата Аријадна -
не влегувај во лавиринт!


СЕЈАЧ

Сеам имиња
Ќе жнеам богови


ПРЕД ВРАТАТА НА ХРАМОТ

стапот на слепецот
до стапот на светецот

Мистерија II


ТУЃИНЕЦОТ

Секоја ноќ тој легнува
во различни кревети
Но сите тие
се покажуваат – за жал! -
Прокрустови


САМОТИЈА

Тој ја погали нежно
статуата на Венера
Таа затрепери


ПАСТОРАЛА

Неонски изгрев
Мирисна градина
од вештачки цвеќиња
Вљубено се гледаат
манекени без лица


ЗНАМЕНИJА

Пчелите слетаа врз цветовите во хербариумот
Препарираните птици полетаа
Старците одново се претворија во деца


ТРАГИ

Траги врз снегот - до хоризонтот
Траги од ѕвер и од човек
Но на хоризонтот глеј: Човекоѕвер

Мистерија III


ТАЈНА

Што згрешила
ѕвездата што паѓа
та е прогонета од небото?


СПОМЕН

И денес не можам да ја заборавам
насмевката на лицето на мртвиот –
среќна насмевка

Можно е
ковчегот во кој го погребавме
да беше Ноевиот


ЕПИТАФ НА ДЕТЕТО

Излегов од дома
Влегов во небото
Небото ми е до колена


ЕПИТАФ НА ИЗГНАНИКОТ

Се вратив
таму кадешто
никогаш не сум бил


ЕДЕН ДЕН

на местото на телото
ќе има само воздух

на местото на зборовите
ќе има само дух


Препев од бугарски: Иван Шопов
Цртежи: Роман Кисјов

Роман Кисјов (1962), бугарски поет, ликовен уметник и преведувач. Завршил Средно уметничко училиште во Казанлак и Уметничка академија во Софија, специјалност живопис. Живее во Софија. Автор е на поетските книги „Вратите на рајот“ (1995), „Сенката на полетот“ (2000), „Светоодец на светлината“ (2003), „Криптус“ (2004, 2007), „Гласови“ (2009), „Градина на тајните“ (2014), „Јајца на феникс“ (2014). Негови песни и книги се преведени на десетина јазици. Во 2010 година, на македонски излегува книгата „Словото пастир“ (издание на Макавеј, препев на Ефтим Клетников). Во 2014 година ја добива наградата „Македонски книжевен Дедал“ од Макавеј. На бугарски јазик превел поезија од повеќе македонски автори, меѓу кои Ацо Шопов, Матеја Матевски, Анте Поповски, Влада Урошевиќ, Михаил Ренџов, Радован Павловски, Ефтим Клетников, Гордана Михаилова Бошнаковска, Славе Ѓорѓо Димоски, Никола Маџиров.

ОкоБоли главаВицФото