Неутронска бомба

21.10.2017 21:48
Неутронска бомба

Стихотворба место сад

тука стоеше сад со јаболка до вчера
(порцелански)
денес стои стихотворба
навистина малку
извинување кон домаќините
за тоа што го сторив
(парчињата на подот остро
ја потврдуваат мојата вина)

и сега кога е напишана
гледам колку бескорисна е
ништо не собира
ниту јаболка
ниту јагоди
ниту дуњи и ореви
ниту школки и камења
од последното лето
само што е малку потрајна

никој занесен како мене
не може да скрши
стихотворба


Неутронска бомба

ништо нема да биде урнато
куќите ќе си стојат
улиците ќе си стојат
црешата во дворот ќе си стои
само нас нема да нѐ има
тоа беше лекцијата
за неутронската бомба

знам оттогаш
смртта е цреша
која зрее без мене

 

Есенскиот ветер

има друг различен шум - на исушени лисја
како бакнеж меѓу старци
од еден роман на маркес
читан пред сто години
и во време на љуов
сѐ сум заборавил
помнам само
дека кога се бакнуваат
усните им шумолат

 

Една ноќ

Секоја година месечината се оддалечува
за околу 3 см од земјината површина

Од печатот

 

Една ноќ месечината ќе си отиде засекогаш
Една ноќ плимите и осеките ќе запрат
Една ноќ волците први ќе го почувствуваат тоа
и ќе вијат збунети во темното
Една ноќ поетите ќе ја изгубат и оваа метафора
Една ноќ некој ќе каже
штом и месечината избега од нас
Една ноќ на апсолутно истиот начин
ти ќе ми го свртиш грбот
Една ноќ сантиметар по сантиметар


Билдунгсроман

И се научи да оди,
и се научи да зборува,
и се научи да чита,
да се бакнува со јазик,
да се вљубува, да се разделува
и пак да се вљубува,
да ги одгледува децата,
да се грижи за лозјето,
да го претвора грозјето во вино,
да ја поправа чешмата дома,
да остарува смирено,
да делка фигури од дрво,
да плаче скришно во бањата,
да игра шах со другите
старци попладне,
да се грее на сонцето
и да оди со патерица.

...............

На толку многу нешта се научи
и сега си заминува,
подготвен за нешто
што не го знаеме.

 

Утро по нападите во Париз

Појадок во хотелот
CNN си оди без звук
омлет сок од портокал
(кадрите се од синоќа)
овесни снегулки долго кафе
само што е толку тивко
што тостерот
-штрак-
нѐ застрелува

14.11.2015

Синиот тефтер

So many times I've drunk
The long drink of loneliness
The long drink of longlines

Gaustine, The blue notebook, 1919

Толку пати останувал
сам по масите на светот
гледајќи во часовникот,
зјапајќи во луѓето,
чкртајќи нешто,
со неудобност, се разбира,
во истиот тој тефтер
црн, зелен, син
и бел со текот на годините.
Чекате ли уште некого,
прашуваат келнерите,
чекате ли некого?
Уште не знам, велам,
може да задоцни, велам,
може
никогаш да не дојде.

 

Имиња

Тоа
доаѓа и раздава имиња
пред да проговори
уште немо
нем Адам
на имињата
Ти
ќе се викаш Мајка
Ти
ќе се викаш Татко
се родив за да ве родам
за да ве отаткувам
за да ве омајчам

 

Минимални услови за рајска градина

Дрвја
   
    птици

          плодови

                   води

                        влечуги

 

тајна

 

Превод од бугарски: Иван Шопов
Слики: Јан Симен

Георги Господинов (1968) е поет, романсиер и сценарист. Тој е најпреведуваниот бугарски современ писател, чии книги досега се преведени на повеќе од триесет јазици. На македонски се објавени книгите „Природен роман“, „И други приказни“ (и обете на Темплум), како и збирката песни „Балади и распади“ (Блесок), сите во превод на Никола Маџиров. Издавачката куќа Или-Или го објави романот „Физика на тагата“ и збирката раскази „И сѐ стана месечина“, во превод на Душко Крстевски.

ОкоБоли главаВицФото