Референдум за „будалите“: пцовисајте, ама не попуштајте!

18.12.2015 09:38
Референдум за „будалите“: пцовисајте, ама не попуштајте!

Деновиве македонската јавност е затрупана со божемни различни верзии на она што за Гардијан некни го кажал премиерот Груевски. По сè, неспорно е дека е тој подготвен за повторен дијалог со Грција, за името на државава, „под услов секоја потенцијална промена на името да се стави на референдум во Македонија“ (Sic!).

Значи - тука сме! После толку години противење на промена на името, г. Груевски е ѓоамити „подготвен“.Океј, ама за што? Затоа и натаму - со својата пропагандна машинерија – кај гладниот народ, пред сè кај етничките Македонци, да ја бутка мантрата „не го дваме името“. А ако притисокот однадвор биде неиздржлив, тука е референдумот, на кој – знае премиерот – тој ист гладен народ ќе ја отфрли промената на името.

Популистот Груевски постојано си ја плакне устата со народот, народот решавал за ова, народот одлучува за ова и она – па дури и кој ќе бил премиер! Па ако е така, зошто преку референдум не го прашал народот за толкаво задолжување на земјата, за толкави кредити земени за криминални цели – за масовно корумпирање на разни слоеви од општеството, како начин да се опстои на власт. Или за стотици милони евра за „Скопје 2014“ – „проект“ за божемно враќање на достоинството на македонскиот народ, а всушност за негово натамошно ограбување – за да биде привилегираната Македонија уште „подебела“.

Позната е далматинската крилатица „крепат ма не молат“ (да се пцовиса ама да не се попушти), како израз на инает.

Во македонскиов случај, наместо инает (додуша го има и тоа), имаме гола манипулација со чувствата на мнозинството на граѓаните – етничките Македонци. Токму ним како да им порачува Никола Груевски: пцовисајте ама не го давајте името, не попуштајте. Во таа насока ќе биде и прашањето за можниот референдум, а сосема сигурно во него нема да има збор за последиците за мнозинството од граѓаните, чија беда може само да се зголеми.

Слика: Александар Ковачевски