Пет векови ропство: Ромите во Влашка

04.11.2015 11:17
Пет векови ропство: Ромите во Влашка

Бавните црно-бели сцени од последниот филм на Раду Жуде, „Аферим!“, во кој двајца коњаници јаваат низ мрачниот бескрај, како да се земени од некој класичен американски вестерн, а истото може да се каже и за главната тема – неправдата. Но, филмот се случува во 19 век во Влашка, област во сегашна Романија, во која речиси петстотини години, сè до 1856 година, Ромите (односно Циганите, како што биле попознати) биле сметани за стока која се купува и продава.

Овој филм освои „Сребрена мечка“ за режија на Берлинскиот филмски фестивал и сега е романски кандидат за „Оскар“ за најдобар филм на странски јазик, а го опишуваат како романските Дванаесет години ропство.

Филмот поттикна широки дискусии за робувањето на Ромите, тема во која до неодамна ретко се зборуваше јавно.

„Филмот има огромно влијание меѓу ромските активисти и многумина размислуваат како да го употребат за подигнување на свеста“, вели Маргарета Матаке која од 2005 до 2012 година беше извршна директорка на „Romani CRISS“, водечка романска организација за правата на Ромите, а сега предава на Харвард.

„Во САД постои срам од ропството во историските книги, спомениците, постојаните потсетници“, вели таа. „Во Романија ропството постоеше речиси пет векови, но нема ништо – ништо во книгите и музеите, никакви податоци ни споменици.“

Во 2011 година, Романија прогласи ден на сеќавање на укинувањето на ропството во 1856 година, но Жуде вели дека дури и тогаш за оваа тема „вистински се разговарало само во тесните кругови на историчарите и ромските активисти“.

Неговите први два долгометражни филмови, исто така многу пофалени, беа современи семејни приказни. Тој вели дека Аферим! се создаде не само заради недостатокот општо знаење за времето на ропството туку и заради тоа што Ромите и денес многумина ги третираат како граѓани од втор ред. „Сакав да видам какви се последиците од минатото врз сегашноста“, вели 38 годишниот Жуде, водечки романски филмски режисер.

Аферим! е само вториот романски филм на темата ропство, вели Раду Жуде. (Првиот, Циганка во спалната соба, снимен 1923 година, очигледно е изгубен, а сочувани се само неколку фотографии.) Во новиот филм, полицаец и неговиот млад син бараат побегнат роб и на патот среќаваат низа ликови кои ја нагласуваат ксенофобијата на владејачкиот сталеж, селаните и православното свештенство од тој период. Богат со црн хумор, филмот се занимава со долгата историја антиромски предрасуди во многу делови од Европа, па и во Романија.

Самата приказна е плод на фантазија, но Жуде вели дека се потпирал на историски записи. Пред почетокот на снимањето одржал читање на сценариото со дваесет историчари и внесувал измени според нивните совети.

Критиката и гледачите главно топло го прифатија филмот, но имаше и поинакви реакции кога стигна во кината во март. „Преку интернет ни пристигнаа стотици анонимни пораки дека треба да се убијат Циганите и дека ја уништуваме сликата на нашата земја со вакви филмови“, вели Раду Жуде.

Неговиот одговор беше едноставен: „Наместо да се занимаваат со промена на сликата за Романија, зошто не се обидат да ја променат Романија?

Аферим! значително се разликува од некои романски филмови кои во последно време добро се прифатени, како што се Четири месеци, три недели и два дена, Зад ридот и Детска поза, со мрачни социјални коментари за современата или комунистичката Романија.

Раду Жуде не размислува многу за шансите за „Оскар“.

„Многу е поважно да се дискутира за филмот и тој да послужи како средство за понатамошно размислување и истражување“, вели тој, „отколку некој да изјави: ‘Тоа е убав филм.’’’

Извор: The New York Times, International Report, Број 1, 10.2015