Уметникот Аи Веивеи ја затвора изложбата во Данска во знак на протест за правата на бегалците

29.01.2016 17:10
Уметникот Аи Веивеи ја затвора изложбата во Данска во знак на протест за правата на беглаците

Кинескиот уметник дисидент Аи Веивеи ја затвори својата изложба во Копенхаген, во знак на протест поради новиот закон кој им овозможува на данските власти да ги искористат скапоценостите на барателите на азил.

Уметникот кој моментално престојува на грчкиот остров Лезбос и прави истражувања за бегалската криза во Европа, изјавил за Гардијан: „Моите искуства со бегалците во изминатите месеци беа интензивни. Гледам илјадници луѓе кои секојдневно доаѓаат. Деца, бебиња, бремени жени, стари жени, младо момче со една рака.
„Тие доаѓаат без ништо, и боси, на таков студ, мораат да поминуваат низ карпестата плажа. Потоа ги слушнав овие вести и тоа многу ме налути.“

„Начинот на кој можам да протестирам е да ги повлечам своите дела од таа земја. Тоа е многу едноставен гест, многу симболичен. Не можам да коегзистирам, не можам да застанам пред овие луѓе, и да ги гледам овие политики. Тоа е личен чин, многу едноставен. Чин на уметник кој не останува на тоа само да ги следи настаните, туку се обидува да направи нешто. Оваа одлука ја донесов сосема спонтано.“

Еден пост на неговиот официјален Инстаграм и Фејсбук профил гласи: „Аи Веивеи одлучи да ја затвори својата изложба насловена Ruptures, во Фондацијата „Фаршоу“, во Копенхаген, Данска. Оваа одлука следеше по одобрувањето на предлогот-законот на данскиот парламент, кој овозможува запленување на скапоценостите и одложување на семејните собири на барателите на азил.“ Изложбата беше отворена во март 2015 година и требаше да се затвори во средината на април.

Парламентот на Данска реформите ги усвои во вторникот во насока на одвраќање на мигрантите од намерата да бараат азил, со доцнењето семејства да бидат соединети и дозволувајќи им на властите да ги конфискуваат скапоценостите на мигрантите.
Законот предизвика меѓународна осуда, и реакции на многу активисти за човекови права кои го критикуваат одложувањето на семејните собири, како и прекршување на меѓународните конвенции.

Џенс Фарсшоу, сопственик на Фондацијата Faurschou во Копенхаген, изјавил: „Кога се разбудив денес, не очекував дека ќе добијам таков повик, но не бев изненаден од реакцијата на Аи.
„Тој ги гледал вестите во текот на ноќта и веднаш сакал да реагира. Не се обидов да го одвратам од намерата. Овој чин можеби не е толку голем, но има симболично значење. Овој начин на протест се шири низ Европа, а Данска е првата земја која планира да го усвои законот.“
„Што се однесува на гестот на Аи Веивеи, важно е да отвори дебата и да се искористи неговиот глас“ – вели Фарсшоу. „Тој станува Европеец, тој учествува во она што се случува овде, а истото го стори и во Кина.


„Луѓето ќе речат дека сето тоа нема влијание, но откако тој се фокусира на скандалот околу земјотресот во 2008 година, денес Кина прави нешто во врска со корупцијата. Тој има глас и го користи. Јас навистина му се восхитувам за тоа.“

Аи вели: „Примив многу критики од луѓето во Данска. Но, не го вперувам прстот на нив, има и други земји со одвратни политики.
„Во една прилика изјавив дека нашето општество не може да прави исклучоци, но наместо тоа ги намалува нашите стандарди за човекови права, и на несреќните луѓе не им дава никаква поддршка, морална или финансиска. Тоа е многу лоша проценка.“

„Мигрантите доаѓаат во оваа земја со многу мала помош, тие сакаат само основно човечко достоинство, без бомби, без страв. Тие жртвувале сè за да дојдат во земја каде што никој не ги разбира, и во која ги нарекуваат потенцијални криминалци. Тоа е голема навреда и неправда.

„Сакам да им укажам на сите оние влади кои вистински не се соочуваат со оваа хуманитарна криза. И не го решаваат проблемот, не наоѓаат начин како да се стави крај на оваа трагедија. Кризата не е завршена, сè уште трае. Ниту една држава не може да се огради од тоа.“

Најистакнатиот современ уметник во Кина, Аи Вивеи, помогна околу дизајнот на стадионот Bird’s Nest за Олимпијадата во Пекинг, и своите дела ги изложува низ целиот свет, но неговата уметност често ги разгневувала властите во Кина.

Во 2011 година Веивеи беше уапсен и остана во притвор 81 ден, поради неговото застапување за демократија и човекови права, како и критика на владата во Пекинг. По притворот, му беше одреден куќен притвор, и му беше одземен пасошот. Откако во јули минатата година му ги вратија документите, доби дозвола да патува во странство.
На почетокот на овој месец, по средбата со многу доселеници кои ги ризикуваа животите за да стигнат до Европа, тој ги објави плановите за правење на меморијал на Лезбос, со цел да се потенцира несреќата на бегалците.

Извор: www.theguardian.com

 

ОкоБоли главаВицФото