Како се раздржавува Македонија!

19.05.2015 11:49
Како се раздржавува Македонија!

Ти си му дал држава, добро, не којзнае каква држава, но пристојна држава, држава во претсобјето на Европската унија, функционална држава, одржлива, а тој ја разглобува и прави митинг! Ти си му дал влада, собрание, министерства, судови, буџети, телевизии и весници, меѓународни инстанци, ти си му дал да води политика и инструменти и ресурси на таа политика и за таа политика, а тој полни возови и автобуси и прави митинг! Ти си му дал граѓани кои го трпат девет години, дури и грандиозниот митинг што го направија во неделата, меѓу другото, беше израз на тоа трпење, а тој им враќа со митинг против граѓаните, независно од тоа дали тие што тој ги мобилизирал ќе ги сметаме за граѓани, зашто се ограничени во волјата на најбрутален начин, што значи дека, сепак, не се! Ти си му дал една голема играчка, собен воз, на пример, а тој ти враќа едно тркалце.

Тој е како шумарот на кого си му дал цела шума, Пелистер, да речеме, со сите молики, дабови и јасени, со сета трева, со сите волци, мечки и овци, а тој ти враќа едно вретено.

Како Александар Трети Македонски да го разбудиш и да му ги дадеш денеска сите авиони, бродови, тенкови и сателити, сите хелихоптери, а тој да тргне на Персија со сто коња!

Како да го однесеш Павел Шатев на шопинг на „Симитски“, а тој да фати да потопува бродови во Солунскиот залив!

Како на Кирил да му дадеш Ајфон шест плус, а тој да земе да ти црта букви со лозова прачка во правливиот пат!

Какво раздржавување на Македонија!

Тоа е, драги пријатели!

Нашата мисија е да го спречиме!

Да му ја земеме шумата!

И играчката да му ја земеме!

Да му земеме сè што е наше!

А наше е сè!

Дури и неговата ќелија во „Идризово“ е наша!

Извор: Фејсбук профилот на авторот
Слика: Александар Ковачевски

Слични содржини

ОкоБоли главаВицФото