Последниот руски мит

20.04.2010 11:47
Последниот руски мит

Дека Путин денес нема алтернатива, тоа е исклучително опасно тврдење и за власта и за општеството во целост... И бидејќи целата таа гломазна политичка конструкција на современа Русија е обесена за тенката нишка на путиновиот мит, во таа смисла Путин стана нашето сè [1]. Тој е нашиот последен неприкосновен и бесмислен руски мит.

Сето она горенаведено само индиректно се однесува на реалната личност која нашите современици ја знаат под името Владимир Владимирович Путин. Тој, како и пратечките атрибути на неговата власт, на пример, „административната вертикала“ или младинското движење „Со заеднички чекор“ (Идущие вместе), е само еден од составните делови на целата таа конструкција.

Во удобната ладовина на путиновиот мит се сместила и бирократијата, охрабрена до таа мера од реакциите на нашиот добар народ што млацкајќи од задоволство почна да мечтае за можноста да не се менува овој историски мизансцен уште седум, седумнаесет или можеби дури и дваесет и една година.

(Цитати од статијата на авторот објавена на 27. 12. 2001 во Новая Газета)

Денес, по повеќе од десет години (не седумнаесет), се јави еден од водечките творци на путиновиот мит, Глеб Павловски, и речиси буквално го повтори моето одамна искажано предупредување. Но неговите формулации и тонот попрво наликуваат на уцена отколку на каење:

Путин не е само личност. Путин е државен мит на постоечкиот систем. Попрецизно да се изразам, без оглед на тоа што самиот мисли, Путин е еден вид цивилна замена за религијата. Дозволувам дека идејата ’ајде од нуклеарниот реактор да ги отстраниме графитните шипки и да видиме што ќе се случи’ е интересен експеримент, но попрво би стоел подалеку од тоа место... Путин е посебен вид неформална институција која нема да ја најдете во нашиот Устав. Во случај Путин да си замине, она што следува за нас е грдата форма на распад на политичкиот систем“, вели Глеб Павловски во разговорот со Владислав Иноземцев на страниците на московски The New Times.

Би било интересно да се дознае дали овој професионален провокатор со 30-годишен стаж, кој последниве десетина години толку грижливо создаваше мит од петроградскиот чиновник склон кон измами и крадење, разбира дека изрекол толку тешко обвинение против себе и своите соработници со последната реченица од изјавата.

Во манир на блефирач во карти, овие луѓе прво на вознемиреното општество му го покажаа воениот поход на Басаев на Дагестан, потоа уривањето на станбените згради во Москва и Волгодонск и „маневрите“ во Резањ, а потоа итро од ракавите извлекоа карта за „спасителот на нацијата“. Расадникот на „кадри“ на народот му го покажа својот нов воспитаник, младиот и енергичен офицер на служба, кој со строгите и кратки команди праќаше вооружени единици на Кавказ, сеејќи ужас и смрт меѓу терористите и непријателите на Русија која се креваше од коленици. Целата истоштена од дамнешната желба за „сопствен“ господар, женската душа на Русија своето внимание го премести од солидниот Евгениј Максимович Примаков на младиот херој-љубовник.

Но ниедно голо тело не може да го скрие голиот задник на конструкцијата на путиновиот мит кој денес пука од сите шевови. „Грдиот распад“ на овој мит, како што добро го опиша неговиот творец, беше впишан во него уште од самиот почеток. Денешната официјална пропаганда, кога е можно, не го споменува Кавказ, а што се однесува до „спасителот на нацијата“, откако ги исполни своите редови со обезбедувањето на викендашката задруга „Езеро“, се покажа дека тој попрво бил спасител на олигархијата отколку на нацијата.

Сега е доцна да се плашат децата со заминувањето на Путин. Точно е дека секоја вечер во прилозите на телевизија овој уморен и нервозен човек со темни подочници, со сè уште остар поглед ги сече своите противници, но истовремено е очигледно и дека митот за великиот и сакан Путин веќе се изгаснал.

Се покажа дека паролата „Путин мора да си замине“ стана фактор кој во многу поголема мера влијае на јавниот живот отколку што ние, неговите автори, очекувавме во мигот на нејзиното објавување. Она што уште на прв поглед изненадува е фактот дека меѓу многуте јавни одзиви на оваа парола, инаку често полни со груби и зајадливи забелешки на наша сметка, нема ниту еден единствен кој е напишан со цел да го заштити и оправда Путин. Меѓу нив се наоѓаат и такви кои со големо задоволство и чувство на интелектуална надмоќ подробно објаснуваат како требало и зошто, со кој стил и со какви зборови треба јавно да се разоткрие Путин. Има и такви кои сметаат дека тој е неважен во сето тоа и дека не треба ни да се споменува, и дека, всушност, „системот“ е оној против кој треба да се бориме. Но никој, вклучувајќи го и Павловски во неговата дискусија со Иноземцев, не се обиде да ни укаже барем на еден случај во кој Путин (и неговиот свет лик) заслужил да носи име на добротвор на оваа земја.

Но затоа Павловски, за разлика од својот соговорник Иноземцев, изгледа разбира дека со конечната елиминација на Путин модернизаторскиот проект на Медведев ќе се судри со непремостовите институционални проблеми. Од друга страна, Иноземцев е сосем во право кога претпоставува дека по заминувањето на Путин, „елитата“, која ќе биде изложена на продажба, многу брзо ќе се групира околу оној што ќе остане на врвот, на пример, околу Медведев. Но проблемот е во тоа што таа „елита“ ќе мора да најде начин како да му се „продаде себеси на општеството“.

Кога посериозно ќе се размисли, постојат само два начина да се „купи место“ во власта од „општеството“: победа на избори или создавање нов мит за саканиот водач. Најдобрите луѓе во градот (од Јургенс до Иноземцев) однапред и категорично, од истите причини кои веќе со години ги рекламира неуморниот „Руски Патриот – 2009“ Раѕиновски, не сакаат да признаат дека слободните избори се најдоброто решение. А што се однесува до митот за саканиот водач, самите сме сведоци за грдиот распад на неговата путинова инкарнација. Овојпат како ѓаволски приказ пред нас се укажа не само овој конкретен Наш Татко. По последново, така фарсично отелотворување, својот ѓаволски лик го покажа и самата идеја на Нашиот Татко, и повеќе не се можни никакви негови аватари.

Путин беше нашиот последен неприкосновен и бемислен руски мит.

 

[1] Путин е нашето сè. Непреводлива игра на зборови. Изразот „Пушкин – наше всё“ (Пушкин е нашето сè) првпат се појавил во 1859 г. во статијата на тогаш познатиот театарски критичар Аполон Григорјев. Овој израз често се користи и денес, не само за Пушкин, туку и кога се сака да се нагласи дека некој е исклучително важен. Исто така, кога на руски ќе се каже И всё, тоа значи дека на нешто му дошол крај, дека нешто е дефинитивно завршено.

Извор: Грани.ру

Слики: Владимир Дубосарский и Александр Виноградов

Слични содржини

Општество
Општество / Европа / Свет / Теорија
Општество / Европа / Став / Теорија
Општество / Став
Општество / Свет / Култура

ОкоБоли главаВицФото